Европа
Франсоа Фијон успеа да ѝ ја наметне својата кандидатура на десницата
Политичкиот комитет на најголемата опозициска партија, конзервативната Републиканци, едногласно во понеделникот ја потврди поддршката за кандидатурата на победникот на партиските предизбори ланскиот ноември, поранешниот премиер Франсоа Фијон, и покрај партиските повици да се повлече откако претходно фаворитот за пролетните претседателски избори почна да заостанува во анкетите по избивањето на аферата со наводните лажни вработувања на неговото семејство, за што најверојатно ќе се појави пред суд.
„Франсоа Фијон потврди дека има намера да се кандидира, политичкиот комитет по широката размена на мислењата едногласно ја обнови поддршката за него“, изјави претседателот на францускиот Сенат (горниот дом на парламентот), Жерар Ларше.
Според него, Фијон ќе излезе со голем број иницијативи во насока на обединување на десницата и центарот, а главниот орган на партијата од своја страна, исто така, ја преземала обврската да направи сé што е неопходно.
„Републиканците се целосно решителни и обединети околу Франсоа Фијон“, заклучи Ларше, по седницата на која требаше да се оцени ситуацијата на изборната кампања која судската закана ја парализираше со опасност од подигнување обвинение против кандидатот.
Така по неколкуте обиди да се повлече од кампањата, во позла на исто така поранешниот премиер Ален Жипе кого уверливо го порази на предизборите и оцените дека неговата одбрана којашто се темели на тврдења за заговор и политички атентат само довела до ќорсокак, Фијон, сепак, ги убеди своите сопартијци дека нема друг избор освен неговата кандидатура..
Фијон, кој во саботата наполни 63 години, пак, ги повика „сите мажи и жени со добра волја да се обединат“ околу него.
„Загубивме премногу време во празни дебати, оставајќи простор на крајната десница и на кандидатите од левицата задоволно да ги тријат рацете гледајќи ја нашата разединетост“, се вели во писмената изјава на Фијон, алудирјаќи меѓу другото и на тоа што претходно 260 парпаментарци ја откажа поддршката за него.
Според последните анкети, Фијон кој по првата седмица од скандалот ја врати предноста на втората позиција, би можел да испадне во првиот круг на 23-ти април, а во вториот круг на 7-ми мај да влезат кандидатката на крајната десница Марин Лепен и независниот кандидат на центристите и на левицата, премиерот Емануел Макрон кој за кандидатурата си поднесе оставка од владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд.
До последните мигови, блиските соработници на поранешниот претседател Николас Саркози, во чијашто влада беше премиер, се обидува на сите начини да го убедат Франсоа Фијон „да ја преземе одговорноста и самиот да го избере наследникот“ во претседателската трка.
Меѓутоа, сите напори и притисоци останаа попусти. Охрабрен од големиот народен собир во неделата крај Ајфеловата кула во Париз, на кој по многу лошо време и силен дожд според процените на медиумите се собрале повеќе десетици негови приврзаници, Фијон пред челниците на партијата повторил дека неговата кандидатура е „единствено легитимна“.
„Досега никогаш во Петтата Република претседателските избори не биле толку комплицирани, со левицата која го загуби компасот, крајната десница којашто го јакне антиевропскиот фанатизам и сé поголемата популарност на Емануел Макрон, и покрај неговата политичка незрелост и слабостите во неговата програма“, анализираше во понеделникот поранешниот премиер и шеф на дипломатијата Ален Жипе, кој во ноември 2016 година беше поразен од Фијон на предизборите на кои гласаа приврзаниците на десницата и конзервативците.
Претседателот на заминување, социјалистот Франсоа Оланд, кој има историски најнизок процент на доверба, во понеделникот го прекина молкот и предупреди на „заканата“ од победа на Марин Лепен.
„Моја ултимативна должност е да се осигури Франција да не добие таква програма и Франција да не носи таква тешка одговорност“, рече Оланд во симултаното интервју за повеќе европски дневни весници, сметајќи дека победата на Марин Лепен претставува ризик.
„Мораме да излеземе од таа стратегија на сеење страв“, возврати кусо Лепен./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Европа му одговори на Трамп за Гренланд
Европските лидери издадоа заедничка изјава во која се вели дека Гренланд им припаѓа на неговите луѓе и дека само Данска и Гренланд имаат право да одлучуваат за неговата иднина. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот врвен советник Стивен Милер во последните денови повторно го отворија прашањето за преземање на арктичката територија од страна на САД.
