Европа
Премиерот на Шведска: Се соочуваме со најсериозната безбедносна закана од Втората светска војна

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека земјата се соочува со најсериозната безбедносна закана од Втората светска војна.
„Се надевам дека сите ја разбираат сериозноста на ситуацијата и дека постапуваат во согласност со шведските интереси“, изјави Кристерсон на прес-конференција по средбата со Комитетот за надворешни работи, пренесува шведскиот јавен сервис „СВТ“.
Тој изјави дека владата работи во соработка со другите власти за да ги заштити граѓаните дома и во странство, откако протестите во Шведска каде беше осквернавен Куранот доведоа до големи протести низ земјите со претежно муслиманско население.
Кристерсон рече дека шведската влада почнала да работи на тоа како треба да се измени Законот за јавен ред со цел да се заштити безбедноста на граѓаните, но нагласи и дека нема намера да го менува уставот кој ја гарантира слободата на говорот.
Земјата во моментов се соочува со зголемен број закани од терористички напади, но премиерот вели дека властите спречиле планирани акции против Шведска.
Тој потврди дека една од неодамна откриените закани била упатена до полицијата и до лицето кое го запалило Куранот.
Во Шведска, заканата од тероризам е рангирана на скала од еден до пет, а моментално е на ниво четири, што подразбира дека постои конкретна закана од терористички напад во Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.