Европа
Мишел: ЕУ мора да се подготви за проширување
Европската Унија мора да се подготви за проширување, а земјите кандидати да ги исполнат критериумите, изјави денеска во Гранада претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ, на кој ќе се отвори дискусијата за новата европска стратегија. Мишел рече дека самитот на Европската Унија во Гранада е многу важен бидејќи ќе иницира дискусија за стратешката агенда на Европската Унија, а дискусијата ќе се води во три насоки.
„Прво – што сакаме во иднина, кои ќе бидат нашите приоритети и заеднички политики земајќи ги предвид плановите за проширување. Второ – како ќе одлучуваме заедно, и трето – како ќе плаќаме за заедничките политики и иницијативи во иднина“, изјави претседателот на Европскиот совет.
Црна Гора и Србија водат преговори со години, Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија дури минатата година. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември минатата година, половина година по Украина и Молдавија, а овие одлуки беа забрзани со руската инвазија на Украина. Косово и Грузија имаат статус на потенцијален кандидат. Преговорите на Турција со Унијата се блокирани од 2018 година и нема знаци дека тие би можеле да заживеат.
„Проширувањето значи дека земјите кандидати треба да спроведат реформи, тие знаат што треба да направат. А Европската Унија треба да се подготви“, нагласи Мишел. Хрватскиот премиерот Андреј Пленковиќ смета дека декларацијата од самитот во Гранада ќе содржи позитивен и отворен јазик за процесот на проширување на Европската Унија.
„Со оглед на тоа што Хрватска последна влезе во Европската Унија, а таму е десет години, ние со нашето знаење ѝ помагаме на Југоисточна Европа, како и на Украина и на Молдавија“, додаде Пленковиќ. Двете страни имаат своја домашна задача, рече естонската премиерка Каја Калас, да унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој често се судира со Брисел, ги обвинува лидерите на ЕУ дека се себични во однос на Грузија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

