Европа
Захарова во пресрет на самитот на ОБСЕ во Македонија: Западот и правеше секакви препреки на Русија за време на подготовките за состанокот
За време на подготовките за учество на седницата на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Северна Македонија, руската страна наишла на „секакви препреки“, изјави за „Спутник“ портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.
„Можам да кажам дека за време на подготовката за учество на сите земји во Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, на руската страна и се правеа секакви препреки и имаше внатрешни интриги меѓу западните земји. Некои од нив разбираат дека ситуацијата во ОБСЕ доведе до егзистенцијална криза на таа структура“, рече Захарова.
Како што додаде таа, другиот дел од западните земји „продолжуваат да притискаат на педалата на целосно русофобично лудило“.
Таа посочи и дека овој настан е „тест за ОБСЕ“.
„Последниве години оваа организација е доведена до тој степен што сите се прашуваат – што понатаму? Дали сите ќе гледаат окупација на таа градба, која ќе доведе до нејзино уништување, бидејќи нема да биде потребна?“, вели Захарова.
Таа потсети на моментот кога се формираше ОБСЕ.
„Организацијата беше формирана на самиот врв на конфликтот меѓу системите – светот тогаш беше биполарен – на врвот на Студената војна, кога сè уште се чувствуваше ужасот на кубанската ракетна криза. Оваа организација е формирана за да спречи нешто слично да се повтори, да најде заеднички јазик и да се обиде да изгради мостови. Мислам дека имаше многу повеќе елементи што секоја од државите ги вложи во таа структура. Некој отиде со продолжената рака на пријателството, искрено верувајќи дека е неопходно да се развие дијалог, додека некој, очигледно, сметаше дека овие мостови нема да бидат мостови на пријателство, туку мостови за пренесување арсенал за влошување на конфронтацијата. Различно ја третираа и различно ја користеа, а резултатите беа различни“, истакна таа.
Медиумите во регионот со потсетување дека во Скопје започнува тридневниот 30-ти состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на кој ќе учествуваат над 70 делегации со околу 1.000 членови.
Покрај министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, најголемо внимание привлекува најавеното присуство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија билатерална средба засега не е закажана, се наведува во написите.
Според анализите, се очекува министрите да донесат одлуки за понатамошното функционирање на ОБСЕ, а извесно е дека ќе одлучат Малта да ја преземе улогата на претседавач со ОБСЕ за 2024 година.
По повеќе од три децении независност, Македонија за првпат е домаќин на ваков собир, што се смета за голем успех на домашната дипломатија во земјата. Подготовките за овој настан траеле цела година, а за време на собирот ќе бидат ангажирани и неколку полициски служби, пренесува „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Венеција заработи огромна сума на пари со наплата на влезници во градот за само 11 дена
Новововедениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975 илјади евра во првите 11 дена од пробниот период.
Билетот, кој првпат беше воведен на 25 април, се наплаќа по стандардна цена од пет евра.
Градот објави дека продал вкупно повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата, пренесува Независне новине.
Влезот ќе се наплаќа во повеќето саботи и недели до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители помеѓу 8:30 и 16:00 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Ако не го сторат, може да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.
Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.
Европа
(Видео) Украина уништи моќен руски ракетен лансер
Ракетата TOS-1A LANSER често се нарекува тежок фрлач на пламен поради специфичната термобарична муниција што ја истрелува, која е ефикасна против силно утврдените одбранбени позиции.
The warriors from the 93rd Mechanized Brigade destroyed another "no-analogue" russian TOS-1A Solntsepyok heavy flamethrower system with the use of a night-vision FPV drone. pic.twitter.com/lS22jAGa8o
— Defense of Ukraine (@DefenceU) May 7, 2024
„Војниците од 93-та механизирана бригада уништија уште еден руски тежок пламен фрлач TOS-1A Solntsepyok користејќи беспилотно летало за ноќно гледање FPV“, се вели во објавата на Твитер. Не е наведено кога и каде се случил нападот.
Вредноста на еден таков систем се проценува на 6,5 милиони долари.
Европа
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје на бојното поле, објави Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека наводите се „недоволно потврдени“ со доказите, но во соопштението се додава:
„Ситуацијата останува нестабилна и крајно загрижувачка кога станува збор за потенцијалната употреба на токсични хемикалии како оружје“.
Ниту Русија ниту Украина официјално не побарале од организацијата да ја истражи наводната употреба на хемиско оружје, се вели во соопштението.
Минатата недела, САД соопштија дека Русија ја прекршила меѓународната забрана за употреба на хемиско оружје, која е надгледувана од Организацијата.
Таа, наводно, користела хлоропикрин, моќен пестицид што се користи во земјоделството и е забранет за воена употреба, против украинските трупи и користела хемиски соединенија кои привремено ги онеспособуваат луѓето, како солзавец, „како метод за војување“ во Украина.
Ова следеше по украинските тврдења во април дека Русија ја засилила употребата на солзавец во рововите. Русија ги отфрли обвинувањата, а украинските власти не одговорија на барањето на Ројтерс за коментар во вторникот.
Организацијата за забрана на хемиско оружје соопшти дека ја следат ситуацијата од февруари 2022 година, кога Москва ја нападна Украина. Според Конвенцијата за хемиско оружје, секоја токсична хемикалија што се користи за да предизвика повреда или смрт се смета за хемиско оружје.
Употребата на токсични агенси на бојното поле во војна е против Конвенцијата, соопшти Организацијата за забрана на хемиско оружје. „Доколку се користат како метод на војување, овие агенси се сметаат за хемиско оружје и затоа, според Конвенцијата, тие се забранети“.