Европа
Албанија и Црна Гора се подготвуваат за можен мигрантски прилив
Албанија ја зајакна контролата на граничните премини кон Македонија и кон Грција и се подготвува за можен прилив на мигранти, како и Црна Гора, поради опасноста дека бегалскиот бран, кој засега е запрен на грчко-македонската граница, може да се прелее кон овие земји.
Како што во четвртокот објавија албанските медиуми, повеќе од 450 припадници на специјалната полиција се упатена на македонскиот премин Ќафасан кај Струга и на уште четири премини кон Грција, каде што ја контролираат границата и се ставени во состојба на приправност. Албанија, исто така, ги отворила своите три поранешни погранични касарни за евентуално прифаќање на мигрантите.
Црна Гора нема официјални информации дека би можела да стане дел од мигрантската рута, но се подготвува за прифаќање на мигранти и бегалци, изјави во четвртокот на седница на владата, министерката за труди и социјална грижа Зорица Ковачевиќ, додавајќи дека нејзиното и министерството за надворешни работи на дневна основа комуницираат со земјите од соседството и со претставниците на Европската унија.
„Следиме што презема ЕУ и какви препораки дава, така што според сите тие движења и ние преземаме активности“, изјави Ковачевиќ за медиумите по седницата на црногорската влада, додавајќи дека „ситуацијата се менува од ден во ден“.
На прашањето на новинарите дали Црна Гора е подготвена за прифаќање на мигрантите, Ковачевиќ потсети на планот на активности доколку се случи прилив на мигрантите, кој владата го усвои минатата година.
„Ако се случи тоа, владата ќе има посебна седница на којашто ќе разговараме за заклучоците во врска и со евентуалната нова рута низ Црна Гора или евентуално за носење одлуки во врска со границите, како владата во тој случај ќе постапи“, изјави министерката. Ковачевиќ додаде дека се извршени подготовки во врска со можното преминување на мигрантите преку Црна Гора или осигурување сместувања за нив.
Црна Гора соопшти дека во овој момент е подготвена да прифати 10.000 мигранти, а доколку земјите од регионот не ги затворат своите граници, би можела дневно да обезбеди сместување за околу 2.000 мигранти./крај/мф/мн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

