Европа
Полскиот министер го прозва Шолц: Се обидува да се меша во парламентарните избори

Полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, го обвини германскиот канцелар Олаф Шолц дека се обидува да се меша во парламентарните избори во Полска следниот месец.
Обвинението доаѓа откако Шолц изрази загриженост дека Варшава наводно толерира нелегална визна шема за мигрантите што доаѓаат надвор од ЕУ.
„Последната изјава на германскиот канцелар Олаф Шолц ги нарушува принципите на суверена еднаквост на земјите, што е еден од темелите на добрососедските односи и пријателската соработка со Полска“, напиша Рау на социјалната мрежа „Икс“.
Тој нагласи дека внатрешните работи на Полска се надвор од надлежностите на германскиот канцелар.
„Изјавите во врска со ова укажуваат на обид за мешање во внатрешните работи на Полска и во изборната кампања во земјата“, истакна Рау и го повика Шолц да го почитува суверенитетот на Полска и да се воздржува од изјави што им штетат на односите меѓу двете земји.
Шолц претходно побара објаснување од Варшава во врска со наводите дека полската влада толерирала илегална визна шема во која се вклучени мигранти од земји што не се членки на ЕУ. Тој се изјасни за спроведување дополнителни мерки на границата со Полска, а германското МНР го покани полскиот амбасадор во Берлин на разговор за тоа прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин патува надвор од Русија, Песков: Ќе го нема само 24 часа

Рускиот претседател Владимир Путин планира утре да ги посети Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, изјави денеска неговиот портпарол, без да ги потврди гласините за можна посета на климатската конференција COP28 во Дубаи.
Еден ден подоцна, во четврток, Путин ќе биде домаќин на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во Москва, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Патувањето ќе трае само 24 часа“, изјави Песков за руската новинска агенција Интерфакс.
Работните посети на двете земји ќе бидат фокусирани на билатералните односи, но ќе се разговара и за натамошна координација на пазарот на нафта, додаде Песков. Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков вчера ги најави работните посети на Путин, но не го прецизираше денот, ниту пак даде дополнителни детали.
Неодамна, Организацијата на земјите извознички на нафта, чиј член е Русија, одлучи дополнително да го намали производството на нафта со цел да ги одржи високите цени. Но, и покрај таа одлука, цената на нафтата продолжува да паѓа. Запрашан за тоа, Песков објасни дека е можно потоа да се види ефектот од таквите одлуки. Координацијата на мерките за стабилизирање на пазарот секако ќе продолжи, рече тој.
Европа
Потрага во Европа: исчезна 13-годишната Емили, тинејџерката е изгубена во Германија

Од четвртокот семејството на 13-годишната Емили Хофман живее меѓу стравот и надежта.
Тој ден исчезна ученичката од Ленгенфелд унтер Штајн во Германија. Полицијата сега ја проширува потрагата по неа и надвор од националните граници.
„Претпоставуваме дека Емили е жива“, изјави полицискиот началник Кевин Клемен за „Bild# во понеделникот. Во моментов нема докази за тешко кривично дело.
Според моменталната состојба на истрагата, извесно е дека Емили во четвртокот попладне со воз се качила од железничката станица Милхаузен до Лајнфелд им Ајхсфелд пренесува „Телеграф“.
„Сведоците го видоа девојчето на железничката станица Лајнфелд, нашите кучиња трагачи можеа да ја потврдат трагата таму“, објаснува Клемен.
Полицијата верува дека Емили можеби патувала со воз или автобус.
„Каде отиде потоа сè уште не е познато. Затоа е распишана потерница во Шенген зоната“, додаде тој.
Мобилниот телефон на Емили е исклучен од четвртокот попладне.
„Сè уште имаше 71 отсто батерија“, рече Кевин.
Кога исчезнала без трага, покрај мобилниот имала само паричник со 30 евра. Ученичката во четвртокот во 17 часот требало да ја земе член на семејството на пазарот Пени во Милхаузен, но таа не се појавила.
Последен пат ја видел пријател на автобуската станица во Милхаузен во 14 часот и 30 минути.
Европа
Јохансон: ЕУ се соочува со огромен ризик од терористички напади

Европската унија во моментов се соочува со зголемен ризик од тероризам поради војната во Газа, изјави денеска еврокомесарката за внатрешни работи на Европската комисија, Илва Јохансон.
„Со војната меѓу Израел и Хамас и поларизацијата што ја предизвикува во нашето општество, со претстојната празнична сезона, постои огромен ризик од терористички напади во Европската унија“, рече комесарот пред состанокот на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Брисел.
Јохансон се осврна на нападот со нож во Париз во саботата во кој беше убиен германски турист, а двајца други беа повредени, како и претходните напади. Комесарката најави дека „ќе стави на располагање дополнителни 30 милиони евра за заштита на, на пример, верски објекти“.
Министрите на ЕУ треба да разговараат за безбедноста во блокот во светло на војните на Блискиот Исток и Украина. На дневен ред се и дебатата за Шенген зоната и напредокот во реформите на политиката за азил и миграција.