Европа
Полска објави: Повеќе не испраќаме оружје во Украина
Конфликтот меѓу Полска и Украина вчера дополнително ескалира. Полска повеќе не испраќа оружје за Украина, изјави полскиот премиер во интервју за телевизијата „Полсат“.
Ова соопштение дојде во време кога полско-украинските односи се затегнати поради продолжувањето на забраната на Варшава за увоз на украинско жито. Говорејќи на приватен ТВ-канал, Матеуш Моравјецки рече дека Полска помага да се победи рускиот варварин, но не може да се согласи да го дестабилизира полскиот пазар со увоз на украинско жито.
„Секако дека ќе го задржиме транзитот на украинската стока“, рече тој.
„Полска поради ова не сноси никакви трошоци. Напротив, може да се каже дека заработуваме од тоа“, додаде тој.
Тој рече дека жали што украинските олигарси „го туркале своето жито на полскиот пазар“, без оглед на ефектите што ги имале врз полските земјоделци, што според него ги намалило цените и ја навело владата да воведе гаранции за цените и на крајот да го забрани увозот на украинското жито.
Наместо да испраќа оружје во Украина, Моравјецки рече дека Полска сега „се брани со најмодерното оружје“. „Полска во моментот не пренесува оружје во Украина и активно се вооружува“, рече Моравјецки додавајќи: „Украина се брани од брутален руски напад и јас ја разбирам таа ситуација, но ние мора да ја одбраниме сопствената земја“.
Полска беше најзначајниот играч во вооружувањето на Украина не само со снабдување на воена опрема, како што се „миг-29“, туку и дозволувајќи им на странските партнери да складираат и пренесуваат оружје преку полската граница во Украина. Досега Варшава испорача воена помош на Киев во вредност од повеќе од три милијарди американски долари.
Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Украина треба да запомни дека добива помош од Полска.
„Би било добро Украина да запомни дека добива помош од нас и да запомни дека ние сме и транзитна земја за Украина“, изјави тој пред новинарите во Њујорк по обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пукање кај израелската амбасада во Стокхолм, неколкумина уапсени
Шведската полиција приведе неколку лица и опколи област во Стокхолм откако патрола слушнала наводен истрел, соопшти полицијата во петокот, а израелската амбасада е во опкружената област.
„Полициска патрола во Страндваген во Стокхолм слушнала звуци и се посомневала дека има пукање“, објави полицијата на својата веб-страница.
Неколку лица се уапсени и поведена е истрага поради сомнение за тешко вооружено злосторство, додаваат тие.
„Во врска со истрагата, која е во тек, сознанијата го потврдуваат сомнежот дека имало пукање“, се наведува во објавата на полицијата на својата веб-страница.
„Ројтерс“ сѐ уште не може да добие коментар од полицијата или израелската амбасада.
Шведската новинска агенција ТТ соопшти дека полицијата одбила да коментира дали има врска меѓу инцидентот и израелската амбасада.
Европа
Орбан: Фицо е меѓу животот и смртта
Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по атентатот што ја шокира Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тоа беше првиот голем атентат на европски политички лидер во повеќе од 20 години и наиде на меѓународна осуда.
Политичките аналитичари и пратеници велат дека тоа ја разоткри сè пожешката и поларизирана политичка клима во Словачка и во Европа.
„Се молиме за премиерот и навиваме за Словачка“, рече Орбан. „Му посакуваме брзо закрепнување и враќање на работа. Роберт Фицо е меѓу животот и смртта“.
Орбан рече дека дури и ако Фицо закрепне, тој нема да работи со месеци во критично време пред изборите за Европскиот парламент на почетокот на следниот месец.
„Ни претстојат избори што ќе одлучуваат не само за пратениците во Европскиот парламент туку заедно со изборите во САД тие може да ги одредат текот на војната и мирот во Европа“, рече Орбан.
„Во таа ситуација навистина ќе ни требаат Роберт Фицо и Словачка, која се залага за мир“, додаде тој.
Европа
(Видео) По масовните напади на Крим, сателитските снимки откриваат уништени руски авиони и оштетени згради
Сателитските снимки до кои дојде Си-ен-ен покажуваат три уништени руски авиони и оштетени згради во воздухопловната база Белбек во Севастопол во средата. Станува збор за пресретнувачи „микојан миг-31“ и борбени авиони „сухој су-27“.
Сателитските снимки од Максар покажуваат два изгорени авиона на главната писта кај Белбек, а третиот е паркиран на заштитен насип. Сателитските снимки покажуваат и уништена зграда во близина и друга која претрпела значителна штета.
On @Maxar imagery, two MiG-31s and one Su-27 have been completely destroyed, and a MiG-29 damaged, at the Russian Air Force’s Belbek Airbase in occupied Crimea. A fuel storage near the main airbase runway was also destroyed, and debris continued to burn in the aftermath. https://t.co/ZWflMYUFVw pic.twitter.com/80N56MRP2h
— Christiaan Triebert (@trbrtc) May 16, 2024
Михаил Развозаев, гувернерот на Севастопол назначен од Русија, утринава преку „Телеграм“ изјави дека Русите „успешно одбиле масовен непријателски напад врз Севастопол“. Вторпат Белбек е цел на Украинците во последните 48 часа.
Запрашан за украинскиот напад на Белбек, Дмитро Плетенчук, портпарол на украинската војска, вчера изјави: „Во моментот не можеме да објавиме никакви детали бидејќи во овој момент нема проверени информации“.