Европа
Франција: Конзервативниот кандидат за претседател Фијон обвинет за проневера на буџетски пари
Кандидатот на десниот центар и конзервативците за претседател на Франција, Франсоа Фијон, е обвинет за проневера на јавните средства за фиктивни вработувања на членовите на неговото семејство, соопшти во вторникот обвинителството.
„Утрово (вторник) беше поднесено обвинението. Расправата за делото беше одржана претходно, како прелиминарно сослушување“, потврдил за AFP, адвокатот на претседателскиот кандидат Антонен Леви.
Неименуван претставник на француското државно обвинителство потврдил за Reuters дека против Фијон е поднесено обвинение.
Покрај оштетувањето на буџетот, Франсоа Фијон е осомничен и за соучесништво и прикривања, како и занемарување на должностите во поднесувањето на податоците за имотната состојба.
Фијон до крајот на јануари важеше за фаворит на конечните избори за нов претседател на Франција, но неговата кампања претрпе удар откако во сатиричниот магазин Le Canard Enchaine беше објавена статија за негови наводни злоупотреби. Во текстот се тврди дека неговата сопруга Пенелопе осум години добивала плата како негов помошник во парламентот. Парите доаѓале од фондовите наменети за исплата на парламентарните служби, а според написот станува збор за сума од 900.000 евра.
Подоцна ваквите обвинувања за фиктивно вработување беа проширени и на нивните два сина на поранешниот премиер. Според споменатиот напис, заработката на децата на двојката Фијон, работејќи како помошници на нивниот татко во францускиот Сенат во периодот од 2005 до 2007 година, изнесувала 84.000 евра.
Ангажирањето на членови од семејствата на должности во парламентот, не е спротивно на францускиот закон, но таквите вработувања не смеат да бидат само фиктивни. Фијон повеќепати истакнуваше дека е невин и тврдеше дека против него е направен обид за „политички атентат“ и оти ќе остане во претседателската трка дури и доколку биде ставен под службена истрага.
Скандалот предизвика и неговите сопартијци да му ја откажат поддршката, и да вршат притисок да се повлече од кампањата во полза, на исто така поранешниот премиер, Ален Жипе, кого убедливо го порази на партиските предизбори ланскиот ноември. Сепак, Фијон остана непоколеблив и не се повлече од кампањата сметајќи дека ужива поддршка кај најголемиот дел од десно ориентираното гласачко тело.
Последната анкета на институтот Ifop, покажа дека 71 отсто од Французите сакаат Фијон да се повлече од претседателската трка. Сличното испитување на јавното мнение кон средината на февруари покажа дека такво мислење имало кај 65 отсто од испитаниците
Во моментов Франсоа Фијон, како кандидат на партијата Републиканци, во анкетите е на третото место, зад челничката на крајно десната партија Национален фронт, Марин Лепен, и непартискиот кандидат на левиот центар на движењето „На маршот“, Емануел Макрон. Изборите кои ќе се одржат на 23-ти април и 7-ми мај /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Голем украински напад врз Русија: Гори рафинерија, пет аеродроми затворени
Синоќа, украински беспилотни летала нападнаа неколку локации во Русија, вклучувајќи ја и рафинеријата за нафта Илски во Краснодарскиот крај, каде што избувна пожар од големи размери.
Локалните жители пријавија повеќе од десетина експлозии, а руските медиуми тврдат дека воздушната одбрана соборила повеќе од 20 беспилотни летала, пишува Украинска правда.
Потврден напад врз рафинеријата
Оперативниот штаб на Краснодарскиот крај го потврди нападот утрово. „Пожар избувна во рафинеријата за нафта Илски како резултат на напад со беспилотни летала. Никој не е повреден.
Резервоар со нафтени производи е оштетен, а пожарот се проширил на површина од околу 700 квадратни метри“, се вели во соопштението. Во гаснењето на пожарот учествувале 72 пожарникари, 21 противпожарна кола и противпожарен воз.
Поради воздушна закана, аеродромите во Краснодар, Сочи и Геленџик ги прекинаа операциите најмалку четири часа. Предупредување за воздушен напад беше издадено и во Новоросијск и Славјанск во Кубан. Телеграм каналите поврзани со руските безбедносни служби објавија дека Краснодарската територија е нападната од беспилотни летала.
Европа
Британија сака да ги забрани социјалните медиуми за лица под 16 години
Велика Британија би можела да воведе забрана за социјални медиуми за деца под 16 години уште оваа година, следејќи го примерот на Австралија и затворајќи ја дупката во законот што ги остави чет-ботовите со вештачка интелигенција надвор од безбедносните правила.
Австралија стана првата земја во светот што ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години во декември, блокирајќи ги од платформи како што се TikTok, YouTube, Instagram и Facebook, а многу други земји го следеа примерот.
Забраните за социјалните медиуми доаѓаат во услови на растечка загриженост за нивното влијание врз здравјето и безбедноста на децата.
