Европа
Папата најави посета на Грција и Кипар, сака да ги зајакне односите со православната црква

Папата Франциско утре ќе отпатува во петдневна посета на Кипар и Грција за да ги зајакне односите со православната црква и да предупреди на страдањата на мигрантите.
Неколку недели пред неговиот 85-ти роденден и неколку месеци по операцијата на дебелото црево во јули, и покрај пандемијата на коронавирус, папата е повторно на пат да ги промовира двата приоритета од неговиот мандат.
Првата станица е Кипар од 2 до 4 декември, а потоа ќе помине два дена во Грција. И двете земји се претежно православни, но таму живеат и десетици илјади католици. Папата ќе одржи десетина говори на патувањето и ќе има серија средби со политичките и верските лидери, меѓу кои и Јероним Втори, поглаварот на Грчката православна црква.
Во крајно симболичен чин, папата Франциско на 5 декември повторно ќе го посети островот Лезбос, важна точка за влез на мигрантите во Европа, каде што во април 2016 година ја изговори познатата реченица: „Сите ние сме мигранти“.
Папата треба уште еднаш да го сврти вниманието на светот кон миграциската криза, која ја смета за најтешка хуманитарна катастрофа од Втората светска војна.
Тој планира да пренесе хуманитарна, а не политичка порака на Лезбос, рече Јозеф Принтезис, надбискуп на епархијата што ги опфаќа грчките острови во Егејското Море.
„Тој сака да ја подигне свеста на европските граѓани за бегалците, бидејќи Медитеранот е полн со удавени луѓе“, додаде Принтезис.
Посетата на Атина ќе се фокусира и на дијалогот со православните христијани.
„Папата сака да ги зајакне односите со православната заедница“, рече ватиканскиот експерт Марко Полити, додавајќи дека Франциско изразува братство кон православните верници.
Првата станица на патувањето на папата е Кипар каде што папата треба да повика на единство и мир, изјави извор од Ватикан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Руската армија: Не планираме втор бран мобилизација, имаме доволно војници

Руските вооружени сили не планираат втор бран мобилизација, а повикот за задолжителна воена служба е дел од рутинската програма за регрутирање, објавија денеска официјални лица.
„Би сакал да нагласам дека плановите на Генералштабот не вклучуваат втор бран мобилизација“, изјави Владимир Цимљански, претставник на Генералштабот на руските вооружени сили.
Тој додаде дека Министерството за одбрана има доволно војници за да ги исполни своите цели и дека регрутите ќе ја служат воената служба само на постојани пунктови во Русија.
Руското Министерство за одбрана традиционално повикува мажи на задолжителна воена служба двапати годишно, напролет и наесен.
Мобилизацијата е поинаков процес во кој се повикуваат резервните сили и другиот воен персонал во случај на вонредна или воена состојба.
За потсетување, рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша указ со кој се повикува на задолжителен воен рок за време на пролетниот воен рок за 147.000 граѓани на возраст од 18 до 27 години, пренесе „Индекс.хр“.
Европа
Лукашенко предложи прекин на огнот во Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко предложи денеска да се прогласи прекин на огнот во Украина и да се воспостави примирје, при што ниту една од страните нема да има право да ги прегрупира своите трупи.
„Ќе го преземам ризикот да сугерирам дека воените активности во Украина треба да престанат без право на страните да распоредуваат опрема и да ги прегрупираат силите“, рече Лукашенко во обраќањето до граѓаните и парламентот, а пренесува ТАС С.
Лукашенко изјави дека не треба да има предуслови за прекин на огнот, пренесува белоруската новинска агенција „Белта“.
Европа
Матео Салвини: Франција ги отфрла мигрантите, но ги задржува терористите

Вицепремиерот и министер за транспорт на Италија, Матео Салвини изјави дека е срамота што владата на францускиот претседател Емануел Макрон не прифаќа мигранти, туку ги задржува терористите.
Тој го изјави ова откако францускиот суд одби да испорача 10 поранешни члена на терористичката група „Црвени бригади“ во Италија, кои, и покрај тоа што италијанските судови ги осудиле на разни степени на казна, вклучително и доживотен затвор за крвни злосторства, се засолниле во Франција, пишува „Еурактив“.
„Тоа е срамота. Ги напушта децата на границата Вентимилија во шумата и ги задржува терористите што треба да бидат во затвор во Италија“, рече Салвини за француската полиција, која вели дека систематски ги враќа назад мигрантите без документи, кои се обидуваат да ја преминат италијанската граница преку шума или со воз.