Европа
Алжир ја предупредувал Франција дека се подготвува терористички напад
Алжирските разузнавачки служби ги предупредиле своите француски колеги за претстојни терористички напади во земјата, изјави во петокот навечер главниот уредник на француската телевизија iTele, Лука Манже.
„Таа информација ја добивме неодамна, на 6-ти јануари (вторникот). Разузнавачките служби на Алжир ги предупредиле своите француски колеги за тоа дека терористичка организација се подготвува да изведе операција на територијата на Франција“, изјави Манже во дневникот на неговата телевизија.
Истовремено во петокот навечер францускиот премиер Мануел Валс призна дека се сторени пропусти во антитерористичките активности, истакнувајќи дека со пројави на екстремизмот се соочуваат многу земји во светот.
„Седумнаесет луѓе загинаа изминатите три дена, Во крајна линија тоа е пропуст“, изјави францускиот премиер за телевизијата BFM TV.
„Сепак, зборуваме за стотици луѓе кои заминуваат во Сирија, во Ирак, минуваат терористичка подготовка во тие страни. Кога се враќаат, се спроведуваат апсења, притворувања, проверки“, додаде Валс.
Истакна дела со сличните проблеми се соочуваат и други земји, без разлика на различните мерки за безбедност и заедничката меѓународна соработка. „Се разбира, во системот има пропусти, и ние ќе реагираме“, изјави премиерот.
Претходно во петокот беше објавено дека eден од осомничените за нападот врз редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo во средата во Париз во кој беа убиени 12 луѓе, во 2011-та престојувал во Јемен каде што се сретнал со американскиот државјанин терористот Анвар ал-Авлаки, кој подоцна беше убиен од американските тајни служби, а исто така бил следен и од италијанските безбедносни служби поради регрутирање џихадисти за борбите во Ирак.
Според информациите до кои дошла агенцијата AFP од неименуван извор на висока позиција во разузнавањето во Јемен, Саид Каши бил еден од странските државјани кои во оваа земја дошле за изучување на исламската религија. Сепак, изворот на агенцијата не можел да прецизира дали тој бил обучен во Јемен во еден од тамошните кампови на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
Во четвртокот се појави информација дека 34-годишниот Саид Каши неколку месеци минал во камп за обука на Ал Каеда во Јемен. Неговиот две години помлад брат Шариф пред десет години бил осуден и одлежал една ипол година поради учество во мрежа за регрутирање исламистички борци за борбите во Ирак.
Шариф, исто така, за истите активности бил осомничен и следен и од италијанските безбедносни служби. Во петокот министерот за внатрешни работи на Италија Анџелино Алфано изјави дека еден од осомничените за масакрот во Париз им бил познат на италијанските полициски служби како една од алките во синџирот за испраќање исламски екстремисти во Ирак.
Обраќајќи се пред пратениците во италијанскиот парламент, Алфано прецизираше дека станува збор за 32-годишниот Шариф Каши. „Тој им беше познат исто така и на италијанските безбедносни сили“, рече Алфано, но додаде дека помладиот Каши никогаш не бил забележан на територијата на Италија.
Серијата терористички напади во Франција започна во средата наутро кога двајца вооружени напаѓачи провалија во редакцијата на сатиричниот неделник Charlie Hebdo во 11-от арондисман на главниот грд Париз и притоа извикувајќи „Алаху Акбар“ (Господ е голем) и „Го одмаздивме Пророкот“, алудирајќи на тоа што списанието беше цел на закани и напади од исламските екстремисти поради објавувањето карикатури на пророкот Мухамед, што се смета за навреда на исламот. Убивајќи десет члена на редакцијата и двајца полицајци од обезбедувањето, напаѓачите избегаа со украден автомобил и во петокот беа ликвидирани во местото Демартен-ан-Гоел каде што беа под опсада на полицијата од четвртокот навечер.
Потоа во четвртокот во престрелка во квартот Монруж, маж облечен во панцирен елек и вооружен со пиштол и автоматска пушка застрела двајца сообраќајни полицајци, од кои полициската службеничка почина.
Во петокот во 20-арондисман на Париз, во супермаркет за еврејска кошер храна, двајца напаѓачи земаа во заложништво неколку луѓе, барајќи да биде отстранета опсадата на браќата Каши во Демартен и тие да бидат пуштени слободно да заминат. Полицијата набрзо објави дека грабнувачот е 32-годишниот Ахмед Колибали беше баран поради убиството на полицајката во четвртокот во квартот Монруж. Заедно со него беше барана и неговата девојка 26-годишната Ајат Бумедиен. Во полициската акција за ослободување на заложниците започната речиси истовремено со онаа во Демартен, беше убиен грабнувачот а загинаа и четворица заложници, а најмалку еден полицаец беше ранет./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Професор од Киев: Украина не е подготвена за отстапки
Професорот од Институтот за меѓународни односи Максим Камењецки се јави во живо од Киев на телевизијата Н1, каде што ги опиша тешките услови за живот во украинската престолнина под постојани руски напади и рече дека Украинците не се подготвени да прават отстапки.
