Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Путин му одговараше на новинар на Би-би-си, го нападна Западот, а на едно прашање почна да се смее
Рускиот претседател Владимир Путин не ги негира американските тврдења дека Северна Кореја испратила војници во Русија, но рече дека Москва треба да одлучи за спроведувањето на одбранбениот договор со Пјонгјанг обвинувајќи го Западот за ескалација на војната во Украина.
Еден ден претходно, САД изјавија дека имаат докази за пристигнувањето речиси 3.000 севернокорејски војници во Русија, кои би можеле да бидат распоредени во Украина, што западните земји би го сметале за сериозна ескалација на конфликтот.
Запрашан од новинарите за сателитските снимки на кои се гледа движењето на севернокорејските војници, Путин коментира: „Фотографиите се сериозна работа“.
„Ако има фотографии, тие кажуваат нешто“, додаде Путин.
Потоа тој посочи дека офицери и инструктори на НАТО се директно вклучени во конфликтот во Украина тврдејќи дека токму Западот придонесува за ескалација на украинската криза.
„Знаеме кој е присутен таму, од кои земји од ЕУ и НАТО и како тие ја работат оваа работа“, рече Путин. Во исто време, тој тврди дека руската армија напредува по целата линија на фронтот и дека значителен број украински војници биле фатени во стапица во Курск.
„Подготвени сме да ја разгледаме секоја опција за мировен договор, но само врз основа на реалната ситуација на теренот. Не сум подготвен за ништо друго“, рече Путин.
На прес-конференцијата еден од клучните моменти беше кога портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, му даде збор на новинарот на Би-би-си, Стив Розенберг, кој директно го предизвика Путин со прашања.
„Редок гостин деновиве“, рече Песков претставувајќи го Розенберг.
„Ја прочитав декларацијата на БРИКС; таа зборува за глобална стабилност, регионална стабилност и безбедност и фер свет. Тоа е мотото и на овој самит“, рече Розенберг. „Но, како ова се совпаѓа со вашите постапки во изминатите две и пол години? Каде се правдата, стабилноста и безбедноста? Вклучувајќи ја и безбедноста на Русија. Пред почетокот на специјалната воена операција руските територии не беа нападнати со беспилотни летала, руските градови не беа бомбардирани, а странските сили не ја окупираа територијата на Русија“, го праша Путин новинарот на Би-би-си.
„Првин ќе зборувам за безбедноста на Русија бидејќи тоа е моја одговорност. Вистина е, ова не се случило порано. Но поради ситуацијата со Западот… Нашите постојани обиди да ги поправиме односите со западните земји не доведоа до ништо. Да не постапевме, тоа ќе нѐ принудеше да се повлечеме и да го предадеме нашиот народ. Тоа би довело до голема загуба на суверенитетот на нашата земја. Ние би престанале да постоиме. Русија престанува да постои ако го загуби суверенитетот, тоа е најважната точка. На Русија ѝ требаат суверенитет и независност во финансиите, војската и така натаму. И ние треба да размислуваме за нашиот развој во иднина. Мора да работиме со партнери, како оние во БРИКС, кои ја почитуваат независноста на Русија, ги почитуваат нашите традиции и вредности“, рече Путин.
Потоа го спомена коронавирусот, при што, како што тврди, САД и ЕУ предизвикале глобална инфлација.
„Во однос на правдата, што е фер? Погледнете ја ситуацијата со коронавирусот. За време на пандемијата САД издадоа пари во износ од речиси 6 трилиони долари, а еврозоната издаде 3 трилиони долари и сите овие средства беа фрлени во глобалниот пазар со цел да се купат разни работи“, рече Путин.
„Инфлацијата почна на глобално ниво. Што направија водечките светски економии? Тие ја искористија својата ексклузивна позиција во глобалните финансии – за доларот и за еврото. Тие печатеа пари и буквално ги цицаа најважните стоки од пазарот како правосмукалка. Дали е тоа фер? Ние веруваме дека не е. И ние сакаме да ја промениме оваа ситуација. Токму тоа го правиме во БРИКС“, додаде тој.
Потоа ги нападна НАТО и политиката на западните земји во Украина.
„Во однос на безбедноста, да ве прашам, дали е фер што со години им се жалевме на нашите западни партнери да не го прошируваат НАТО на исток? Дали е фер што нѐ лажеа ветувајќи дека нема да се случи такво проширување? Дали е фер што влегоа во нашиот двор и почнаа да градат воени бази?
„Дали е фер да се изврши државен удар во Украина во 2014 година игнорирајќи ги сите принципи на меѓународното право и Повелбата на ОН? Тие го финансираа државниот удар во Украина туркајќи ја ситуацијата во запалива фаза. Дали е фер во однос на глобалната безбедност? Им рековме, не правете го тоа, ја загрозувате нашата безбедност. Тие го направија во секој случај. Дали е тоа фер? Поентата е дека нема правда. Сакаме да го промениме тоа. И ние ќе се промениме“, одговори Путин.