Изјавата доаѓа откако Трамп во интервјуа изјави дека на САД „им е потребен Гренланд“, додека Милер рече дека Гренланд „треба да биде дел од САД“ и потврди дека „никој нема да војува со Америка околу иднината на Гренланд“, што предизвика силни реакции во Европа.
Joint Statement on Greenlandhttps://t.co/ORMWHpKEJt pic.twitter.com/wu1SdF1INN
— Statsministeriet (@Statsmin) January 6, 2026
Денешната заедничка изјава ја потпишаа францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, полскиот премиер Доналд Туск, шпанскиот Педро Санчез, британскиот Кир Стармер и данската премиерка Мете Фредриксен.
Европа
(Видео) Маж избол до смрт кондуктер во Италија, па избегал со воз: во тек е масовна потрага по Хрват
34-годишниот кондуктер Алесандро Амброзио беше избоден до смрт синоќа на главната железничка станица во Болоња. Полицијата го идентификуваше осомничениот напаѓач како 36-годишниот Хрват Марин Јелениќ, кој е во бегство. Низ цела Италија е започната потрага по него, јавуваат италијанските медиуми.
Убиството се случило околу 18:30 часот на паркинг резервиран за вработени во железницата. Амброзио, кој штотуку ја завршил смената, одел кон својот автомобил кога бил нападнат одзади. Тој бил смртно избоден во стомакот. Бидејќи на местото на злосторството биле пронајдени неговиот мобилен телефон, паричник и пари, истражителите веднаш ја исклучиле можноста за грабеж како мотив за нападот.
Полицијата го обезбедила местото на злосторството, а истражителите ги прегледале снимките од безбедносните камери од станицата, перонот и паркингот. Со споредување на снимките, наводниот сторител, Марин Јелениќ, брзо бил идентификуван.
36-годишникот е маж без постојано живеалиште и е познат на полицијата по претходни кривични дела и напади на други железнички станици.
Алесандро Амброзио работел како кондуктер, а бил син на поранешен железнички работник. Колегите и познаниците го опишуваат како сериозен и смирен професионалец.
Италијанската полиција верува дека убиецот избегал од местото на настанот веднаш по нападот качувајќи се на воз што се движел кон север.
Затоа, потрагата е фокусирана на возовите и станиците, со зголемени патроли и проверки на клучните железнички крстосници.
Европа
Коалиција на волните во Париз: ЕУ нуди гаранции за Украина, САД се подготвени да интервенираат
Се очекува европските земји денес да ја изразат својата подготвеност да обезбедат правно обврзувачки безбедносни гаранции за Украина, додека од САД се очекува да се обврзат на „клучна улога“ во нивното спроведување, вклучително и интервенција во случај на нов руски напад, според нацрт-заедничката декларација од состанокот на таканаречената коалиција на волните во Париз.
Коалицијата на волните, неформална група земји кои изразија подготвеност да ја гарантираат безбедноста на Украина по прекинот на огнот со Русија, се состана денес во Елисејската палата, под домаќинство на францускиот претседател Емануел Макрон.
САД во Париз ги претставуваат Стив Виткоф, претставник на Вашингтон за преговори со Москва, и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател и еден од преговарачите за мир во Украина.
Според нацрт-декларацијата, европските лидери ќе ја прогласат својата подготвеност да обезбедат „правно обврзувачки“ безбедносни гаранции за Украина. Овие гаранции би вклучувале меѓународни сили, „поддржани“ од американски ресурси.
Во документот се нагласува дека способноста на Украина да се брани е клучна за нејзината иднина, како и за пошироката евроатлантска безбедност. Исто така, се наведува дека членовите на коалицијата и САД „се подготвени да играат клучна и тесно координирана улога“ во системот на безбедносни гаранции.
Нацртот, исто така, предвидува воспоставување на „долгорочен и сигурен“ механизам за следење на спроведувањето на прекинот на огнот, со кој претседаваат САД со меѓународно учество.
Коалицијата, со поддршка од САД, се согласи да продолжи со воената помош за Украина, која во документот се опишува како „прва линија на одбрана и одвраќање“. Ова вклучува нови пакети за воена помош, поддршка за финансирање на украинските вооружени сили и обезбедување пристап до снабдување со оружје во случај на идни конфликти.
Според нацртот, сите мировни сили во Украина би биле предводени од европски земји, додека САД би придонесувале со разузнавање и логистика, а во случај на напад, со вооружени сили.