И покрај уништената енергетска инфраструктура и екстремно ниските температури, огромното мнозинство граѓани не сакаат да капитулираат.
Камењецки го опиша секојдневниот живот во украинската престолнина. „Доста е тешко да се живее во Киев сега. Целата енергетска инфраструктура од која зависи нормалниот живот е уништена. Во секој даден момент, две третини од градот се без електрична енергија“, рече тој.
„Во мојот дел од градот, кој е најтешко погоден, сме без електрична енергија околу 20 часа на ден, а ја имаме само четири часа. Имаме само ладна вода и слабо греење. Тоа е сè што имаме“, рече Камењецки, додавајќи дека температурите во Киев се околу -20 степени Целзиусови.
„Има снег и е многу ладно. Во мојот стан температурата е околу 16 степени, но во некои е само пет“, додаде тој.
И покрај тешките услови, Каменецки нагласува дека духот на отпорот не е скршен. „Украинците не се подготвени да прават отстапки, што е потврдено со социолошки анкети. Помеѓу 60 и 70 проценти од граѓаните не сакаат Украина да се согласи на капитулација“, нагласи тој.
„Првиот удар врз енергетската инфраструктура се случи на 10 октомври 2022 година. Оттогаш, постојано се бориме да надоместиме за сè што губиме“, рече тој.
Коментирајќи ги руските воздушни напади, Каменецки објасни како се променила нивната тактика. „Русите постојано ги менуваат своите тактики на воздушни напади. Почнаа со беспилотни летала, потоа со балистички ракети, потоа со крстосувачки ракети, а потоа сфатија дека е најдобро да нападнат со сè одеднаш“, рече тој, опишувајќи ја ситуацијата како доста драматична.
Кога го прашаа дали Украина возвраќа, тој одговори потврдно. „Всушност, ова е единствениот начин луѓето во Русија да разберат што е војна и која е нејзината цена. Мислам дека Украина исто така се обидува да ја примени истата тактика – да таргетира цели како руската енергетска инфраструктура“, смета Каменецки.
Тој се осврна и на изјавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан. „Унгарија долго време нема пријателски односи со Украина. Веројатно е тоа историски комплекс што Унгарците го имаат кон сите свои соседи, не само кон нас. Тоа е проблем што се влече од минатото. Орбан го користи овој проблем за да се прикаже пред своите гласачи како заштитник на унгарските интереси, а тоа веројатно му оди во прилог“, рече тој.
Конечно, тој коментираше за преговорите во Абу Даби. „Што се однесува до преговорите во Абу Даби, постигнати се одредени резултати по помали прашања како што е размената на затвореници, но главното прашање за територијата останува нерешено“, заклучи Камењецки.
Европа
Руски дронови погодија станбени згради во Украина, меѓу загинатите мајка и дете
Во нападите со руски беспилотни летала извршени ноќеска загинаа најмалку три лица во источна и јужна Украина, вклучувајќи мајка и нејзиниот 10-годишен син, соопштија во понеделник регионалните власти и обвинителите. Момчето и неговата мајка беа убиени во напад врз станбена зона во градот Боходухив во источниот Харковски регион, соопшти канцеларијата на регионалниот обвинител.
Шест лица се повредени во нападот врз регионот, честа цел на напади во речиси четиригодишната војна што започна со руска инвазија во 2022 година, додаде тој. Во напад со руски беспилотни летала врз јужниот пристанишен град Одеса загина едно лице, а други две беа повредени, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.
Исто така, оштетена е станбена инфраструктура и гасовод, додаде Кипер на апликацијата за пораки Телеграм.
Девет лица, меѓу кои и 13-годишно девојче, се повредени во напад со беспилотно летало во југоисточниот регион Дњепропетровск, изјави гувернерот Олександр Ханжа. Нападот предизвика пожар во трикатна зграда, уништувајќи го покривот, додаде тој.
Европа
Москва: Полска е вмешана во обидот за атентат врз генералот
Руската разузнавачка служба ФСБ тврди дека обидот за атентат врз генералот Владимир Алексеев во петокот бил нарачан од Украинската безбедносна служба. ФСБ, исто така, вели дека полското разузнавање било вклучено во регрутирањето на напаѓачот, објави новинската агенција Интерфакс.
Не се понудени докази за тврдењата. Украина негира каква било вмешаност, додека Полска сè уште не ги коментирала обвинувањата. Во меѓувреме, руските безбедносни претставници објавија дека руски државјанин роден во Украина бил екстрадиран од Дубаи во Москва вчера. Тој е осомничен дека сериозно го повредил генералот Алексеев.
Алексеев, заменик-шеф на ГРУ, руската воена разузнавачка служба, бил застрелан во неговата станбена зграда во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Руските истражители објавија во петокот дека непознат напаѓач испукал неколку куршуми кон генералот и избегал. Според Комерсант, Алексеев бил успешно опериран во саботата и се освестил, но сè уште е под медицински надзор.