Репортерот на Би-би-си му постави уште едно прашање во кое тој го праша Путин за разузнавачките извештаи од британската МИ 5, а во кои се тврди дека руската разузнавачка агенција спроведува операција, чија цел е создавање „траен хаос на улиците на Британија и Европа“.
Путин се насмеа на овие тврдења и рече: „Ви благодарам што ме потсетивте на тоа. Тоа е чиста глупост, целосна глупост, тоа што го кажува МИ 5. Тоа што се случува на улиците во Европа е резултат на домашната политика. Ние многу добро знаеме за рецесијата во европските земји и за ниските стапки на раст. Што имаме ние со тоа? Ова е внатрешната политика на европските земји. Ја отфрлаат руската енергија, што имаме ние со тоа? Подготвени сме за снабдување. Се работи само за притискање копче и сѐ би се случило. Нема да именувам имиња, но еден од моите колеги направи дел од германската економија целосно зависна од САД. Што имаме ние со зголемените трошоци за живот во ЕУ“, рече Путин.
Тој додаде дека ова е само обид да се префрлат проблемите на Европската Унија во Русија и оти, всушност, станува збор за погрешни економски одлуки на Европската Унија. Тој исто така спомна дека некои политички лидери во ЕУ ја злоупотребуваат еколошката агенда и му наметнуваат на светот, на пример, на африканските земји, откажување од фосилните горива и дека „ги понижуваат, а потоа ги оптоваруваат со заеми“.
„Тоа е само нова форма на неоколонијализам“, рече Путин.
Европа
(Видео) Путин до Додик: Мило ми е што те гледам повторно, ние сме братски народи
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, синоќа, во Казан, се сретна со рускиот претседател, Владимир Путин.
Путин му посака добредојде на Додик во градот Казан и истакна дека се надева оти присуството на самитот на БРИКС е корисно, пренесува „Кликс.ба“.
„Се надевам дека имавте добри и корисни контакти за време на овој настан“, рече Путин.
Додик се заблагодари за пречекот и можноста да види како изгледа средба од ваков формат и изрази желба Република Српска да биде вклучена во некои од формите на БРИКС.
Увијек је посебно задовољство сусрести се с великим свјетским лидером и искреним пријатељем Српске, предсједником Руске Федерације Владимиром Путином.
Односи Републике Српске и Русије су на никад бољем нивоу, чврсто утемељени нашим добрим и пријатељским везама.
На састанку је… pic.twitter.com/2j3t86mgBe
— Милорад Додик (@MiloradDodik) October 24, 2024
„Со нетрпение го очекувам вашиот напредок на економски план, тоа покажува дека воведените санкции не ги даваат посакуваните ефекти“, рече Додик и го информира претседателот Путин за американските санкции што му беа воведени нему и на официјалните претставници на РС.
Наводно, Додик му рекол на Путин дека пред два дена одбил воведување визи за руските граѓани и го информирал за приказните за наводните логори во РС.
Тој рече дека ЕУ го условува натамошниот напредок на БиХ на европскиот пат со барања, како што е воведување визи за Русите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „важно е соработката со Република Српска да биде од практична природа и да се развива во духот на заемно почитување, како што треба да биде меѓу братските народи“, пренесува „РИА новости“.
Тој додаде дека политичките контакти меѓу Русија и Република Српска се прошируваат.
Во разговорот со претседателот на РС, Путин истакна дека е запознаен со тешкотиите со кои се соочува Република Српска и низ какви искушенија треба да помине.
„Сигурен сум дека со вашиот карактер и фокусираноста на граѓаните кон заштитата на националните интереси ќе се надминат сите тешкотии. Мило ми е што повторно ве гледам“, рече Путин.
Тој изрази надеж дека учеството во БРИКС е корисно и дека Додик има корисни деловни контакти.
Путин додаде дека времињата се менуваат и ситуацијата во светот се менува.
Европа
Украина: Севернокорејските војници пристигнаа во Курск, се приклучија на војната
Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана (ГУР) објави дека севернокорејски воени единици се распоредени во руската област Курск, односно во зоната на конфликт меѓу украинските и руските војници, пренесува „Анадолија“.
ГУР објави дека севернокорејските трупи, обучени во Русија, се вклучиле во војната против Украина.
Според украинските разузнавачи, околу 12.000 војници од Северна Кореја се испратени во Русија, меѓу кои 500 офицери и тројца генерали. Во соопштението се наведува дека војниците се опремени со муниција, постелнина, зимска облека, обувки и средства за хигиена.