Европа
Францускиот сенат потврди алармантно зголемување на недостигот од лекови
Недостигот од лекови се зголемува со алармантна стапка во изминатите пет години во Франција, од речиси 800 во 2018 година на приближно 3.000 денес, предупреди во средата Соња дела Провоте, претседателката на Истражниот комитет за недостигот од лекови на Сенатот.
Ситуацијата главно се должи на проблемите во набавката на молекули за производство на лекови, од кои повеќето (80-85 %) доаѓаат од Кина и од Индија.
„Во Франција во 2018 година меѓу 700 и 800 лека имаа проблеми во снабдувањето во споредба со 2.500 до 3.000 денес“, рече Дела Провоте.
Министерот за еколошка транзиција, Ањес Пание-Рунашер, која беше министер во индустрија за време на пандемијата на Ковид-19, изјави за време на сослушувањето во сенатот во средата дека „Ковид ја истакна комплексноста и концентрацијата на синџирите на снабдување.“
Во борбата против недостигот од лекови Пание-Рунашер предлага да се гарантира пристап до третмани преку јавниот здравствен систем, безбедно снабдување преку индустријата и поттикнување на иновациите преку регулатива.
„Но, дури и пред реиндустријализацијата треба да ги реинтегрираме вештините – од техничари до инженери и менаџери – за да можеме повторно да бидеме самоодржливи во хемиското производство“, рече таа.
Недостигот од лекови влијае и на другите европски земји, како Италија, која зимава пријави ограничувања во снабдувањето со повеќе од 3.000 лека, од кои 554 воопшто ги немаше.
Сепак, францускиот случај е чуден бидејќи Франција беше водечки производител на лекови во ЕУ до 2008 година, но сега е рангирана на четвртото место по Швајцарија, Германија и Италија, според податоците на Елисејската палата.
Во наредните недели Комитетот ќе го сослуша министерот за здравство Франсоа Браун за да ги оцени неговите мерки во борбата против недостигот од лекови пред да го достави својот извештај во јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Празната украинска амбасада во Москва казнета поради неплаќање струја
Московскиот суд ѝ наложи на украинската амбасада во Русија, која е затворена од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, да плати повеќе од 5,5 милиони рубли, или околу 71.000 долари, за неплатени сметки за електрична енергија. Одлуката е донесена и покрај тоа што зградата на амбасадата е празна откако беа прекинати дипломатските односи, објави Украинска правда, повикувајќи се на руската новинска агенција ТАСС.
Арбитражниот суд во Москва ѝ наложи на украинската амбасада да го плати долгот по тужбата поднесена од Московската обединета електроенергетска мрежа. Една од одлуките наведува дека на амбасадата ѝ е наредено да наплати 3.462.603,63 рубли главен долг, 179.982,05 рубли казни, соодветната затезна камата што почнува од 17 април 2024 година до датумот на фактичкото плаќање и 31.411 рубли државна давачка.
Судот, исто така, ги потврди дополнителните барања на истата компанија во вкупен износ од повеќе од 2 милиони рубли, или околу 26.000 долари, што вклучува и казни и такси за доцнење во плаќањето. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го објави прекинувањето на дипломатските односи со Русија на 24 февруари 2022 година, денот кога започна руската инвазија.
Потоа, украинската амбасада во Москва и конзуларните установи во Русија престанаа да ги извршуваат своите функции. Во април 2023 година, Градскиот совет на Киев го раскина договорот за закуп на земјиште со руската амбасада во украинскиот главен град, а набргу потоа, московските власти го раскинаа договорот за закуп со украинската амбасада.
Европа
(Видео) Моќен напад со дронови врз Одеса: погодена зграда, едно лице загина
Руските сили извршија серија напади со ракети и беспилотни летала врз неколку украински градови во текот на ноќта. Во Одеса, напад со беспилотно летало погоди станбена инфраструктура и загина најмалку едно лице, додека во Киев се слушнаа експлозии од она што изгледаше како напади со балистички ракети, објави „Киев Индепендент“.
Јужниот град Одеса беше цел на тежок напад со беспилотни летала. Украинските воздухопловни сили објавија дека руски беспилотни летала се приближуваат кон градот околу 0:30 часот, а јавниот радиодифузен сервис „Суспилне“ известија за повеќе експлозии.
Шефот на воената администрација на градот, Серхиј Лисак, рече дека избувнал пожар на покривот на висока зграда и дека во нападот е оштетен гасовод. Автомобили биле запалени и во градот. Лисак подоцна потврди дека најмалку едно лице е убиено во нападот со руски беспилотни летала врз Одеса.
Во текот на ноќта, руските сили го нападнаа и Киев, очигледно со балистички ракети. Новинарите на „Киев Индепендент“ објавија дека експлозии се слушнале во главниот град околу 21 часот по локално време, откако беше издадено предупредување за балистичка ракета околу 17:30 часот.
Russia launched a massive drones attack on #Odesa tonight & killed at least one people, turning off heating in multi-story buildings, report said. « No country in the world should be left alone & without assistance under such strikes & in such a war », #Zelensky said. #Ukraine🇺🇦 https://t.co/1Y2Y7Yr8XE pic.twitter.com/0bzNhm28sn
— The Ukrainian Week / Tyzhden (@ukr_week_en) February 9, 2026
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, го потврди нападот, велејќи дека воздушната одбрана работи на пресретнување на ракетите, а властите ги повикаа жителите да останат во засолништа. Веднаш по нападот, барем еден округ на Киев доживеа непланиран прекин на електричната енергија.
Последиците од ракетниот напад врз Киев сè уште не се познати, а нема информации за погодените цели. Украинските воздухопловни сили го укинаа алармот за балистички ракети кратко пред 21:30 часот.
Европа
Зеленски: Русија секојдневно ја напаѓа нашата железничка инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија речиси секојдневно ја напаѓа железничката инфраструктура на Украина, но дека Киев сè уште успева да ја одржи клучната логистика. Тој зборуваше за ова во своето вечерно обраќање, објави „Украинска правда“.
„Важно е клучната логистика да се одржува насекаде. Оваа недела, руската војска речиси секој ден ги таргетира железниците. Денес, во Черниговската област беше извршен целен напад врз воз кој требаше да превезува патници истиот ден“, рече Зеленски, споменувајќи ги неодамнешните напади врз железничката инфраструктура во Харковскиот и Дњепропетровскиот регион. „Би сакал да им се заблагодарам на сите што ги штитат украинските железници и обезбедуваат континуирано и непречено работење на нашите украински железници.“
Украинските железници претходно потврдија дека руските сили извршиле напад врз железничката инфраструктура во Черниговската област во ноќта меѓу 7 и 8 февруари.
Зеленски, исто така, ја нагласи и итната потреба од помош од партнерите, особено во однос на ракетите за воздушна одбрана.
„Ракетите за воздушна одбрана се потребни секој ден. Заштитата од руските балистички напади е потребна секој ден. Денес, балистичките ракети повторно го погодија регионот на Киев. Ниту една земја во светот не треба да биде оставена сама и без помош при вакви напади и во таква војна“, рече тој.

