Европа
Франција повикува на смирување меѓу Турција и Холандија, Ердоган гневен
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Ејро повика во неделата на „смирување“ на дипломатската криза меѓу Турција и Холандија, којашто ден претходно им забрани на турскиот шеф на дипломатијата и на министерката за социјална политика влегување во земјата, но судејќи според зборовите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Холандија „ќе ја плати цената“ за своето однесување.
„По повод моменталните тензии меѓу Турција и неколку земји членки на Европската унија, Франција повикува на смирување. Ги повикува, исто така, турските власти да ги избегнат ексцесите и провокациите. Неопходно е да се покаже одговорност и да се избегнат бесполезните полемики“, се наведува во писмената изјава на шефот на француската дипломатија Жан-Мар Ејро.
Германија, Холандија, Австрија и Швајцарија одбиваат на своја територија да им дозволат на турските министри да учествуваат на собирите за поддршка на уставните реформи за кои ќе се гласа на референдум на 16-ти април, а се однесуваат на зголемување на овластувањата на претседателот на државата.
Холандската влада во саботата го забрани слетувањето во Ротердам на авионот со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој планираше во саботата вечерта да се обрати на сонародниците, а турската министерка за семејство и социјална политика Фатма Бетјул Сајан Каја којашто со автомобил од Германија допатува пред конзулатот во Ротердам, холандската полиција не ѝ дозволи да влезе во дипломатската мисија и ја врати во Германија.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган поради таквото однесување ја предупреди Холандија дека „ќе ја плати цената“. „Тие секако ќе ја платата цената и ќе научат што е дипломатија“, додаде. Притоа Ердоган ја обвини за „дрско“ однесување и се закани дека и самиот ќе патува на собирите во странство.
„Западот јасно го покажа своето вистинско лице последните неколку дена. Тоа што го видовме… е јасно покажување на исламофобијата. Реков оти мислев дека нацизмот е завршен, но згрешив. Нацизмот е жив на Западот“, истакна Ердоган и ги повика меѓународните организации да ѝ наметнат санкции на Холандија.
Франција му дозволи на Чавушоглу во недела да учествува на сличен собир во Метц, на северот од земјата. Швајцарија, пак, не му дозволи да се појави на неделниот собир во Цирих.
Ердоган поради тоа ѝ се заблагодари на Франција. „Франција не ја заведоа такви игри“, рече турскиот претседател.
Ејро појасни дека станува збор за слобода на собирањето и правото на изразување, како и дека не постои безбедносна или закана за јавниот ред и мир поради кој споменатиот собир би требало да биде забранет.
Во Франција живеат околу 700.000 Турци. Право на глас имаат 70.000 од нив, а вообичаено гласаат околу 60 отсто./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Крај на драмата во Шпанија: мажот што ги избоде родителите пренесен во болница
Четириесетгодишен маж, кој се забарикадирал во населбата Сан Адријан во Билбао, откако ги избоде родителите, се фрли од балконот. По падот бил префрлен во затворската болница.
Двете постари лица, родители на дотичниот маж, рано попладне биле пренесени на лекување, пренесе Ел Мундо.
Според шпанскиот портал, мажот за кој се претпоставува дека е на психолошки третман, а кој ги нападнал родителите, а потоа скокнал од балкон, утрово доживеал необична несреќа кога со своето возило паднал од четврти кат на паркингот на аеродромот во Лоиу.
Автомобилот бил пронајден уништен, но возачот исчезнал без трага до моментот на нападот.
Европа
Австрија се подготвува за поплави и лизгање на земјиштето, Салцбург издаде предупредување за лавина
Метеоролозите во Австрија во наредните денови очекуваат обилни врнежи од дожд со потенцијални поплави и лизгање на земјиштето, соопшти државниот метеоролошки институт Геосфера Австрија.
Од вечерва во поголемиот дел од Австрија се очекува да наврнат околу 200 литри на квадратен метар.
Службите за вонредни состојби долж Дунав се подготвуваат за ретки нивоа на поплави, кои обично се случуваат еднаш во деценија или помалку, според властите. Луѓето поставија мобилни системи за заштита од поплави и наполнија вреќи со песок.
На патниците им беше кажано да очекуваат доцнења на аеродромот во Виена. „Поради моменталните лоши временски услови на различни европски локации и во Виена, во моментов има изолирани доцнења на полетувањата од аеродромот во Виена“, се вели во извештајот.
На планините снегот предизвика затворање на локалните патишта, а Салцбург предупреди на опасност од лавини.
Поради невремето откажани се неколку концерти на отворено и фудбалски натпревари.
Европа
Пронајдени три тела во стан во Англија, уапсен тинејџер
Тинејџер е уапсен под сомнение дека убил три лица во стан во англискиот град Лутон, објави Скај њуз.
Полицијата утринава околу 5 часот и 30 минути добила пријава, а итната помош излегла на терен и констатирала смрт на три лица. Набргу потоа, 18-годишникот бил уапсен и приведен на распит.
Џон Марфи, помошник на началникот на полицијата во Бедфордшир, на прес-конференција изјави дека оружјето било пронајдено при претрес во домот на 18-годишникот.
Марфи додаде дека деталите за жртвите, вклучително и возраста и полот, нема да бидат објавени додека полицијата не контактира со нивните најблиски.
Тој рече и дека полицијата освен уапсениот тинејџер не трага по никој друг.
Детективот Констабл Роб Хол рече: „Ова е навистина ужасен инцидент, кој за жал резултираше со трагична смрт на три лица. Разбираме дека оваа вест ќе биде неверојатно шокантна, но ве молиме бидете уверени дека неуморно ќе работиме на воспоставување на сите околностите на овие смртни случаи“.