Европа
Трамп и Меркел согласни сите членки на НАТО чесно да ја финансираат својата безбедност

Германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле за важноста на НАТО алијансата и неопходноста сите земји членки да го плаќаат чесно својот финансиски удел за заедничката безбедност, соопштено е по телефонскиот разговор на двајцата челници во саботата вечерта по средноевропско време.
Трамп и Меркел разговарале за прашањата на Блискиот исток, Северна Африка, за врските со Русија и за судирот во источна Украина, изјави портпаролот на германската влада во писмената изјава за којашто се потенцира дека ја одобриле двете земји, пренесува Reuters.
„Претседателот и канцеларката се согласни во признанието на основните вредности на НАТО во рамките на пошироките трансатлантски односи и за неговата улога во осигурувањето на мирот и стабилноста на нашата зaедница на Северниот Атлантик“, се наведува во соопштението на Белата куќа, кое го цитира агенцијата AFP.
Во текстот се истакнува и дека Трамп во јули ќе учествува на самитот на групата Г20 во германскиот град Хамбург, и оти се надева дека „наскоро ќе ѝ биде домаќин на канцеларката во Вашингтон“.
Исто така, Трамп и Меркел се договориле за јакнење на соработката во борбата против тероризмот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Нападнатиот во Берлин е шпански турист, тој е стабилен: напаѓачот е уапсен

Мажот повреден во нападот со нож кај Меморијалот на холокаустот во Берлин е 30-годишен турист од Шпанија, соопшти вчера германската полиција.
Тој е пренесен во болница со тешки, но не опасни по живот повреди. Мажот е во стабилна состојба, изјави претходно портпаролката на полицијата.
Полицијата три часа по пријавата го уапсила осомничениот.
Уапсениот имал „крв на рацете“, изјави портпаролот на полицијата Флоријан Нат. „Тоа е веројатно осомничениот кој го нападна Шпанецот овде кај Меморијалот“, додаде тој.
Нападот се случил околу 18 часот. Не е пронајдено оружје, но најверојатно се работи за нож, додаде полицијата.
„Апсолутно немаме идеја кој мотивот за нападот“, нагласи Флоријан Нат.
Жртвата се здобила со „неколку убодни рани во горниот дел од телото“, објасни тој. Мажот е пренесен во болница, опериран е и е во стабилна состојба, соопшти полицијата.
Европа
Итен состанок на министрите за одбрана на ЕУ поради Украина, дознава Блумберг

Франција и Естонија свикаа итен состанок на министрите за одбрана на Европската унија в понеделник, 24 февруари, за да разговараат за начините за зајакнување на воената поддршка за Украина, дознава Блумберг, повикувајќи се на извори.
Според изворите, на состанокот преку видео-конференција ќе учествуваат десетина министри за одбрана на Европската унија, вклучително и оние од Велика Британија, Германија, Италија и Полска, како и претставници на ЕУ и НАТО.
Како што пренесува Укринформ, Украина се подготвува да организира состанок на лидерите на земјите-партнери во Киев на 24 февруари, на кој ќе се разговара за мирот, безбедносните гаранции и иднината на колективната одбрана. Тој ден во Брисел ќе се одржи и состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, а војната во Украина ќе биде прва точка на дневниот ред, велат оттаму.
На 24 февруари се одбележува третата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија на Украина.
Европа
Путин до руски банкар: Маск ќе и се врати на науката, здружете ги силите со него

Рускиот претседател Владимир Путин му предложи на заменик-извршниот директор на Гаспромбанк да соработува со американскиот мултимилијардер и близок сојузник на Трамп, Илон Маск.
Дмитриј Зауерс му кажа на рускиот претседател за руските батерии што се користат во неврочипови. „Тоа е нашиот одговор на Илон Маск“, изјави банкарот Зауерс.
„Здружете ги силите со Маск. Кога ќе заврши со реформите на административните агенции во САД, ќе се врати во науката. Треба да работите со него. Веќе преговараме за заедничка работа во вселената, можеме да соработуваме и во оваа сфера“, одговори рускиот претседател Владимир Путин.
Гаспромбанк е една од најголемите банки во Русија, основана во 1990 година. Таа е поврзана со енергетскиот гигант Гаспром, најголемиот руски производител на природен гас. Иако првично беше основана како банка за финансиските потреби на Гаспром, денес работи како универзална банка која обезбедува широк спектар на услуги – од корпоративно и инвестициско банкарство до банкарски услуги на мало.
Банката игра клучна улога во финансирањето на енергетскиот сектор на Русија и често е во фокусот на меѓународните санкции, особено по руските геополитички конфликти. И покрај санкциите, Гаспромбанк останува една од најважните финансиски институции во Русија.