Европа
Договор меѓу власта и опозицијата за реформа на уставот, Јанукович иницира предвремени избори и преодна влада
Опозицијата и власт ана Украина се согласија да го реформираат уставот на земјата до септември 2014 година, пренесува во петокот Reuters повикувајќи се на европски дипломатски извор, додека претседателот Виктор Јанукович иницирал одржување предвремени претседателски избори и враќање на уставот од 2004 година што беше едно од барањето на опозицијата.
Според соговорникот на агенцијата, договорот содржи план за уставни реформи кои би ги прераспределиле овластувањата на претседателот во полза на парламентот и владата. Други детали од договорот не се соопштени.
Договорот бил постигнат на преговорите на претставниците на власта и опозицијата со посредство на европските дипломати. Во Киев од четвртокот во посредничка мисијата престојуваат шефовите на дипломатиите на Германија, Франција и Полска, односно Франк-Валтер- Штајнмаер, Лорен Фабиус и Радослав Сикорски, коишто имаа засебни долги и интензивни преговори со претседателот Јанукович и опозициските челници, а потоа во мугрите во петокот повторно имаа заедничка средба на којашто присуствувал и руски претставник. Во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин во Киев во улога на посредник го испрати Народниот правобранител на Руската Федерација, Владимир Лукин.
Претходно администрацијата на украинскиот претседател Виктор Јанукович објави дека преговарачите се согласиле во Киев да биде парафирана договорот за надминување на кризата кој беше планирано да биде потпишан во 12 часот по локално време. Меѓутоа, полскиот премиер Доналд туск, истакна дека нацрт договорот за решавање на внатрешнополитичкиот конфликт во Украина уште не е готов, и сé уште не е договорена конечната верзија.
Според Reuters опозицијата во последен момент сака да направи измени во договорот.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Виктор Јанукович објави дека иницира враќање на уставот од 2004 година со прераспределување на овластувањата во земјата на парламентарната република и формирање влада на национална доверба.
„Ги објавувам чекорите коишто треба да се направат за да се врати мирот и да се избегнат други жртви во конфронтациите. Изјавувам дека иницирам предвремени претседателски избори . Иницирам, исто така, и враќање на Уставот од 2004 година со предавање на овластувањата на парламентарната република. Повикувам на почеток на постапката за формирање влада на национална доверба. Како претседател на Украина и гарант на Уставот ова го правам како свој долг пред народот, пред Украина и пред Господ Бог во името на зачувувањето на државата, во името на спасувањето животи, во името на мирот и спокојството на нашата земја“, се вели во изјавата на Јанукович што ја цитира РИА Новости.
Предлозите за надминување на кризата што ги понуди во петокот претседателот Виктор Јанукович, односно враќање на уставот од 2004 година беше едно од главните барања на опозицијата. Инаку во 2010 година Уставниот суд на Украина ја прогласи уставната реформа од 2004 година како неуставна и го врати највисокиот државен акт од 1996 година и враќање на претседателско-парламентарна република. Со обие тоа, според нив, би се укинала контролата на шефот на државата врз владата и судството.
Што се однесува до предвремените претседателски избори, европските дипломати во Киев во четвртокот изјавија дека Јанукович се согласил за нивно одржување и дека тие би требало да се одржат до крајот на 2014 година, иако редовните се наредната година.
До друга страна, челникот на најголемата опозициска партија Баткившчина (Татковина), Арсениј Јаценјук изјави дека планот за излегување од кризата мора да биде координиран со Мајдан-от, односно ткн парламент што демонстрантите го формираа на Плоштадот на независноста во центарот на Киев каде што протестираат од ланскиот ноември откако властите решија да го суспендираат потпишувањето на Спогодбата за придружување со ЕУ, за што Јанукович кажа дека е резултат на тешката економска состојба на Украина, додека опозицијата, којашто доаѓа од западните региони кои се антируски настроени, го обвини дека ја врти земјата кон Москва.
„Нашето решение, заедничко и едногласно, е во тоа дека е неопходен итен план за излегување од кризата“, изјавил Јаценјук, пренесува УНИАН. Додал дека планот „мора да биде изгласан на Мајдан“. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.
Европа
„Старлинк“ е блокиран за Русите, Украина: Бројот на напади веднаш се намали
Руските сили го намалија бројот на напади на фронтот откако Украина и SpaceX постигнаа договор за блокирање на нерегистрираните сателитски интернет терминали на Starlink. Извори од Генералштабот на вооружените сили на Украина потврдија дека бројот на руски напади во некои области е намален, додека во други сектори тие целосно престанале, пишува Украинска правда.
Според извештајот на Генералштабот објавен вчера во 16 часот, украинските сили регистрирале 56 борбени ангажмани по должината на фронтовската линија од почетокот на денот. Намалувањето на руската активност следува по мерките преземени за ограничување на неовластената употреба на технологијата Starlink.
Експертот за воена радиотехнологија Серхиј „Флеш“ Бескрестнов објави дека руските сили вчера се соочиле со масовен прекин на терминалите на Starlink.
Според него, Русите се жалат дека не можат повторно да ја воспостават врската, што ќе влијае на координацијата на нивните дејства по целиот фронт.
Проблемот стана јавен на 25 јануари, кога Бескрестнов, кој оттогаш стана советник за технологија на министерот за одбрана Михаил Федоров, изјави дека руските сили веројатно го користат Starlink на беспилотните летала Шахид.
Американскиот претприемач Илон Маск одговори на барањето на Федоров за помош во решавањето на проблемот, по што SpaceX презеде контрамерки. Маск на 1 февруари објави дека мерките се чини дека дале резултати.
Федоров потоа извести за постепеното воведување на систем што ќе им овозможи само на овластени терминали на Starlink да работат на украинска територија.
Украинската влада донесе декрет за воведување на таканаречена „бела листа“, што значи дека само потврдени и регистрирани терминали наскоро ќе можат да работат во Украина, додека сите други ќе бидат исклучени.
Европа
Започна вториот ден од разговорите во Абу Даби, Рубио: Има добри и лоши вести
Вториот ден од трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон решавање на војната, започна во главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Ова го објави Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, пренесува Украинска правда.
„Вториот ден од преговорите во Абу Даби започна. Работиме во истите формати како и вчера: трилатерални консултации, работа во групи, а потоа усогласување на ставовите. Резултатите ќе следат“, објави Умеров на Фејсбук.
Коментирајќи го напредокот на разговорите во Абу Даби на 4 февруари, американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека има и добри и лоши вести. Според Рубио, добрата вест е дека списокот на нерешени прашања што постоеја меѓу Украина и Русија е значително стеснет. Украинската делегација подготвува извештај до претседателот Володимир Зеленски за резултатите од првиот ден од преговорите.

Украинската делегација во Абу Даби ја сочинуваат секретарот Рустем Умјеров, шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, и неговиот прв заменик Серхиј Кислица, лидерот на парламентарната фракција „Слуга на народот“ Давид Арахамија, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Украина, Андриј Хнатов, и советникот на кабинетот на претседателот, Олександр Бевз.
Според Умјеров, украинскиот тим во Абу Даби планирал и билатерален состанок со американската страна, претставена од специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Тие требало да разговараат за документ за безбедносни гаранции и план за просперитет.

Трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати се одржуваат по големиот руски напад врз Украина. По последниот напад, претседателот Володимир Зеленски во вторникот изјави дека работата на украинскиот преговарачки тим ќе биде „прилагодена“.

