Европа
Татко и син паднале од шести кат во Италија: се држеа за раце, раскажуваат соседите

38-годишен маж загинал а неговиот 4-годишен син бил хоспитализиран по падот од терасата на шестиот кат на една зграда во Италија.
Инцидентот се случил вчера околу 15 часот во Палермо во стан во кој живеел таткото, инаку универзитетски професор и неговиот мал син.
Професорот починал кратко време по пристигнувањето во болницата, додека момчето е на интензивна нега.
Момчето е свесно и наводно во болницата цело време прашува за таткото, пренесуваат италијанските медиуми. Неговата мајка починала пред една година.
Момчето има скршена рака и рани на градите и стомакот и е под набљудување во болницата, стои во написите.
Полицијата се сомнева дека се случила несреќа, а „Риа News“ пишува дека тие не исклучуваат и самоубиство.
Поточно, некои соседи рекоа дека неговиот татко се обидел да го спаси синот кој се потпрел на балконот и така и двајцата паднале.
Сепак, други велат дека таткото и синот се држеле за рацете.
Медиумите известуваат дека професорот наводно бил под притисок за старателство над неговиот син по смртта на неговата сопруга.
Полицијата продолжува да го испитува случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин