Европа
Осум лица во Германија се осудени за создавање нелегални интернет-страници

Германски суд осуди осум лица за создавање нелегален центар за обработка на податоци во поранешен воен бункер.
Во тој нелегален центар се наоѓале таканаречените хостови на интернет-страници, кои се користат за продажба на дрога и други нелегални активности. Хост е уред поврзан на интернет што нуди простор за корисниците да креираат страници.
Центарот во поранешниот бункер во Трабен-Тарбах во западна Германија беше затворен во септември 2019 година по полициска рација.
Судот во Трир денеска ги осуди сите осуммина обвинети за формирање и членство во криминална организација.
На крајот од судскиот процес, кој траеше повеќе од една година, главниот осомничен беше осуден на затворска казна од пет години и девет месеци.
Другите се осудени на четири години и три месеци затвор до една година условна казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Голем шумски пожар во Шпанија, евакуирани над 1.500 лица

Голем шумски пожар избувна во четвртокот на истокот на Шпанија во Вилануева де Вивер, во провинцијата Кастелон, недалеку од Валенсија.
Опустоши околу 4.000 хектари шума, а од загрозената област беа евакуирани околу 1.500 луѓе.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се распоредени за да го стават огнот под контрола во близина на селото Вилануева де Вивер, соопшти денеска шпанската служба за итни случаи, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири и на други подрачја. Властите објавија дека се истражуваат причините за пожарот, објави шпанскиот весник „Ел Паис“.
Европа
Берлин планира да протера над 30 руски дипломати, Москва подготвува остар одговор

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, планира да протера повеќе од 30 руски дипломати акредитирани во Берлин, додека од Москва велат дека веќе имаат подготвен одговор.
Според германските безбедносни власти, руските дипломати го користат својот имунитет за илегално да регрутираат германски доушници од светот на политиката, бизнисот, науката и војската.
Информаторите, меѓу другото, се користат и за диверзантски и дезинформациски операции.
Ако Германија протера руски дипломати, Москва ќе реагира жестоко, одговорот е веќе готов, изјави за Спутник извор од руското Министерство за надворешни работи.
Европа
Напад со нож и рачна бомба во Берлин, има повредени

Германската полиција објави дека 61-годишен осомничен напаѓач е уапсен по напад со нож и рачна бомба во Берлин, пришто се повредени три лица.
Напаѓачот во петокот вечерта активирал граната во влезот на станбена зграда во населбата Рајникендорф во главниот град на Германија и ранил две жени на возраст од 42 и 48 години, како и еден 61-годишен маж, пренесува АП.
Во полицискиот извештај се наведува дека по детонацијата, осомничениот притрчал кон жртвите и ги нападнал и ги ранил со нож.
Сите три жртви се пренесени во болница, но животот на повредениот е во опасност, се вели во полициското соопштение. Напаѓачот веднаш по нападот побегнал, но набрзо е приведен.