Европа
Австрија испраќа полицајци и војници во Мисијата на ЕУ во Молдавија
Австрија ќе испрати полицајци и војници како дел од партнерската Мисија на ЕУ во Молдавија за да ги зајакне структурите за управување со кризи во земјата, пренесува „Еурактив“.
Во април годинава министрите за надворешни работи на ЕУ го одобрија почнувањето на новата цивилна мисија за помош на Кишинев да се соочи со странско мешање и хибридни закани.
Австрија ќе придонесе со мајмногу пет полицајци и три лица од австриските вооружени сили, заедно со најмногу четворица експерти од Министерството за внатрешни работи.
За поддршка на воздушниот транспорт, Австрија ќе испрати и до 30 припадници на австриските вооружени сили.
Мисијата на ЕУ има цел да ги подобри структурите за управување со кризи во Молдавија, особено во безбедносниот сектор, преку справување со предизвиците, како што се дезинформациите и сајбер-нападите.
Наречен Мисија за партнерство на ЕУ во Молдавија (ЕУПМ Молдавија), тимот од цивилни советници ќе работи две години.
„ЕУПМ Молдавија ќе придонесе за зајакнување на отпорноста на безбедносниот сектор на Молдавија во областите на кризниот менаџмент и хибридните закани, вклучително и сајбер-безбедноста и спротивставување на странското манипулирање со информациите и мешањето“, се вели во текстот на мандатот на мисијата.
Покрај фокусирањето на управувањето со кризи, Мисијата има цел да испрати политички сигнал до Русија дека ЕУ ја поддржува Молдавија, која се бори со руското влијание од 1992 година, изјави неименуван дипломат на ЕУ.
Иако Мисијата на ЕУ нема извршни функции и ги исполнува должностите без да биде вооружена, безбедноста на Мисијата е примарна одговорност на молдавските власти.
Мисијата доаѓа и како одговор на руската закана на која предупреди прозападната влада на Молдавија претходно годинава обвинувајќи ја Москва за заговор за државен удар со употреба на странски саботери, кои би поттикнале протести за да ја сменат актуелната влада со проруска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Ги убил двајцата внуци, па си пресудил самиот на себе: пензионер се забарикадирал во куќа во Шпанија
Трагедија се случи во мал шпански град кога пензионер ги уби своите двајца внуци на возраст од 10 и 13 години пред да се самоубие – два месеца откако сопруга и ќерката му загинаа во сообраќајна несреќа додека тој возел.
Полицијата ја опколила куќата на 72-годишниот маж откако тој синоќа се забарикадирал во имотот со момчињата.
Нивните три тела беа пронајдени околу 8.30 часот утринава во разни простории од куќата во Хуетор Тајар – град со околу 10.000 жители, во близина на градот Гранада во јужна Шпанија – кога насилно влегле вооружени полицајци.
Едното дете е убиено со огнено оружје, а другото се удавило.
Извори блиски до истрагата велат дека едно од децата имало прострелни рани, а другото се верува дека се удавило.
Истражителите на Цивилната гарда велат дека пензионерот се застрелал со истото огнено оружје што го користел за да го убие својот внук.
Неговата сопруга и ќерката, мајка на две деца, ја загубија борбата за живот кога беа исечени од остатоците од автомобилот што го управуваше 72-годишникот.
Европа
Се огласи болницата во Банска Бистрица: Ова се последните информации за состојбата на Роберт Фицо
Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше ранет во обид за атентат минатата недела, е стабилна, соопштија од болницата во Банска Бистрица.
„Клинички се подобрува, комуницира, воспалителните параметри полека се намалуваат. Премиерот останува под наша грижа“, соопштија од болницата во Банска Бистрица по денешната седница на советот.
Фицо беше тешко ранет минатата среда по состанокот на кабинетот кога се приближи до насобраните луѓе.
Тој со хеликоптер беше префрлен во болницата во Банска Бистрица, каде што итно беше опериран и оттогаш е таму.
Претходните денови се зборуваше за префрлање на премиерот во друга институција, но како што може да се заклучи од денешното соопштение на болницата, тој засега останува во Банска Бистрица.
Европа
Украина со дронови нападна руска рафинерија: „Има штета, престана да работи“
Руска нафтена рафинерија во Славјанск, во Краснодарската област, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, објави денеска државната новинска агенција „Тасс“ цитирајќи претставник на компанијата за безбедност.
Шест беспилотни летала погодија област на нафтена рафинерија во Славјанск во јужниот дел на Русија Краснодар во раните утрински часови, според локалните власти.
Новинската агенција „Интерфакс“ објави дека рафинеријата престанала да работи по нападот.
„Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзината големина и опсегот“, ја цитира „Тасс“ изјавата на безбедносниот претставник Едуард Труднев во понеделникот.
Рафинеријата во Славјанск е приватна постројка со капацитет од речиси 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.