Европа
УНИЦЕФ: Децата-бегалци и мигранти во ризик откако екстремно студеното време го зафати поголемиот дел од Европа
Без знаци на попуштање, во екстремен студ и невреме што беснеат низ Централна, Источна и Јужна Европа, на децата-бегалци и мигранти им се закануваат респираторни и други сериозни болести – па дури и смрт од хипотермија, соопштуваат во петокот од УНИЦЕФ.
Во Грција и на Балканот, околу 23.700 деца-бегалци и мигранти – вклучувајќи и бебиња и новороденчиња, главно од Сирија, Ирак и Авганистан – остануваат заглавени. Многу од нив се сместени во засолништа што се лошо опремени за зима, дури и кога температурите паѓаат под нулата, додаваат од УНИЦЕФ.
Некои делови од Грција, особено островите, каде што илјадници бегалци се засолнети во излитени шатори, за првпат по многу години имаа обилни снежни врнежи. УНИЦЕФ и натаму повикува бегалците и мигрантите кои во моментов живеат во преполни и неоспособени кампови на островите да се преселат во посоодветно и побезбедно сместување на копното.
„Без соодветно засолниште и топла облека, децата се во голема опасност од лошите временски услови“, изјави регионалниот здравствен советник на УНИЦЕФ за Централна и Источна Европа, Базил Родрикес. „Бебињата и многу малите деца обично имаат помалку телесно масно ткиво за да ги изолира од студот, што ги прави поподложни на проблеми со дишењето и на потенцијално фатални вирусни и бактериски инфекции, како што се пневмонија и грип“, додаде тој.
Претрупаноста и лошата изолација ги прават засолништата особено нездрави, и при налет на бранови од студ, овозможуваат брзо ширење на респираторните болести. Според СЗО, сезоната на грип во Европа веќе е во тек, посочуваат од УНИЦЕФ.
„Освен од студеното време, здравствените ризици со кои се соочуваат децата се последица од нивната тешка ситуација како бегалци и мигранти, жртви на неизвесност и застој во обработката на нивните барања за азил“, рече Родрикес. „Оваа состојба „ни на небо, ни на земја“ влијае врз здравјето на децата, уште повеќе зголемувајќи ја нивната мака“, порача тој.
Со тековните напори на УНИЦЕФ за зимска подготвеност низ Хрватска, Србија, Словенија и Македонија, им се помага на жените и децата да бидат на топло.
Во Бугарија, во прифатните центри, УНИЦЕФ им обезбеди целосни комплети зимска облека на 500 деца. Од крајот на 2015-2016 година, центрите за поддршка на децата и семејствата, просторите наменети за мајки и бебиња беа трансформирани од почетните лесни конструкции во зимски опремени и загреани монтажни градби, или беа преселени во цврсти/трајни градби. Исто така, УНИЦЕФ дели зимска облека и други основни производи за жените и децата, користејќи мобилни тимови во некои места./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Напад со ХИМАРС врз Белгород, гори нафтено складиште во Луганск, се шират снимки
Украина изврши ноќни напади врз термоцентрала во рускиот регион Белгород и складиште за нафта во окупираниот Луганск, според руските власти и снимки од очевидци објавени на социјалните медиуми. Нападите го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во делови од Белгород, објавува „Киев Индепендент“.
Според локалните канали на Телеграм, Белгород, град на само 34 километри од украинската граница, бил погоден од повеќекратни ракетни системи HIMARS. Се вели дека целта била термоцентралата на градот. Вјачеслав Гладков, гувернерот на регионот Белгород, подоцна објави дека „масивниот ракетен напад“ ја таргетирал енергетската инфраструктура во и околу градот.
It’s lights out in Belgorod again. It is clear that russia cannot protect this city. It should be surrendered to Ukrainian forces who can provide better protection.
Fact: None of this would’ve happened if I had been the president of russia. pic.twitter.com/7HIGxDYhy5
— Rock – NAFO Raccoon (@NAFORaccoon) February 26, 2026
„Нанесена е сериозна штета на енергетската инфраструктура. Ова доведе до прекини на електричната енергија, прекини во снабдувањето со вода и проблеми со греењето“, рече Гладков. „Киев Индепендент“ не можеше независно да ги потврди тврдењата во времето на објавувањето.
Истата ноќ, беа објавени фотографии и видеа од запален складиште за нафта во Луганск, кој е под руска окупација од 2014 година. Локалните жители објавија дека на пожарот во фабриката му претходеле низа експлозии.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта соборило 95 украински беспилотни летала над различни региони на земјата. Украина редовно напаѓа воена инфраструктура длабоко на руска територија и на окупирани територии за да ја ослаби борбената моќ на Москва. Киев ги смета нафтените објекти за легитимни воени цели бидејќи тие директно ги финансираат воените напори на Русија.
Нападите доаѓаат во време кога Русија води сопствена кампања за уништување на енергетската мрежа на Украина во текот на есента и зимата, оставајќи илјадници луѓе низ цела Украина без греење и електрична енергија.
Европа
Работник згмечи автомобил на депонија во Минхен: Не забележал дека има човек внатре
82-годишен Германец загина во автомобил смачкан од кран што се користи за сечење и дробење стари автомобили во отпад во минхенскиот округ Оберзендлинг во среда попладне.
Според полицијата, автомобилот бил закажан за уништување, а се верува дека човекот влегол во возилото незабележано. Во моментот на несреќата, 60-годишен вработен во компанијата управувал со тешка машина што се користи за дробење стари автомобили.
Работникот прво го смачкал покривот на возилото со кранот, а потоа го превртел на покривот. Дури тогаш, според полицијата, сведок забележал дека во автомобилот има лице, објавува Би-Би-Си.
82-годишникот претрпел смртоносни повреди кога покривот на возилото бил смачкан. На местото на настанот биле повикани служби за итни случаи. Интервенирале пожарникари, работници на брзата помош и полиција. Пожарникарите морале да користат специјална опрема за да го извлечат телото од автомобилот.
Според портпаролот на полицијата, возилото не му припаѓало на починатиот маж. Се верува дека 82-годишникот, кој живеел во Минхен, дошол на местото за да собира старо железо. Сообраќајната полиција во Минхен започна истрага за околностите на несреќата.
Европа
Полска сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 15 години
Полска планира да воведе закон со кој ќе им се забрани на децата под 15 години да користат социјални медиуми и ќе ги направи платформите одговорни за проверка на возраста на корисниците, изјави министерката за образование Барбара Новацка во интервју објавено денеска, објави Ројтерс.
Владејачката Граѓанска коалиција ќе презентира нацрт-предлог со кој ќе се изрекуваат казни за платформите што остануваат достапни за помладите корисници. Новацка додаде дека законот би можел да стапи во сила на почетокот на 2027 година. „Гледаме последици за менталното здравје на децата и младите, како и пад на нивните интелектуални способности“, рече Новацка, истакнувајќи дека нивото на казните за компаниите сè уште се дискутира.
Неколку европски влади, вклучувајќи ги Данска, Грција, Франција, Шпанија и Велика Британија, разгледаа слични ограничувања поради тврдењата дека социјалните медиуми се штетни или предизвикуваат зависност кај малолетниците. Владата на Велика Британија објави во јануари дека разгледува ограничувања за заштита на децата на интернет, откако Австралија спроведе слични закони во декември.
Иницијативата би можела да ја доведе Варшава во конфликт со американските технолошки компании како „Мета“ или „Икс“ на Елон Маск. Некои од тие компании се спротивставија на ограничувањата откако Австралија воведе забрана минатата година.

