Европа
Тимошенко го повика Зеленски да го претстави планот Б: „Украина нема да може вака уште долго“

Поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко, денеска, го повика претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на Украинците да им го претстави таканаречениот план Б, кој треба да ја изведе земјата од „тешката и прилично трагична позиција“.
„Сакам да му се обратам на претседателот и да го прашам. Да, денес сите сме за победа, за Украина, за територијален интегритет. Но, на Украина ќе ѝ биде многу тешко да води долготрајни војни како оваа што се води денес. И затоа го прашувам претседателот: има ли да ѝ понуди на земјата план Б за нашата победа. Понудете излез од оваа тешка, прилично трагична ситуација. Покажете го вашето лидерство. Мора да дејствуваме јасно, рационално, стратешки и победнички. И да не влегуваме во ќор-сокак ако тоа некому му се допаѓа“, рече Тимошенко во видеото што го пренесоа украинските медиуми.
Поранешната премиерка на Украина не посочи каков би можел да биде тој план Б. Од друга страна, познато е дека планот А на Зеленски предвидува продолжување на борбите до враќање на границите од 1991 година и неподготвеност да преговара со Москва за каков било прекин на огнот додека на власт е рускиот претседател Владимир Путин, пишуваат медиумите.
Покрај тоа, Тимошенко предложи да се испратат членови на сите безбедносни структури на земјата на фронтот – од полицијата и државното обвинителство преку други агенции за спроведување на законот бидејќи сите тие знаат да користат оружје и „знаат да водат војна“. Ова, вели, е подобро отколку да се намали возраста за мобилизација од 27 на 25 години, пренесува „РТ Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Фаворитот за следен канцелар, Мерц гласаше во Арнсберг

Најверојатниот кандидат за канцелар, Фридрих Мерц од Христијанско-демократската партија (ЦДУ) гласаше во Арнсберг. Овој град со средна големина во покраината Северна Рајна-Вестфалија е негова изборна единица.
Областа околу тој град е позната како демохристијанско упориште. На последните избори во 2021 година, луѓето овде директно го избраа Мерц за претставник во Бундестагот со поддршка од повеќе од 40 проценти.
Ова беше и враќање на Мерц во Бундестагот по долго отсуство од сојузната парламентарна сцена, пишува Дојче веле.
Европа
Шолц со трчање го започна изборниот ден во Германија

Актуелниот канцелар Олаф Шолц утрово трчајки, придружуван од чувари, го започна изборниот ден во Потсдам.
Во тој град, покрај Берлин, се наоѓа неговата изборна единица. На последните избори Шолц постигна јасен резултат. Но, сега работите би можеле да станат тесни за него и неговата Социјалдемократска партија.
Анкетите спроведени пред изборите покажаа значителен пад на поддршката од гласачите.
Европа
Путин вети помодерно оружје за руските војници

Рускиот претседател Владимир Путин денеска вети дека ќе им обезбеди на руските сили помодерно оружје и технологија, еден ден пред третата годишнина од инвазијата на Москва на Украина.
„Им благодарам на сите учесници во специјалната воена операција за нивната борбеност и одлучноста за победа“, рече Путин во видео пораката по повод одбележувањето на Денот на бранителот на татковината, еден од најважните национални празници во Русија.
Кремљ официјално ја нарекува руската инвазија на Украина „специјална воена операција“.
„Денес, среде брзите промени во светот, нашиот стратешки пат кон зајакнување и развој на вооружените сили останува непроменет“, рече Путин.
„Врз основа на искуството и барањата на бојното поле, опремувањето на војниците со ново оружје е приоритет“, додаде тој.
Путин ја даде оваа изјава пред големата прес-конференција што украинскиот претседател Володимир Зеленски има намера да ја одржи денеска. Се очекува Зеленски да зборува за ситуацијата на првите борбени линии.
Конференцијата на украинскиот лидер доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп, во пресврт на американската политика, остро го критикуваше, нарекувајќи го „диктатор“ поради одложувањето на изборите поради војната што Путин ја започна на 24 февруари 2022 година.
САД беа најважниот сојузник на Украина и снабдувач со оружје кога претходникот на Трамп, Џо Бајден, беше на функција, но неодамнешните коментари на Трамп сугерираат дека САД можеби нема да продолжат да ја поддржуваат Украина.
Додека руската војска продолжува да напредува во источна Украина, независни експерти проценуваат дека се убиени најмалку 95.000 руски војници, но овие бројки не можат да се потврдат. Од почетокот на војната, Путин ја трансформираше земјата во воена економија, а одбранбената индустрија работи со полна пареа.