Европа
Леден бран над Европа, десет жртви во Полска, Босфор затворен, најстуден Божик во Москва

Во саботата во Европа се регистрирани поларни температури кои однесоа десет животи, во Истанбул донесоа снежна покривка и затворање на Босфор, а во Москва најстудениот Божик во последните 120 години.
Причината за поларниот студ кој на почетокот од викендов го зафати европскиот континент, и според најавите би требало да трае до недела, е поларниот фронт кои од Скандинавија продира во централна Европа.
Десет луѓе се смрзнале последните два дена во Полска, каде што температурите во некои делови од земјата паднаа и под минус 20 Целзиусови степени, соопшти во саботата државниот Институт за државна сигурност (RCB).
„Седум лица починаа од студ во петокот, кога се забележани и најмногу жртви годинава. Уште три лица починаа ден претходно“, изјави Божена Висоцка, портпаролката на Институтот и додаде дека со тоа „бројот на жртви од смрзнување од 1-ви декември се зголемил на 53“.
Бранот силен студ ја зафати Полска ноќта кон четвртокот Бројот на жртвите може да порасне во текот на викендот, имајќи предвид дека температурата ќе остане под минус 20 Целзиусови степени. Полицијата апелираше до Полјаците да бидат внимателни и да се засолната оние на коишто им се заканува хипотермија, особено бездомниците.
Руската престолнина каде што живата во термометарот се спуштила до минус 29,9 степени, а во околината до минус 33,4 Целзиусови степени според центарот Фобос, го славеше Божик на температури какви што не се регистрирани последните 120 години. Притоа се одбележува дека најниската температура за Божик во Москва е забележана во 1881 година кога биле измерени минус 35 степени.
Во „северната престолнина“ Санкт Петербург, каде што е забележана температура од минус 24 степени, полицијата нашла тело на маж кој се смрзнал ноќта кон саботата.
Турција е зафатена од снежна виулица којашто го парализираше мегалополисот Истанбул, каде што во саботата се откажани стотина летови во аеродромите, а прекинат е и сообраќајот преку Босфорскиот теснец. Сепак, метеоролозите најавуваат дека силниот ветар ќе стивне во текот на ноќта кон неделата, но дека температурите во Истанбул и следните денови ќе останат под нулата.
Во Бугарија, во близина на границата со Турција , откриени се телата на двајца илегални имигранта од Ирак, починати од студ. Во грчката престолнина Атина во саботата температурата е на нулата, а на северот од земјата до минус 15 степени.
Според сајтот Meteonews, и Швајцарија ноќта кон саботата била погодена од поларен студ. Така во Давос се измерени минус 19, во Берн минус 15,5 степени. Најниските температури оваа зима се измерени во петокот утрото во Ла Бревине, во масивот Јура, од минус 29,9 степени, на надморска височина од 1.000 метри. Ова село, инаку, го забележало апсолутниот рекорд по студ во Швајцарија, имено на 12-ти јануари 1987 година тау биле измерени минус 41,8 степени.
Студениот бран покрај Македонија, од петокот ги зафати и балканските земји, спуштајќи ги температурите и до минус 27 степени, главно во горските предел на Босна, и на југот и истокот од Србија. Но студот не ги спречи католичките верници во албанскиот град Драч, според традицијата да се искапат во морето по повод Богојавление, на температура од малку под нулата.
Во Франција, во прв ред во Париз и околината, температурата во текот на изминатата ноќ биле „изразено негативни“, од минус 3 до минус 11 степени, соопшти тамошната метеоролошка служба.
И во Германија ноќта кон саботата била најстудената досега оваа зима, па така во две села во Баварија се измерени минус 26, а во Берлин минус 15 степени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.