Европа
Швајцарија со референдум решава за добивањето државјанство на внуците на доселениците

Швајцарците на референдум во неделата се изјаснуваат дали на доселениците од третата генерација ќе им биде овозможено да добиваат државјанства, а според неодамнешните анкети се чини дека резултатот ќе биде тесен.
Поборниците на предлогот да се олеснува добивањето државјанство на лицата родени во Швајцарија, чиишто родители и дедовци и баби, исто така живеат во оваа земја, сметаат дека е смешно да се бара од лица кои се родени и целиот живот таму живеат да докажуваат дека се интегрирани во општеството.
Противниците на предлогот, меѓу кои е и противдоселеничката Швајцарска народна партија (SVP), предупредуваат дека тој податок би им овозможил на муслиманските екстремисти да добијат швајцарски пасоши.
Со референдумот се опфатени потомците на доселениците кои се родени во Швајцарија, помлади од 25 години, најмалку пет години се школувале во Швајцарија, имаат дозвола за престој во земјата и барем еден дедо или баба имаат дозвола за постојан престој.
Ваквите услови ги исполнуваат околу 25.000 млади луѓе во земјата со осум милиони жители.
За да мине овој предлог на референдумот, не е доволно мнозинството гласови, туку мора да го поддржат и повеќето кантони.
Досега одлуката за доделување на државјанство на доселениците од третата генерација им беше препуштена на кантоните,
Во последните триесет години трите претходни обиди да се ублажат строгите правила за добивање државјанство пропаднаа. Овојпат анкетите покажуваат дека резултатот ќе биде тесен. Големите градови ја поддржуваат таа идеа, додека конзервативните рурални области се против неа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Мелони: Пријавена сум во Меѓународниот кривичен суд за соучество во геноцид

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера изјави дека таа и двајца министри се пријавени во Меѓународниот кривичен суд за наводно соучество во геноцид поврзан со израелската офанзива во Газа.
Во интервју за италијанската телевизиска станица РАИ, Мелони рече дека министерот за одбрана Гвидо Кросето и министерот за надворешни работи Антонио Тајани се пријавени во Меѓународниот кривичен суд и рече дека „мисли“ дека тоа се однесува и на Роберто Чинголани, шефот на одбранбената групација Леонардо.
„Верувам дека нема друг случај во светот или во историјата со вакви обвинувања“, рече Мелони.
Таа не прецизираше кој го поднел случајот против неа и министрите.
Меѓународниот кривичен суд истражува, гони и суди лица обвинети за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Италија беше место на серија демонстрации во изминатата недела, при што стотици илјади луѓе излегоа на улиците во знак на протест против масовните убиства во Газа, а многу демонстранти беа насочени кон Мелони.
Нејзината десничарска влада, во голема мера цврст поддржувач на Израел, неодамна се дистанцира од она што го нарекува „несразмерна“ офанзива во Газа, но не прекина никакви трговски или дипломатски врски, ниту ја призна државата Палестина.
Мелони рече дека е „зачудена“ од обвинувањето за соучество во геноцид бидејќи „секој што ја познава ситуацијата знае дека Италија, на пример, не одобрила нови испораки на оружје во Израел по 7 октомври“.
фото: принтскрин
Европа
Путин: Се докажа дека бевме во право во февруари 2022 година

Желбата на луѓето од Донбас и Новорусија да ја поврзат својата иднина со Русија докажа дека одлуките донесени во февруари 2022 година биле правилни, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој го изјави ова отворајќи го состанокот со командантите на групите на сили во Санкт Петербург, пишува ТАСС.
Путин истакна дека фактот што „жителите на тие региони со огромно мнозинство гласаа за својата иднина како дел од Русија ја потврдува исправноста и актуелноста на одлуките донесени на почетокот на војната“.
Рускиот претседател, исто така, потсети дека 30 септември го означува „Денот на повторното обединување“ на самопрогласената Донецка Народна Република и Луганска Народна Република и (делови од) Запорошката и Херсонската област со Руската Федерација.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: 100.000 западни компоненти пронајдени во руски ракети и дронови

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе од 100.000 компоненти произведени во Западот се пронајдени во беспилотни летала и ракети лансирани од Русија во Украина ноќта од саботата кон неделата. Наодите го потврдуваат континуираното присуство на западната технологија во руското оружје и покрај годините санкции.
Руските сили лансираа околу 500 беспилотни летала и повеќе од 50 ракети во голем напад врз Украина, насочен кон населени места низ целата земја, вклучително и оние далеку од линиите на фронтот. Најмалку шест лица беа убиени во нападот, вклучувајќи цело семејство од четири члена, а 18 други беа повредени.
Според Зеленски, беспилотните летала за напад содржеле 100.688 компоненти произведени во странство.
Околу 1.500 компоненти произведени во странство се пронајдени во ракетите Искандер, 192 во балистичките ракети Кинжал и 405 во крстосувачките ракети Калибр, објави Киев Индепендент.
Се вели дека овие компоненти се произведени од компании со седиште во САД, Кина, Тајван, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Јапонија, Јужна Кореја и Холандија.
Зеленски истакна дека украинските партнери веќе имаат детални информации за секоја компанија и секој производ што е вклучен. Тој додаде дека Киев работи и на нови санкции насочени кон поединци и субјекти што ѝ помагаат на Русија.
„Од клучно значење е да се запре секоја шема што ги заобиколува санкциите, бидејќи Русија ги користи сите нив за да продолжи со убивањето. Светот има моќ да го спречи тоа“, рече тој.
фото: принтскрин