Европа
Повеќе од 2.400 украински деца се однесени во Белорусија, според студија на Универзитетот „Јејл“
Повеќе од 2.400 украински деца на возраст меѓу 6 и 17 години се однесени во 13 институции во Белорусија од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, според студијата на Универзитетот „Јејл“, чии резултати беа објавени вчера.
Украинскиот државен обвинител во мај изјави дека ја истражува наводната улога на Белорусија во присилното преселување на повеќе од 19.000 идентификувани деца од областите окупирани од Русија од почетокот на конфликтот, вклучително и во Русија.
Според некои експерти и организации, вкупниот број е многу поголем. Откритието на Лабораторијата за хуманитарни истражувања при Факултетот за јавно здравје „Јејл“ е најопширното досега за ова прашање. Русија вели дека обезбедува хуманитарна помош за оние што сакаат доброволно да ја напуштат Украина и ги негира обвинувањата дека врши воени злосторства.
Во извештајот на 39 страници се наведува дека децата биле преселени од најмалку 17 града во регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Научниците од „Јејл“ истакнуваат дека сѐ уште се спроведува со помош на Белорусија. Повеќе од 2.000 деца идентификувани од „Јејл“ биле префрлени во Детскиот центар „Дубрава“ во минската област од септември 2022 до мај 2023 година, а 392 биле префрлени во 12 други институции.
„Руската федерална влада и белорускиот режим работат заедно за да го координираат и финансираат трансферот на децата од окупирана Украина преку Русија во Белорусија“, се вели во извештајот. Трансферот на децата во Белорусија преку Русија на крајот е координиран од рускиот претседател Владимир Путин и од белорускиот лидер Александар Лукашенко, се вели во соопштението.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење на Путин во март обвинувајќи го заедно со руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова, за воено злосторство, илегално депортирање стотици деца од Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Британскиот суд денеска ќе донесе конечна одлука за Асанж
Британскиот суд денеска треба да донесе конечна одлука за тоа дали основачот на Викиликс, Џулијан Асанж треба да биде екстрадиран во Соединетите држави поради протекувањето на мноштво доверливи американски документи, што ќе биде кулминација на 13 години правни битки и притвор.
Двајца судии во Високиот суд во Лондон треба да одлучат дали ќе веруваат во гаранциите на САД дека Асанж нема да се соочи со смртна казна и дека може да се потпре на правото на слобода на говор од првиот амандман доколку биде обвинет за шпионажа во САД.
Адвокатскиот тим на Асанж вели дека постојат три опции, тој или би можел да биде во авион на пат преку Атлантикот во рок од 24 часа од пресудата, да биде ослободен од затвор или повторно да заглави во повеќемесечни правни битки.
Викиликс објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски телеграми, најголемото нарушување на безбедноста од ваков вид во историјата на американската војска.
Во април 2010 година, тој објави доверливо видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во 2007 година во кој загинаа десетина луѓе во ирачкиот главен град Багдад, вклучувајќи и двајца новинари на Ројтерс.
Европа
Граничните процедури по брегзит ќе ја чинат Британија шест милијарди долари
Британската влада проценува дека по бројните одложувања ќе мора да потроши најмалку шест милијарди долари за спроведување на граничните процедури по брегзит, објави денеска парламентарната комисија за финансии. Британците гласаа за напуштање на ЕУ во 2016 година, но дури оваа година беа донесени нови правила за гранични контроли за да функционираат синџирите на снабдување.
Првата фаза, која опфаќа воведување дополнителни сертификати, стапи на сила на 31 јануари. Втората започна на 30 април со воведување на физички контроли во пристаништата.
Третата, која вклучува безбедносни декларации, е закажана за 31 август. Комитетот наведува дека Владата проценила дека ќе и бидат потребни шест милијарди долари за 13 главни мерки кои треба да овозможат проток на стоки преку граница и да се подобри спроведувањето на овие мерки во иднина.
Владата пет пати го одложи спроведувањето на целосните гранични контроли од крајот на преодниот период за напуштање на Унијата на 31 декември 2020 година, соопшти комисијата.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.