Европа
Аврамопулос: Ова е критичен момент, во прашање се единството на ЕУ и човечки животи
Ова е критичен критичен состанок, бидејќи во прашање се доведени единството на Европската унија и човечки животи, изјави по доаѓањето на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ во Брисел, еврокомесарот за миграции Димитрис Аврамопулос.
„Ова е критичен момент, критичен состанок. Изминатите месеци донесовме заеднички одлуки и сега е време за дејствување. Поединечните иницијативи не водат никаде. Сега на коцка се ставени единството на Европската унија и човечките животи. Се надевам дека министрите денеска со единство ќе одговорат на моите апели. Ова е момент на голема одговорност“, изјави комесарот на ЕУ за миграции, Димитрис Аврамопулос.
Додаде дека времето не е на страната на земјите членки и оти има уште десетина денови до 7-ми март кога ќе се одржи самитот ЕУ-Турција.
Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ во четвртокот во Брисел го започнаа состанокот на кој расправаат за шенгенскиот простор и за мигрантската криза, особено за ситуацијата по должината на ткн западнобалканска мигрантска рута.
Во средата, пак, во австриската престолнина Виена се сретнаа шефовите на дипломатиите на деветте земји на ткн балканска рута, вклучително и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, без грчкиот министер што предизвика многу критики во Атина.
Пред министерскиот состанок на работен појадок се сретнаа министрите или претставници на ресорите за внатрешни работи на Македонија, Австрија, Германија, Грција, Словенија, Србија и Хрватска.
Откако Австрија воведе рестриктивни мерки за влегување на бегалците на нејзина територија, нејзиниот пример го следеа сите земји кои се наоѓаа јужно на оваа мигрантска рута. „Изолираните иницијативи не водат никаде“, повтори во својот коментар Аврамопулос.
Откако македонските власти го забранија влегувањето на мигранти од Авганистан од Грција, откако, пак, претходно српските власти не ги примија да минат на српска територија, па повеќе стотици Авганистанци останаа во прифатниот центар Табановце на северната македонска граница, а Германија започна со депортирање на Авганистанците со образложение дека некои делови од земјата се сигурни и не се под воена опасност, во Грција започна да се задржуваат сé поголем број имигранти.
Поради тоа, грчкиот премиер Алексис Ципрас се закани дека на следниот самит ќе ја блокира секоја одлука, доколку неговата земја биде препуштена на самата себеси во мигрантската криза, и покрај апелите Грција да стори повеќе во контролата на приливот на бегалците од Турција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

