Европа
Ренци: Фон дер Лајен не треба да биде реизбрана за претседателка на ЕК

Поранешниот италијански премиер и лидер на партијата „Да живее Италија“, Матео Ренци, во Фиренца изјави дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не треба да биде реизбрана на таа функција.
„Урсула фон дер Лајен, според мене, не треба да биде реизбрана. Ќе ве замолам да не гласате за неа, туку да гласате за лидер, а не за следбеник на идеологии“, истакна Ренци во последниот говор на последниот ден од конвенцијата „Да живее Италија“ во Фиренца.
Ренци рече и дека унгарскиот премиер Виктор Орбан треба да престане да добива европски пари доколку не сака да ги почитува правилата на ЕУ, пренесе „Република“.
„Ако Орбан не сака да се придржува до правилата на ЕУ, има целосно право да го стори тоа, но ако сака да не ги почитува правилата за владеење на правото, нека престане да зема европски и италијански пари. Италијанските даночни обврзници нема да платат за вашата изборна кампања, драг Виктор“, изјави поранешниот премиер на Италија.
Поранешната партнерка на покојниот италијански политичар Силвио Берлускони, Франческа Паскал, која присуствуваше на конвенцијата, оцени дека Ренци е единствениот лидер на теренот и дека го продолжува проектот што го започна Берлускони.
„Убедена сум во упорноста, силата, политичката страст и ентузијазам на Матео Ренци, што е тешко да се најде кај политичките лидери. Денес тоа го препознавам само кај него“, изјави таа.
Таа исто така додаде дека Ренци е една од политичките фигури кои Берлускони најмногу ги сакал и кого „секогаш го сметал за политички гениј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Макрон: Нема разговори за прекин на воената помош за Украина за време на прекинот на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да се согласи да ја суспендира воената помош за Украина, дури ни за време на евентуално 30-дневно примирје.
„Нема предуслови. Испораките на оружје за одбрана и отпор на Украина нема да престанат“, рече Макрон, обраќајќи се до претседателот Володимир Зеленски.
Тој додаде дека доколку Русија не се придржува до предложеното примирје, таа мора да ги сноси последиците. „Во тој случај, ќе следат нови, посилни санкции и дополнителна поддршка за Украина. Треба да подготвиме нов пакет санкции – тоа не смее да биде рутинска мерка, туку нешто многу порешително“, нагласи тој.
Макрон претходно беше прашан што ќе сторат Украина и нејзините сојузници доколку Русија побара прекин на воената помош како услов за прекин на огнот. Кремљ повеќе пати ја отфрли идејата за едномесечно примирје, тврдејќи дека Западот ќе го искористи за дополнително вооружување на Украина.
Европа
Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа американскиот план за 30-дневен прекин на огнот во Украина и ѝ се заканија на Русија со „масовни“ санкции доколку не го почитува договорот.
„Слушаме многу контрадикторни изјави од Европа. Тие генерално се од конфронтациска природа и не се насочени кон обид за обновување на нашите односи. Ништо повеќе од тоа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според Интерфакс.
Европа
Зеленски: Имаме добар договор со Америка, помошта не запира

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев и САД постигнале „многу добар договор“ за продолжување на воената соработка. „Можеме да сметаме на американска поддршка, не само од владата, туку и од приватниот сектор“, рече тој.
Тој особено ја истакна улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Трамп не ја запре испораката на воена помош или размената на разузнавачки информации, што е клучно за одбраната на нашето небо. Тој не ги укина санкциите против Русија. Веруваме дека тој ќе продолжи да ја поддржува Украина.“