Европа
Статуа стара околу 11.500 години е запленета во Измир, Турција

Во акцијата насочена против шверцерите на антиквитети во турскиот град Измир, запленета е статуа од периодот од 9.500 години пред нашата ера, јавуваат агенциите.
Полициската управа во Измир соопшти дека екипи на Службата за борба против криумчарење утврдиле дека шверцерите од Мардин ќе го донесат антиквитетот во Измир.
Во организираната акција е одземена статуа висока 70 сантиметри и широка 30 сантиметри, за која се проценува дека потекнува од праисторискиот период, односно од периодот 9.500 години пред Христа.
Статуата има слични карактеристики на оние пронајдени за време на археолошките ископувања во други делови на земјата, вклучувајќи го и популарниот локалитет Гобеклитепе.
Статуата е предадена на Дирекцијата за музеи во Измир, а три лица се приведени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Медениот месец на Џонсон на Балканот: 640 евра за ноќевање и пршута од мечка

Британскиот премиер во заминување со сопругата Кери го поминал медениот месец во Словенија, а деталите од нивниот раскошен одмор ја шокирале британската јавност која е соочена со зголемена стапка на инфлација, пишуваат медиумите во регионот.
Според написите, Џонсон и неговата сопруга Кери го поминале својот мини меден месец по свадбата во еко-хотел во оддалечените планини на Словенија.
Тие, според напишаното од агенциите, престојувале во вилата Планинка која се наоѓа на 30 минути од Љубљана. „Хотел со пет ѕвезди, каде цените се движат до 640 евра за ноќ, на своите гости им нуди вегански тоалети и вода со „највисока содржина на магнезиум во Словенија“.
Ниту една од 23-те соби нема телевизор, а Wi-Fi е достапно само во лобито, додека во собите се инсталира само доколку гостите го побараат тоа.
По заминувањето на Џонсон, сопственичката на хотелот Катја Батајељ и нејзината ќерка Лана за „Телеграф“ изјавиле дека тој бил еден од најпријатните гости.
„Беше воодушевен од храната и пијалокот. Да беа сите гости како него, ќе бевме среќни“, изјавила сопственичката на хотелот.
Според неа, брачниот пар Џонсон сакал да планинари, а пливале и во локалното езеро и посетиле пештери.
Ресторанот, анализираат медиумите, за своите гости во менито се потпира на локалниот див свет почнувајќи со „образи од мечки“ и „пршута од мечка“ на менито за дегустација, кое се состои од седум јадења по цена од 78 евра (66 фунти).
Кога во јавноста излегоа деталите за одморот на Џонсон, Британците реагираа прилично бурно. Имено, додека сега веќе поранешниот премиер ноќеваше во луксузен хотел во Словенија за 640 евра, стапката на инфлација во Британија достигнува историски максимум, пишуваат тамошните гласила.
Годишната стапка на инфлација во Велика Британија го достигна највисокото ниво во последните 40 години, бидејќи руската инвазија на Украина поттикна дополнително зголемување на цените на храната и горивото.
Инфлацијата во претходните 12 месеци изнесува 9,0 отсто, што е најголем годишен раст на цените на мало во Велика Британија од 1982 година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Европа
Осум годишно момче нападнато од ајкули: „Имаше толку крв, од ногата му висеа парчиња месо“

Момче од Велика Британија било нападнато од три ајкули додека било на одмор на Карибите. Според британските медиуми, нападот бил грозоморен, а на детето од двете нозе му виселе парчиња месо.
Осумгодишниот Финли Даунер минатата недела бил на Бахамите со своето семејство на одмор кога се случил ужасниот напад. Преплашеното дете го одвлекла на сигурно неговата сестра (12), откако три ајкули го каснале за нозете, пишуваат медиумите.
Таткото на Финли, Мајкл (44) резервирал луксузен одмор со своите три деца Финли, Лили и Емили, кој вклучувал патувања на пет острови, пишува „Дејли Мејл“.
Даунер кажал дека неговите деца подоцна во текот на патувањето виделе ајкули како пливаат во лагуната покрај толпа туристи, па си заминале, несвесни дека таму биле фрлени остатоци од храна.
“Одеднаш слушнав преплашен крик и го видов Финли опкружен. Имаше толку многу крв. Парчиња од ногата му висеа. Мојот син можеше да биде убиен. Тоа беше како сцена од филм”, рекол тој.
Момчето било извлечено од водата од неговата сестра, па било испратено во болница.
Таткото бил бесен бидејќи туристичките водичи му рекле дека ајкулите се безбедни. Финли сега мора да користи инвалидска количка додека не зараснат раните на неговите нозе, изјавил тој.
Европа
Германски дипломат осомничен за убиство на неговиот сопруг

Германски дипломат е уапсен откако повикал полиција тврдејќи дека неговиот сопруг, по потекло од Белгија, паднал по скали и починал.
Тој рекол дека на мажот му се слошило, дека паднал во бессознание и во таа пригода се здобил со повреди во пределот на главата како последица од паѓање по скали, од што починал.
Истражните дејствија на полицијата и обдукцијата и од станот во Рио де Жанеиро се спротивни на неговото тврдење, изјави портпаролката на полицијата Камила Лоренко.
На телото на починатиот сопруг биле констатирани модринки кои можеле да настанат со клоци.
Исто така, додала дека имало и повреди кои укажуваат на напад со цилиндричен предмет.
Полицијата на Инстаграм објави фотографии од станот на дипломатскиот пар на кои се гледале дамки од крв.
Локалните медиуми јавија дека германски дипломат, кој работи во Генералниот конзулат на Германија во Рио де Жанеиро, се обидел да ги отстрани трагите пред да пристигне полицијата.
Инаку, Германецот и неговиот белгиски сопруг биле во брак 20 години.