Европа
Мас: Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас отворајќи ја конференцијата на министри за надворешни работи кои учествуваат на „Берлинскиот процес“ одржан под германско претседателство, рече дека процесот на проширување на ЕУ мора да биде рестартиран.
„Сите нации во Европа имаат историски товар, но историјата не смее да биде пречка во создавањето на заедничка иднина“, нагласи тој.
Тој посочи дека процесот на проширување мора да биде рестартиран.
„Иднината на сите шест земји од Западен Балкан е во ЕУ. Германија е сè уште целосно посветена на таа цел“, истакна Мас, додавајќи дека кога земјите од регионот ќе покажат резултати, ЕУ мора да го стори својот дел, пренесуваат медиумите во регионот.
„Кога тие ќе го дадат своето, ние треба да го дадеме нашето – тоа мора да биде нашиот пристап кон проширувањето на ЕУ во иднина“, нагласи Мас.
Тој посочи дека земјите од регионот треба да го зајакнат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и организираниот криминал, да работат на заштита на слободата на медиумите и да создадат простор во кој може да се развива демократијата.
„Ваквите реформи ќе придонесат за привлекување поголеми странски инвестиции, ќе создадат шанси за младите и ќе го запрат одливот на квалификувана работна сила од регионот“, објасни тој. Мас рече дека, од друга страна, ЕУ мора да застане зад своите ветувања.
Во таа насока, како што пренесуваат агенциите, тој ги споменал Северна Македонија и Албанија, наведувајќи дека тие земји постигнале одржлив напредок во судските реформи и борбата против корупцијата и организираниот криминал и дека Скопје постигна историски договор во Преспа со Атина.
„Затоа, преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија ќе започнат сега“, рече тој.
Мас рече дека е познато дека внатрешната политика може да го ограничи просторот за надворешна политика, како и дека има незгодни прашања од минатото и идентитетот, но, додаде тој, ваквите билатерални прашања не треба да го попречуваат целиот процес на пристапување.
Според него, сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина не само што ќе ја зголеми регионалната стабилност, туку ќе ги отвори и шансите на „две земји“ за членство во ЕУ.
Мас рече дека Берлин безусловно ги поддржува напорите на високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак во реализацијата на таа задача.
Тој исто така рече дека ЕУ треба конечно да го исполни својот дел од прашањето за визната либерализација со Косово.
Говорејќи за Босна и Херцеговина, тој рече дека повеќе од 25 години по Дејтон има загрижувачки ќор-сокак и агресивна реторика, и тој се осврна на денешната пресуда за Ратко Младиќ.
„Ова судење нè потсетува на ужасните војни во 90-тите години со геноцид, масовни убиства и етничко чистење. Тие ужасни спомени треба да нè доведат до заклучок дека иднината на Западен Балкан е во мир и демократија“, нагласи тој.
„Пандемијата покажа дека повеќето предизвици со кои се соочуваме не стојат на границата на една земја. „За просперитетен и мирен Западен Балкан се потребни земјите од регионот кои меѓусебно си нудат рака на соработка, со прагматизам и храброст, со реален поглед и амбиции“, истакна Мас, додавајќи дека изборот на патот е во регионот и дека Германија ќе обезбеди поддршка, објавија агенциите од регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Москва го затвори последниот полски конзулат во Русија
Руското МНР денес објави дека го затвора полскиот конзулат во сибирскиот град Иркутск како одговор на минатонеделното затворање на единствениот преостанат руски конзулат во Полска.
Русија го извести полскиот амбасадор за затворањето на конзулатите, кое ќе стапи во сила на крајот од годината како одговор на одлуката на полските власти да ја повлечат својата согласност за работењето на рускиот генерален конзулат во Гдањск од 23 декември 2025 година, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Полска минатата недела објави дека ќе го затвори последниот руски конзулат во Гдањск на северот од земјата по саботажата врз железничката линија за која Варшава ја обвини Русија.
Варшава идентификува двајца Украинци за кои се сомнева дека дејствуваат во име на Москва како наводни сторители на нападот, кој оштети клучна железничка линија што се користи за транспорт на оружје, патници и стока во Украина.