Владата на премиерот Кир Стармер минатиот месец започна консултации за забрана за социјални медиуми за деца под 16 години и сега работи на промена на законодавството, така што сите промени можат да се воведат во рок од неколку месеци од завршувањето на консултацијата.
Платформите за социјални медиуми, вклучувајќи ги TikTok, Facebook и Snapchat, велат дека нивните корисници мора да имаат најмалку 13 години за да се регистрираат. Застапниците за заштита на децата, сепак, велат дека контролите се недоволни, а официјалните податоци во неколку европски земји покажуваат дека огромен број деца под 13 години имаат сметки на социјалните медиуми.
Британскиот Закон за безбедност на интернет од 2023 година е еден од најстрогите во светот, но не ги опфаќа интеракциите еден на еден со чет-ботовите со вештачка интелигенција, освен ако тие не споделуваат информации со други корисници, дупка во законот што наскоро треба да се затвори, изјави министерката за технологија Лиз Кендал.
Британија не може да дозволи регулаторните дупки да продолжат откако за законот беа потребни речиси осум години да биде донесен и да стапи на сила, нагласи таа.
Европа
Нова рунда мировни преговори меѓу Украина и Русија; Кремљ: Главното прашање е територијата
Претставници на Украина и Русија ќе се сретнат во Женева денес и утре на нова рунда мировни преговори со посредство на САД, за кои Кремљ вели дека ќе се фокусираат на најгорливото прашање од војната, судбината на украинската територија окупирана од Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Москва и Киев да постигнат договор за завршување на најголемата војна во Европа од 1945 година, а украинскиот претседател Володимир Зеленски се пожали дека неговата земја се соочува со огромен притисок да направи отстапки.
Трамп вчера изјави дека Украина мора да преговара и да постигне договор „брзо“. „Би било подобро Украина да седне на преговарачка маса, и тоа брзо“, им рече американскиот претседател на новинарите во „Ер Форс Уан“ вчера за време на летот за Вашингтон.
Кремљ: Главните прашања се однесуваат и на територијата
Русија бара Украина да ги отстапи преостанатите 20 проценти од источниот регион Донецк што Москва не успеа да го освои, нешто што Киев одбива да го направи. „Овој пат идејата е да се разговара за поширок спектар на прашања, вклучувајќи ги и главните, всушност. Главните прашања се однесуваат и на територијата и на сè друго поврзано со барањата што ги поставивме“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Покрај територијата, Русија и Украина остануваат далеку од своите ставови по прашања како што се тоа кој треба да ја контролира нуклеарната централа Запорожје и можната улога на западните трупи во повоена Украина.
Местото на одржување беше преместено во Женева откако Абу Даби беше домаќин на две рунди разговори што двете страни ги оценија како конструктивни, но не успеаја да постигнат никаков поголем напредок освен размена на затвореници.
Умеров: Се радуваме на конструктивна работа
Женевската рунда се одржува само неколку дена пред четвртата годишнина, на 24 февруари, од целосната инвазија на Русија врз нејзиниот многу помал сосед. Десетици илјади луѓе се убиени, милиони ги напуштија своите домови, а многу украински градови, места и села се уништени од конфликтот.
The Ukrainian delegation has already arrived in Geneva.
Tomorrow, we begin the next round of negotiations in the trilateral format. The agenda has been agreed and the team is ready to work.
We expect constructive engagement and substantive meetings on security and humanitarian…
— Rustem Umerov (@rustem_umerov) February 16, 2026
Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, изјави на Телеграм дека неговиот тим веќе е во Женева и се радува на „конструктивна работа и суштински состаноци за безбедносни и хуманитарни прашања“. Руските новински агенции цитираа извори од воздухопловството кои велат дека руската делегација отпатувала во Женева, предводена од Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин.
Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе ја претставуваат администрацијата на Трамп на разговорите, изјави изворот за Ројтерс. Тие исто така присуствуваат на разговорите со Иран. Зеленски во вечерното обраќање рече дека разузнавачките информации укажуваат дека Русија ќе погоди енергетски цели, додавајќи дека таквите напади го отежнуваат постигнувањето договор за завршување на војната.
Зеленски: Партнерите мора да разберат што прави Русија
„Разузнавачките извештаи покажуваат дека Русија подготвува понатамошни масовни напади врз енергетската инфраструктура, па затоа е потребно да се обезбеди правилно конфигурирање на сите системи за воздушна одбрана“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека руските напади „постојано се развиваат“ и прибегнуваат кон комбинација од оружје, вклучувајќи беспилотни летала и ракети, што бара „специјална одбрана и поддршка од нашите партнери“. „Русија не може да одолее на искушението од последните денови од зимскиот студ и сака болно да ги погоди Украинците“, рече тој. „Партнерите мора да го разберат ова. Пред сè, ова ги засега Соединетите Држави“, рече тој.

