Европа
Шефицата на Европската комисија првпат стана баба
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, на социјалните мрежи објави дека првпат станала баба.
Поранешната германска министерка за одбрана и мајка на седум деца објави фотографија од себе и внуката со опис дека е горда баба и дека станува збор за магичен момент.
„Првиот пат кога ќе ја прегрнеш својата внука е еден од оние моменти што те потсетува на она што е навистина важно во животот“, напиша таа.
Со сопругот, лекар и академик Хеик фон дер Лаен, таа израсна седум деца.
Пред да застане на чело на Европската комисија, таа водеше три оддели во германската влада – одбрана, труд и семејство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лукашенко: „Орешник“ пристигна во Белорусија, подготвен е за напад
Белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека рускиот ракетен систем „Орешник“ пристигнал во Белорусија и веќе е ставен во борбена готовност. „Тој е тука од вчера и е ставен на борбена должност“, рече Лукашенко во својот говор, како што објави белоруската државна новинска агенција БелТА.
Објавата доаѓа само еден ден откако лидерот на Кремљ, Владимир Путин, изјави дека балистичкиот ракетен систем „Орешник“ ќе биде ставен на борбена должност до крајот на 2025 година.
Во говорот на 21 ноември, Путин индиректно ги потврди извештаите дека Русија користела ракета со среден дострел „Орешник“ за време на нападот врз градот Днепар истиот ден. САД подоцна официјално потврдија дека Русија го нападнала Днепар утрото на 21 ноември со балистичка ракета изведена од интерконтинентална балистичка ракета РС-26 Рубеж.
Украинските воздухопловни сили претходно објавија дека Русија користела интерконтинентална балистичка ракета за време на нападот, а извори на Украинска правда рекоа дека можеби станува збор за ракета „Рубеж“, потенцијален носач на нуклеарни боеви глави. На 22 ноември, Одбранбената разузнавачка служба на Украина (ДИУ) соопшти дека Русија лансирала балистичка ракета, веројатно од системот Кедр.
Кон крајот на ноември, Путин го објави почетокот на масовното производство на системот „Орешник“ и рече дека може да се користи за удар врз „центрите за донесување одлуки во Киев“.
Европа
(Видео) Зеленски: Искористете ги руските средства за одбрана, не плашете се од закани
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по денешната прес-конференција во Брисел, се огласи на социјалните мрежи за дополнително да го разјасни својот повик за користење на замрзнатите руски средства за одбрана од агресија.
Во серија објави на платформата Икс, повторувајќи ги клучните пораки од неговиот говор пред Европскиот совет, Зеленски порача дека Русија изгубила „сè што се обидела да искористи за да се заканува или скрши“ на Киев и Европа. „Ако сите постигнавме толку многу, тогаш како може Европската Унија да се скрши сега?“, праша тој.
At the EU Council meeting I said: just like authorities confiscate money from drug-traffickers and seize weapons from terrorists, Russian assets must be used to defend against Russian aggression and rebuild what was destroyed by Russian attacks. It’s moral. It’s fair. It’s legal. pic.twitter.com/y9npXV6AH8
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) December 18, 2025
Според него, одлуката за користење на руските средства е една од најважните пред Унијата. „Одлуката што сега е на маса – одлуката целосно да се користат руските средства за одбрана од руска агресија – е една од најјасните и морално оправданите одлуки што некогаш можат да се донесат“.
Зеленски нагласи дека тоа мора да биде суверена одлука на Европа, а не на некој однадвор, и дека со текот на времето ќе ја докаже својата исправност. „И ако – или кога – се донесе оваа одлука за целосно користење на руските средства за одбрана од руска агресија, тогаш со текот на времето ќе им стане јасно на сите – ова беше вистинскиот избор и ја направи Европа посилна.“
Тој се осврна и на руските закани насочени кон земјите што ја поддржуваат оваа иницијатива. „Знам дека Русија ги заплашува различните земји поради оваа одлука. Но, не треба да се плашиме од заканите – треба да се плашиме од слабата Европа“, рече тој.
На крајот, тој истакна дека Европската Унија би можела да има директна економска корист од ова, бидејќи парите би се користеле за финансирање на купување оружје произведено во европски компании.
Европа
Русите им се заканија на европските банки
Централната банка на Русија објави дека ќе поднесе тужби против европските банки во руски арбитражен суд, барајќи надомест за обидот за користење на нејзините замрзнати средства. „Во согласност со претходно споменатиот став за заштита на своите интереси, Банката на Русија објавува дека ќе бара надомест од европските банки во руски арбитражен суд за загуби предизвикани од нелегалното блокирање и користење на нејзините средства, во износ на нелегално замрзнатите средства и изгубениот приход“, се вели во соопштението на регулаторот.
Поголемиот дел од замрзнатите руски средства се депонирани на сметките на белгискиот депозитар Euroclear. Билансот на Euroclear Bank покажа вкупна вредност од 227 милијарди евра на крајот на септември, вклучувајќи 193 милијарди евра „поврзани со санкционирани руски средства“.
Руската централна банка поднесе тужба против Euroclear во московскиот арбитражен суд кон крајот на минатата недела поради „нелегални дејствија“ и плановите на Европската Унија да ги користи руските замрзнати средства, барајќи исплата од 18,1 билиони рубљи (192,2 милијарди евра), според канцеларијата за односи со јавноста на московскиот суд.
Дипломатите на ЕУ изјавија за Euractiv дека околу 18 милијарди евра од замрзнатите средства се чуваат на сметки кај група француски приватни банки. Уште неколку милиони се во германски банки, а десетици илјади евра се на банкарски сметки во Шведска, Кипар и Луксембург, соопшти Euractiv.
Фајненшл тајмс објави, повикувајќи се на неименувани извори, дека околу седум милијарди евра се чуваат и на сметки кај приватни банки во Белгија.

