Европа
Филипинка се породила на крузер и го сокрила бебето: тоа починало

Истражен судија во Гросето, Италија го отфрли обвинението за убиство против Чан Џенсел Пиа Салахид, 28-годишна Филипинка која се породила на бродот за крстарење „Сребрен шепот“ на 17 мај, а потоа беше уапсена за смртта на детето.
Истражниот судија го потврдил приведувањето, а младата жена останала во затвор, но под обвинение за напуштање дете кое починало. Нејзините двајца колеги, кои ја делеле кабината со неа и кои исто така биле уапсени поради смртта на бебето, биле ослободени.
Тие и помогнале да се породи и биле соучесници во прикривањето.
Како што пишува „Rai News“, по добивањето на резултатите од обдукцијата, судот ги отфрли обвиненијата за убиство. Засега не се знае за што точно ќе биде обвинета жената освен за напуштање на детето.
А, таа цело време пред истражителите, според италијанските медиуми, тврдела дека не сакала да го убие својот син, кого го нарекла Тејлор.
Само се плашела дека ќе остане без работа, па го сокрила. Секогаш кога можела, доаѓала да го дои, според исказите. Бебето го оставала во плакарот со подотворена врата за никој да не го види или слушне неговиот плач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Естонија се повлекува од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини, стравува од Русија

Парламентот на Естонија денес гласаше за повлекување од Конвенцијата од Отава со која се забранува употребата на противпешадиски мини, поради загриженост за потенцијална воена закана од соседна Русија.
Осумдесет и еден од 101 пратеници го поддржаа предлогот, соопшти прес-службата.
Сите пет земји од Европската Унија и НАТО што граничат со Русија – Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Финска – објавија планови за повлекување од меѓународниот договор поради воената закана што ја претставува нивниот многу поголем сосед.
Русија не е членка на Конвенцијата од Отава и користеше мини при инвазијата на Украина. Гласањето на Естонија следеше по гласањето на Латвија и Литванија, чии парламенти веќе го одобрија повлекувањето. Земјите ќе можат да складираат и распоредуваат мини шест месеци откако ќе ги известат другите членки на договорот и Обединетите нации за нивната одлука. Ниту една од петте земји сè уште не го сторила тоа.
Европа
(Видео) 5-минутна снимка од историскиот украински напад врз руски авиони

Украинската Служба за безбедност (СБУ) објави ново 5-минутно видео кое прикажува напади со беспилотни летала ФПВ (First Person View) врз руски воени цели, вклучувајќи бомбардери и авиони А-50.
Станува збор за историски украински напад врз повеќе руски бази, нанесувајќи им голема штета на руските сили. Нападот е дел од пошироката стратегија на Украина за користење беспилотни летала за извршување прецизни напади врз клучни воени цели.
Употребата на беспилотни летала ФПВ им овозможува на операторите директно да го контролираат леталото со поглед од прво лице, зголемувајќи ја точноста на ударот. Оваа технологија станува сè поважна во современото војување, овозможувајќи прецизни напади со минимален ризик за операторите.
Европа
Путин бесен, жестоко го нападна режимот на Зеленски

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат ги коментираше најновите украински напади на руска територија. Тој рече дека „намерните напади на Украина врз цивилното население во Русија потврдуваат дека веќе нелегитимниот режим во Киев се претвора во терористичка организација“.
Тој нагласи дека „на режимот во Киев не му е потребен мир“ и дека за сегашните власти во Киев, мирот „веројатно значи губење на власта“. Путин тврди дека одлуката за извршување на нападите е донесена на политичко ниво во Украина, а целта е да се заплаши Русија.
Според него, украинските сили се повлекуваат по целата фронтова линија и трпат големи загуби, поради што властите во Киев се свртуваат кон организирање терористички напади. Путин повтори дека Москва стравува дека „нелегитимниот режим во Киев се претвора во терористичка организација“, што, тврди тој, се потврдува со напади врз цивилното население, како оние во регионот Брјанск.
„Она што се случи во Брјанск беше целен напад врз цивили. Според сите меѓународни норми, ваквите дејствија се нарекуваат тероризам“, рече Путин.
Тој додаде дека „нападите врз цивилите имале за цел да го попречат вториот круг преговори“ и дека Украина ќе го искористи секое затишје во борбите за повторно вооружување, присилна мобилизација и подготовка на нови напади.
Рускиот претседател, исто така, тврдеше дека спонзорите на Украина „стануваат соучесници на терористите“.
Тој, исто така, нагласи дека, според него, на украинското раководство му недостасува политичка култура и си дозволува да ги навредува оние со кои наводно се обидува да преговара.
Путин им се заблагодари на службите за итни случаи, железничките работници и другите работници за помошта на повредените во нападите.