Европа
Почина шефот на Коза Ностра
Почина италијанскиот мафијашки бос Матео Месина Денаро, кој беше уапсен во јануари по 30 години бегство, објави денеска новинската агенција АНСА, пренесува „Ројтерс“.
Месина Денаро (61) во моментот на апсењето боледуваше од рак на дебелото црево. Бидејќи неговата состојба се влошила во последните недели, тој бил префрлен во болница од затвор со максимално обезбедување во централна Италија.
Денаро не побарал агресивен медицински третман, објави АНСА додавајќи дека лекарите престанале да го хранат откога било прогласено дека е во неповратна кома.
Токму неговата одлука да почне лекување резултира со негово апсење по посетата на клиниката во главниот град на Сицилија, Палермо. По апсењето, Денаро шестпати по ред беше осуден на доживотен затвор и затворен во максимално обезбедуван затвор во Аквила, каде што, според достапните информации, продолжил со лекувањето.
Познат по прекарот Дијаболик, име на криминалец и протагонист од познатиот италијански стрип, чиј обожавател е и самиот, Матео Месина Денаро беше долгогодишен шеф на Коза Ностра во западната сицилијанска провинција Трапани, иако неговата моќ се прошируваше и на Палермо.
Тој беше безмилосен убиец и последен претставник на старата гарда на Коза Ностра. Во 1992 година тој беше дел од групата мафијаши испратени во Рим од тогашниот мафијашки бос Салваторе Риина (1930-2017) за да го убијат судијата Џовани Фалконе, познат борец против мафијата. Тоа им успеа во бомбашкиот напад на 23 мај во близина на Палермо.
Матео Месина Денаро исчезна во летото 1993 година и стана најбараната личност во Италија. Во годините што следуваа интензивно имаше потерници по него.
На крајот, било утврдено дека тој престојувал недалеку од родниот град Кастелветрано во западна Сицилија. По долгогодишно прислушување на членовите на неговото семејство и пријателите, полицијата на крајот го пронашла Денаро и го уапсила во приватна клиника во Палермо, каде што дошол на редовен медицински преглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

