Европа
Британскиот крал свечено пречекан во Франција, вечераше со Макрон во Версај
Британскиот крал Чарлс вчера пристигна во тридневна државна посета на Франција. Кралот и сопругата Камила беа почесни гости на државната вечера во Версај, а на менито имаше јастог и француски и англиски сирења.
„И покрај брегзит и бидејќи нашите врски се толку стари, знам дека ќе продолжиме заедно да пишуваме дел од историјата на нашиот континент“, рече францускиот претседател Емануел Макрон.
Беа поканети повеќе од 150 гости, меѓу кои британскиот актер Хју Грант, рок-ѕвездата Мик Џегер, францускиот милијардер Бернард Арно и поранешниот менаџер на „Арсенал“, Арсен Венгер.
Чарлс и неговата сопруга беа пречекани на аеродромот „Орли“ од премиерката Елизабет Борн, а потоа присуствуваа на церемонијата во Триумфалната капија, каде што им оддадоа почит на француските и британските војници што загинаа во двете светски војни.
Денеска, заедно со Макрон и неговата сопруга Брижит, ќе ја посетат катедралата Нотр Дам, која се обновува по пожарот во 2019 година. Потоа, в петок ќе го посетат Бордо, каде што ќе посетат органско лозје.
Кралот, кој течно зборува француски како и мајка му, покојната кралица Елизабета, ја гледа посетата како можност за обновување на односите меѓу двете земји оштетени од хаотичниот брегзит.
„Мораме да го зајакнеме нашето пријателство за да одговориме на предизвиците на 21 век“, рече Чарлс на гала-вечерата.
Чарлс имаше во план да ја посети Франција во март, но посетата беше одложена поради масовните протести во Франција поради пензиските реформи. Тоа требаше да биде негова прва државна посета како крал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.