Европа
Парализиран сообраќајот во Лондон, генерален штрајк на вработените во метрото
Милиони лондончани во понеделникот се соочија со сообраќаен хаос, откако вработените во метрото го започнаа 24-часовниот генерален штрајк, пренесува Reuters.
Поради штрајкот повеќето метро станици во центарот на Лондон се затворени, а исто така нема пристап нити од главните станици како што се Викторија, Кингс Крос и Ватерлу.
Понеделничкиот штрајк во метрото, кое дневно пренесува 4.8 милиони патници, започнува недела на сеопфатен штрајк кој ќе ги зафати и патниците со железничкиот и авионскиот сообраќај.
Возачите на железничкиот сообраќај, пак, штрајкуваат во вторник, среда и петок, со што железничките услуги нема да им бидат достапни на илјадници патници кои патуваат од јужниот брег и од аеродромот Гетвик.
Персоналот на авиокомпанијата British Airways пак, поради проблеми со платите ќе штрајкува во вторник и среда.
Штрајкот на вработени во метрото, пак, е поради несогласувањата околу затворањето на билетарите во последните неколку години.
„Денешниот штрајк е целосно непотребен. Штрајкот во метрото предизвикува мизерија за милиони лондончани“, изјавил лондонскиот градоначалник Садик Кан.
Повеќето законодавачи од редовите на Конзервативната партија, пак, ја повикаа владата да донесе нови закони со кои ќе ги намали штрајковите поради тоа што тие ја чинат економијата на земјата милиони фунти и ги нарушуваат имиџот на Лондон како еден од главните светски и финансиски центри./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

