Европа
Комеморација за жртвите во нападот во „Манчестер арената“

Две години по нападот во Манчестер, поп-ѕвезди настапија во чест и сеќавање на жртвите што загинаа во арената.
Јужнокорејската поп-група „Блекпинк“ ја посвети својата песна Stay на жртвите и нивните семејства и изјави дека жалат за сите оние што загубиле некој сакан.
Во нападот во 2017 година загинаа 22 лица и стотици беа повредени, а на сцената беше Аријана Гранде, која штотуку го заврши својот настап.
Минатата година во катедралата во Манчестер се одржа миса на која присуствуваа принцот Вилијам и премиерката Тереза Меј, како и граѓани што ја следеа црковната служба надвор од катедралата преку видеобимови.
Советот на Град Манчестер соопшти дека овој пат годишнината ќе биде обележана со поинтимна комеморација.
Во текот на денот катедралата во Манчестер ќе биде отворена за оние што ќе сакаат да поминат мигови во тишина и молитва.
Бомбашот самоубиец Салман Абеди (22) ја детонира експлозивната направа во арената на крајот на концертот кога посетителите заминуваа од салата.
В среда, во истиот момент кога одекна експлозијата, 22:31 часот, во центарот на градот ќе ѕвонат ѕвона во сеќавање на немилиот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.