Руското министерство во четвртокот соопшти дека одлуката на полските власти да го затворат рускиот конзулат е отворено непријателска и неоправдана мерка донесена под апсурден изговор.
По овие меѓусебни акции, единствените преостанати дипломатски мисии меѓу двете земји се руската амбасада во Варшава и полската амбасада во Москва.
Односите меѓу Варшава и Москва отсекогаш биле затегнати, но тие значително се влошија по инвазијата на Русија на Украина во 2022 година, при што Полска стана еден од клучните сојузници на Киев.
Европа
Инфлуенсерка исчезна во Грац: во Словенија уапсени нејзиното момче, неговиот очув и брат му
32-годишната инфлуенсерка Стефани Пипер од Грац е исчезната. Откако нејзиното повремено момче беше уапсено во Словенија, полицијата приведе уште два члена на неговото семејство, братот и очувот. Стравувањата од најлошиот исход во случајот што ја потресе Австрија се зголемуваат, пишува Krone.
Добро познатата инфлуенсерка е исчезната од неделата наутро. Откога се вратила од божиќна забава околу 7 часот, таа испратила порака до пријателка дека безбедно пристигнала дома. Подоцна истиот ден, во раните попладневни часови, требало да се појави на фотосесија во центарот на Грац, но не се појавила. Нејзиното исчезнување било пријавено во полицијата вечерта.
Настаните се одвивале со филмска брзина по пријавата. Во понеделникот вечерта, во граничната област меѓу Штаерска и Словенија, уапсен е нејзиниот 31-годишен дечко Петер М., со кого била во повремена врска со години. Сомневањата се зголемиле кога неговиот црвен „голф“ бил пронајден изгорен на паркингот на казиното „Монд“ покрај граничниот премин Шпилје.

Истражителите веруваат дека тој се обидувал да го прикрие злосторството, но исчезнатата жена сè уште ја нема. Осомничениот од Словенија моментно е во притвор во својата матична земја, а вчера беше донесена одлука за негова можна екстрадиција. Словенечките власти вчера ја претресоа куќата на баба му, а исто така ги претресоа и шумите во пограничната област.
Следуваше дополнителен шок кога портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител во Грац, Арнулф Румполд, потврди дека се уапсени уште двајца мажи. Братот и очувот на поранешното момче се исто така осомничени дека се поврзани со исчезнувањето на младата жена.
Во меѓувреме, сосед на 32-годишната жена потврди дека го видел момчето на осомничената на скалите од нејзината зграда во Грац во времето на нејзиното исчезнување зголемувајќи ја можноста дека тој ја чекал таму во заседа. Истрагата е во тек.
фото: принтскрин
Европа
Папата патува во Турција, ќе се сретне со Ердоган
Папата Лав денеска го започнува своето прво патување надвор од Италија како католички лидер со посета на Турција, каде што се очекува да апелира за мир на Блискиот Исток и да се обиде да поттикне единство меѓу долго поделените христијански цркви.
Првиот американски папа ја избра претежно муслиманската Турција како своја прва странска дестинација за да ја одбележи 1700-годишнината од значајниот раноцрковен собор што го создаде Никејското верување, кое сè уште го користат повеќето христијани во светот.
Лав, чиј тридневен распоред во Турција е преполн со настани пред да се упати кон Либан, ќе биде внимателно следен, особено додека ги прави своите први странски посети на чувствителни културни места.
„Тоа е многу важно патување бидејќи сè уште не знаеме многу за геополитичките ставови на Лав, а ова е првата голема можност за него да ги разјасни“, изјави за Ројтерс Масимо Фаџоли, италијански академик кој го следи Ватикан.
70-годишниот Лав, кој со својата придружба долета од аеродромот Фјумичино во Рим кратко пред 8 часот наутро, прво ќе ја посети турската престолнина Анкара, каде што ќе се сретне со претседателот Таип Ердоган и ќе им се обрати на политичките лидери. Тој вечерва ќе лета за Истанбул, дом на патријархот Вартоломеј, духовниот водач на 260-те милиони православни христијани во светот.
фото: епа

