Европа
Атина и Париз воведуваат построги ковид-мерки поради омикронот

Париз и Атина воведуваат построги мерки поради новиот сој омикрон.
Двете земји мерките ги воведуват особено за време на празниците и планираните масовни собири.
Францускиот премиер Жан Кастекс изјави дека нема да има полициски час за новогодишната ноќ.
Кастекс, исто така, рече дека во следните три недели, почнувајќи од понеделник, сите јавни собири ќе бидат ограничени на 2.000 лица за настани во затворен простор и 5.000 лица за настани на отворено.
Потрошувачката на пијалаци и храна ќе биде забранета во комерцијалниот сообраќај на долги релации, како и во кината, додека работата од дома ќе стане задолжителна најмалку три дена во неделата кога тоа е можно, рече Кастекс, пишуваат светските медиуми.
Владата исто така донесе одлука носењето маски да биде задолжително на отворено во центрите на градовите.
За разлика од другите земји кои го одложија враќањето на учениците во училиште, француските училишта ќе бидат повторно отворени на 3 јануари, како што беше планирано, рече тој.
Грција исто така одлучи да воведе нови мерки во борбата против новиот сој омикрон.
Според министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, мерките се донесени по препораките на експертската комисија, а ќе бидат на сила од 3 до 16 јануари 2022 година.
Маските кои обезбедуваат поголема заштита ФФП2 или КН95 ќе бидат задолжителни во јавниот превоз, супермаркетите и сите места каде што се собираат повеќе луѓе, како и на местата каде што се служи храна.
Ако тоа не е можно, ќе бидат потребни двојни хируршки маски.
Рестораните и баровите нема да можат да работат по полноќ, а музиката ќе биде дозволена само со почитување на мерките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Стивен Сигал снимен на воената парада во Москва

Актерот Стивен Сигал присуствуваше на денешната воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележува 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Во еден момен, камерите го покажаа Сигал како седи во публиката.
73-годишниот Сигал, експерт за аикидо, беше ѕвезда во американските акциони филмови во 80-тите и 90-тите. Додека неговата кариера беше во опаѓање, Сегал, роден во Лансинг, Мичиген, полека се зближуваше со авторитарни лидери, вклучувајќи го и Кремљ.
Steven Seagal among guests pic.twitter.com/Vz1XaynPmG
— Russian Market (@runews) May 9, 2025
Во 2016 година тој доби руско државјанство, а потоа во 2018 година руското Министерство за надворешни работи го назначи за специјален претставник за руско-американски културни врски и културно-историско наследство. Актерот постојано ја фали Русија од почетокот на целосната инвазија на Украина.
Во 2021 година тој ѝ се приклучи на националистичка партија, а во август 2022 година ја посети источна Украина, каде што се сретна и го поддржа лидерот на проруските сепаратисти во Донецк, Денис Пушилин. Тој присуствуваше на инаугурацијата на Путин на неговиот петти мандат во мај 2024 година.
Европа
Новиот германски канцелар оди во Брисел на разговори со претставници на ЕУ и НАТО

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес ќе пристигне во Брисел на разговори со високи претставници на ЕУ и НАТО, што е негово второ патување во странство откако ја презеде функцијата претходно оваа недела.
Мерц ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателот на Европскиот парламент, Роберт Мецола.
Неговата посета на Брисел е проследена со големи очекувања дека промената на владата во Берлин ќе донесе нов импулс во Европа во време на вртоглави глобални предизвици, проценува АФП.
Во среда, тој ги посети Париз и Варшава на своето прво официјално патување во странство на новата функција.
По патувањата во Париз и Варшава, што сигнализираше за неговата намера да ги зајакне врските со двата соседа, посетата на Мерц на главниот град на ЕУ ја покажува неговата решеност да ја врати улогата на Германија во Европа по месеци политичка парализа, велат аналитичарите.
„Беше време“, сумираше еден дипломат на ЕУ за АФП.
„Чекаме и ни е потребна силна Германија, таква што е способна да се справи со тешката задача што е пред нас.“
Европа
Москва го слави Денот на победата, многубројни светски лидери пристигнаа кај Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денес ќе одржи говор на „најголемата досега“ воена парада во Москва по повод Денот на победата, со кој се одбележува победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Русија го слави Денот на победата повеќе од три години по почетокот на инвазијата на Украина, која ја напаѓа секојдневно и покрај напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине војната. Путин нареди тридневен прекин на огнот во Украина поради настанот. Но нападите продолжуваат.
Поканите за прослава на Денот на победата во Москва ги прифатиле лидерите на околу 20 земји, вклучувајќи го и кинескиот претседател Кси Џинпинг, според Кремљ. Москва не ја исклучи можноста севернокорејските војници кои ѝ помогнаа на руската армија да ги протера украинските сили од Курската област да учествуваат на парадата за прв пат.
Европската унија ги предупреди своите лидери да не одат во Москва за настанот, но словачкиот премиер Роберт Фицо одлучи да оди.
„Одам“, рече тој во видео порака објавена на социјалните мрежи вчера. „Разбирам дека се води војна“, рече тој. „Но, нема да ја мешам сегашноста со она што се случило помеѓу 1941 и 1945 година.“