Европа
Европа старее, 20 проценти од населението е над 65 години
Европскиот парламент усвои извештај за стареењето на Европа, во кој повикува Комисијата да почне пилот-проекти за квалитетна грижа за стари лица и да ги поддржи земјите членки во спроведувањето на политиките за грижа за старите лица.
Во извештајот „Стареење на стариот континент – можности и предизвици поврзани со политиката на стареење по 2020 година“, усвоен од Европскиот парламент со 479 гласа „за“, 103 „против“ и 113 воздржани, се наведува дека вреднувањето на старите лица и борбата против дискриминација кон нив е можна само преку политики што се темелат на меѓугенерациска солидарност.
Исто така, се повикува на попозитивна перцепција на староста, поправични пензии и мерки за решавање на разликите во пензиите на мажите и жените.
Европскиот парламент ја повика Комисијата да ги поддржи земјите членки и нивните региони во спроведувањето здрави политики за стареење.
Земјите членки треба да се охрабрат подобро да ги користат средствата на Европската Унија, како што се Европскиот социјален фонд плус и Европскиот фонд за регионален развој, за приспособување на инфраструктурата и јавните простори според потребите на постарите луѓе, велат европратениците.
Ваквите мерки вклучуваат отворање дневни центри во близина на училишта и градинки за да помогнат во градењето врски меѓу генерациите и да се спречи осаменоста.
Независниот европратеник Адам Коса даде пример за тоа како постарите луѓе може да ѝ помогнат на следната генерација да воспитува деца. „Во мојата земја, Унгарија, бабите и дедовците, кои сè уште работат и добиваат внуци, добиваат дополнителни пет дена одмор за секое внуче. Исто така, можно е бабите и дедовците да останат дома со новороденчето“, рече тој сугерирајќи дека вакви права треба да воведуваат и други земји.
На 27 јануари Европската комисија презентира зелена книга, со која почна широка дебата за прашањето на стареењето. Таму е опишано влијанието на овој демографски тренд и се повикува јавноста да ги искаже своите ставови за тоа како да одговори на овој тренд.
Во напишаното е наведено дека во текот на последните 50 години очекуваниот животен век е зголемен приближно 10 години.
Денес, 20 проценти од населението е над 65 години, се предвидува дека до 2070 година 30 проценти од населението ќе бидат во таа возрасна група, а учеството на граѓаните над 80 години до 2070 година се очекува да достигне 13 проценти, забележуваат познавачите на оваа состојба.
„Стареењето не е проблем само за постарите луѓе, туку влијае на сите нас и ние мора да ги балансираме нашите политики за сите граѓани и да гарантираме дека нема да оставиме никого настрана“, посочуват тие.
Бројот на луѓе на кои можеби ќе им треба долготрајна нега може да се зголеми од 19,5 милиони во 2016 година на 23,6 милиони во 2030 година и 30,5 милиони во 2050 година, според официјалната веб-страница на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

