Европа
Старџен: Сакаме независност но прво крај на пандемијата потоа референдум

Премиерката на Шкотска, Никола Старџен, денес изјави дека нема веднаш да предложи референдум за независност, бидејќи сака земјата прво да се ослободи од пандемијата со Ковид-19.
„Не верувам дека треба да предложиме референдум во овој момент“, изјави Старџен пренесува Ројтерс.
Таа додаде дека верува во независност.
„Сакам Шкотска да биде независна, но прво мора да ја извлечеме земјата од корона кризата“, рече таа.
Партијата во која е Старџен, Шкотската национална партија, вети дека ќе одржи нов референдум за независност до крајот на 2023 година, доколку победи на изборите закажани за 6 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Оланд: Путин не е луд, туку е радикално рационален

Поранешниот француски претседател, Франсоа Оланд, смета дека рускиот претседател Владимир Путин не е луд, туку радикално рационален лидер, кој е убеден дека западните земји ќе се изморат од испраќање помош за Украина и дека преговорите ќе донесат крај на конфликтот, кој ќе биде поволен за Русија.
Оланд беше претседател од 2012 до 2017 година и има големо искуство од прва рака со Путин.
„Тој (Путин) е радикално рационална личност или рационално радикална личност, што сакате. Тој има свое мислење во рамките на кое е подготвен да употреби сила“, изјави поранешниот француски лидер за „Политико“.
Пред одбележувањето една година од руската инвазија на Украина, која почна на 24 февруари, Оланд додаде дека Путин ќе се обиде да ги „консолидира своите успеси со цел да го стабилизира конфликтот надевајќи се дека јавноста ќе се замори и дека Европејците ќе се плашат од ескалација сè со цел во таа фаза од војната да се спомене можноста за преговори“.
Оланд смета и дека овој пат улогата на посредник кај Путин ќе падне на Кина или Турција.
Оланд беше еден од најнепопуларните француски претседатели додека беше на функцијата, со ниски едноцифрени рејтинзи. Но, сега тој е вториот најпопуларен политичар, пет места пред Макрон.
Европа
(Видео) Лавина погоди ски-центар на Хималаите, при што загинаа двајца туристи од Полска

Двајца скијачи загинаа, а 19 извесно време беа затрупани под снегот кога лавина погоди популарен ски-центар на Хималаите.
Огромна лавина зафати 21 турист и двајца водичи од Кашмир.
Двајца скијачи од Полска загинаа, а спасувачките екипи ги извлекоа преостанатите туристи.
Туристите скијаа во планините во близина на градот Гулмарг. Почнавме спасувачка акција. Досега најдовме две тела“, соопшти локалната полиција додавајќи дека службите спасиле 19 странски туристи и двајца локални водичи, пренесува „Дневна пошта“.
Планинскиот венец Пирпанџал е популарна скијачка дестинација за Индијците и за странците. Во 2010 година најмалку 17 индиски војници загинаа таму кога лавина ги погоди членовите на военото училиште за време на вежби.
Лавините и одроните се вообичаени во Кашмир. Во текот на 2017 година лавина ја затрупа индиската армија во три одделни наврати, при што загинаа најмалку 20 војници, а во 2012 година голема лавина во Кашмир, контролиран од Пакистан, уби 140 луѓе, вклучувајќи 129 пакистански војници.
Европа
Кремљ: Помошта од САД за Киев директен пат кон зголемена тензија и ескалација

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за разговори меѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и американскиот претседател, Џозеф Бајден.
„Засега нема планови за разговори меѓу Путин и Бајден. Нашата главна цел е да ја продолжиме специјалната воена операција, односно да ги исполниме нашите задачи поставени од шефот на државата“, изјави Песков за новинарите.
Тој го коментира и новиот пакет-помош од САД за Киев, кој го карактеризира како директен пат кон зголемена тензија и ескалација, но додаде дека тоа нема да го промени текот на настаните.
„Да, тоа е директен пат кон зголемување на тензијата, зголемување на степенот на ескалација, го гледаме тоа, бара дополнителни напори од нас. Сепак, уште еднаш, тоа нема да го промени текот на настаните, специјалната воена операција ќе продолжи“, нагласи Песков.
Претходно, агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека САД подготвуваат пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари, а првпат може да вклучи и ракети со двојно поголем дострел од досегашните испорачани.