Европа
Франција започна да ги вакцинира сите возрасни групи
Од денеска, сите жители на Франција, без оглед на возраста или здравствената состојба, можат да се вакцинираат против Ковид-19, во време кога државата постепено ги олеснува мерките наметнати поради пандемијата.
„Јас сум целосно убеден дека ќе видиме дека голем број луѓе ќе бидат вакцинирани сега“, изјави Ален Фишер, шеф за вакцинација во француската влада.
Според него, проширувањето на кампањата за вакцинација е клучна фаза за заштита на населението и враќање кон понормален живот, пренесуваат француските агенции.
Французите ќе мораат да бидат стрпливи во очекување на вакцината, бидејќи резервациите за закажување, достапни од четвртокот, постепено пристигнуваат на специјализирани платформи на Интернет, рече министерот за здравство Оливие Веран.
Испораки од 76,7 милиони дози на вакцини се очекуваат во јуни, во споредба со 44,5 милиони примени во мај.
Најмалку една доза од вакцината против Ковид-19, во Франција примиле 25,4 милиони луѓе или 38 проценти од вкупната и 48,4 проценти од возрасната популација.
Две дози примиле околу 10,7 милиони луѓе.
Директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге рече дека најмалку 70 проценти од светската популација треба да се вакцинира до крајот на пандемијата, додавајќи дека Европа сè уште е премногу бавна за да го вакцинира своето население.
Во 53 земји кои припаѓаат на Европскиот СЗО, вакцинирани се само 26 проценти од населението, пренесуваат француските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Хорор во Австрија: Србин избодел девојка со кујнски нож, крвавата жена истрчала по помош, тој продолжил да се сече
25-годишниот Србин кој наводно ја избодел пет пати со кујнски нож својата девојка (22) во Линц-Ебелсберг, ќе одговара за обид за убиство, јавуваат австриските медиуми.
Драматични беа сцените што се случија на крајот на август во Линц-Ебелсберг. 25-годишен Србин, наводно, ја избодел својата девојка пет пати со кујнски нож од 20 сантиметри. Жената се спасила влегувајќи во куќа, облеана во крв, пренесува Кронен Цајтунг.
Девојката (22) преживеала благодарение на итна операција, а мажот оттогаш е во притвор. Меѓутоа, сега против него е покренато обвинение. Човекот ќе се брани од обвинението за обид за убиство, како што потврди Улрике Брајтенедер, портпаролка на јавното обвинителство во Линц.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна од 10 до 20 години. Датумот на судење се уште не е одреден, бидејќи има рок за жалба од две недели. Судењето, според тоа, најверојатно ќе се одржи дури следната година.
Европа
Русија парично ја казни апликацијата Телеграм
Русија вчера ја казни платформата за социјалните медиуми за испраќање пораки Телеграм со седум милиони рубљи (околу 64.000 евра), јавува Анадолија.
Локален суд во Москва ја казни апликацијата откако ја прогласи за виновна за кршење на рускиот закон со дозволување пристап до некои забранети содржини.
Претходно, неколку странски платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги Епл, Гугл, Тикток и Фејсбук, беа казнети поради слични причини. На пример, руски суд го казни Епл откако компанијата одби да отстрани два подкасти.
Во 2021 година, Фејсбук беше казнет и со 220.000 евра затоа што не ја бришеше содржината што Москва ја смета за нелегална.
Да потсетиме, основачот на Телеграм, Павел Дуров, беше уапсен во Франција во август. Тој потоа беше ослободен, но не му беше дозволено да ја напушти Франција. Покрената е официјална истрага за наводите дека неговата платформа не се обидела да спречи измама, трговија со дрога и ширење на детска порнографија.
Европа
Украинците првпат објавија фотографии: Ова е новата ракета на Путин
Објавени се фотографии од остатоците од новата експериментална руска ракета, која беше пробно лансирана во четвртокот погодувајќи фабрика во Украина.
Украинските власти во четвртокот известија дека фабрика во централниот украински град Днепар била погодена од балистичка ракета со среден дострел. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека лансиорањето на експерименталната ракета „Орешник“ е одговор на употребата на американски и британски ракети, кои се способни да погодат подлабоко во руска територија.
Украинската безбедносна служба вчера на новинарите им ги покажа остатоците од новата експериментална балистичка ракета. Ракетата наречена „Орешник“ (на руски значи лешник), наводно е базирана на интерконтиненталната балистичка ракета „РС-26“, „Рубеж“, и може да носи нуклеарни или конвенционални бојни глави.
Остатоците, кои сè уште не се детаљно анализирани, открија јагленосани остатоци и уништени компоненти. Според безбедносните службеници, деловите им биле прикажани на медиумите пред истражителите да ги извлечат на непозната локација во Украина.