Европа
Полска во приправност: Сите ќебапчилници под надзор по убиството и нередите во новогодишната ноќ
Полската полицијата почна да ги надгледува сите ориентални ресторани во земјата по нередите во градот Елк, каде поради убиство на едно полско момче во новогодишната ноќ толпа народ демолираше ќебапчилница.
Неколку стотини жители на Елк во неделата ја демолираа ќебапчилницата Princ Kebab чиј кувар, државјанин на Тунис, е обвинет дека заедно со сопственикот Алжирец со нож го убил 21-годишниот Даниел Р. бидејќи побегнал со две украдени кока коли.
Толпата луѓе ја нападнала и полицијата, а синоќа имало помали нереди во градот во северно-источна Полска.
Полицијата денеска уaпси 25-годишен Полјак бидејќи фрлал камења на ќебапчилницата и на полицајците кои стоеле пред објектот, но не интервенирале кога врз нив летале пластични шишиња , јавува полската телевизија Polsat.
Полицијата од понеделникот попладне ги зајакна патролите пред ќебапчилници во целата земја и доби наредба да следи дали пред нив се собираат поголем број луѓе.
„Постои страв дека ќе има напади на Турци, Тунижани и други луѓе од Ориентот како одмазда за смртта на младиот човек од Елк. Во вакви случаеви непотребна агресија може да ескалира многу брзо. Не можеме да криеме дека можен е линч на странци како одмазда и во други краеви на Полска,“ изјавил неименуван полициски службеник за весникот Fakt.
„Масло на огнот“ долеа и изјавата на полскиот министер за внатрешни работи Маријуш Блашчак кој за графитите на омраза против исламот и муслиманите испишани на демолираната ќебапчилница во Елк на новинарите им рече дека тоa е нормално и очекувано затоа што Полјаците гледаат што се случува и како се однесуваат муслиманите и бегалците на Запад.
Во новогодишната ноќ Даниел со другар вечерал во Princ Kebab. Платиле за јадењето но без да платат зеле две шишиња кока кола и го напуштиле објектот. Веднаш потоа, 26-годишниот готвач и 41-годишниот сопственик на ќебапчилницата потрчале по нив заедно со двајца келнери. Во тепачката готвачот го прободел со нож Даниел три пати, а фатален бил убодот во срце, изјави за медиумите обвинителот Војчех Пиктел откако полицијата направи реконструкција на трагедијата.
Наместо да повикаат помош, се вратиле во ќебапчилницата, а другарот на убиеното момче подоцна фрлил петарда во локалот Сите четворица биле уапсени, а во понеделникот, по извршената обдукција, покренато е обвинение за убиство против готвачот и сопственикот.
Во нередите што избија во неделата, толпа од неколку стотина Полјаци го демолирале локалот, а биле нападнати и полицајци. Уапсени се 28 најагресивни демонстранти на возраст од 17 до 50 години. Повеќето од нив, како што соопшти полицијата, биле пијани.
Во неделата бил подметнат пожар во станот на сопственикот на Princ Kebab, а демолиран бил и бутикот на неговата девојка во истата зграда. крај/мф/вс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

