Европа
Организирана измама во центар за вакцинација во Виена
Во виенскиот „Австриски центар“, каде што илјадници луѓе секојдневно доаѓаат да ја примат вакцината против коронавирусот, полицијата открила организирана измама, пренесуваат медиумите во регионот.
На противниците на вакцинацијата во овој центар им било овозможено да добијат ковид-пасоши без да примаат вакцини.
„„Неколку црни овци“ се обиделе да се збогатат со фалсификувани потврди за вакцинација, а на противниците на вакцинацијата им биле издавани лажни пасоши за вакцинација. Тоа била организирана акција. Прво зеле пари од луѓето, а подоцна, без да бидат вакцинирани, ги внесувале во системот како имунизирани“, поврдиле од „Австрискиот центар“ за тамошните медиуми.
Според написите, во оваа измама биле вмешани повеќе лица, кои работеле на различни пунктови во процесот на вакцинација.
Во посебни кабини, во пасошите за вакцинација биле внесувани печати со потврдата за вакцинација, пренесуваат агенциите.
Случајот бил откриен бидејќи кај еден администратор биле пронајдени невообичаено голем број вакцини.
Меѓу осомничените нема лекари, а откриените измамници се отпуштени и против нив е поднесена пријава, соопштиле од центарот.
Во „Австрискиот центар“ се преземени дополнителни безбедносни мерки за да не се повторат слични работи.
Докторката Ивет Закаријан за виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“ изјавила дека и самата била сведок дека припадник од обезбедувањето внел печат и залепил потврда во ковид-пасош.
Навела и дека имало проблеми со кражба на лекарските печати, кои исчезнале кога лекарите излегле на пауза за ручек.
Поради овој проблем воведен е нов систем, според кој печатите се бројат секојдневно и се издаваат на лекар со потпис и мора да се враќаат при секоја пауза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

