Патнички авион што превезуваше руски туристи до Санкт Петербург беше принуден да слета во Естонија вчера по украинскиот напад со беспилотно летало врз Русија.
„Авионот беше пренасочен кон Талин бидејќи не можеше да слета на аеродромот ‘Пулково’ поради неговото привремено затворање“, потврди Маргот Холтс, раководител за комуникации и за маркетинг на аеродромот во Талин.
Во ноќта од саботата кон неделата украински беспилотни летала погодија гасен терминал во регионот Ленинград и рафинерија за нафта во регионот Самара. Извор во Службата за безбедност на Украина потврди за „Киев индепендент“ дека разузнавањето стои зад нападот врз терминалот за течен природен гас во регионот Ленинград.
Авионот, управуван од египетскиот превозник „Ал Масрија јуниверсал ерлајнс“, полетал од Шарм ел Шеик и слетал во Талин во 5.33 часот по локално време. Тој го продолжил своето патување кон Санкт Петербург речиси шест часа подоцна.
Според Холтс, на патниците и на екипажот не им било дозволено да го напуштат авионот додека биле на аеродромот во Талин.
Украинските напади со беспилотни летала, кои сè повеќе го нарушуваат цивилниот воздушен сообраќај во Русија, се дел од пошироката украинска стратегија за поткопување на руската логистика далеку над линиите на фронтот. Во првите месеци од 2025 година украинските напади со беспилотни летала наводно ја принудиле Русија да затвори аеродроми повеќе од 200 пати.
фото: принтскрин