Европа
Берлин и Париз го оценија како „конструктивен“ состанокот во Москва
Средбата на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд во Москва со рускиот претседател Владимир Путин беше „конструктивна и темелна“, изјави ноќта кон саботата портпаролот на германската влада Штефан Зајберт, додека од Елисејската палата оценија дека состанокот бил „суштински“.
„По разговорите од претходната ноќ, коишто сојузната канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ги имаа во Киев, денеска се одржа конструктивна и темелна размена на мислења со рускиот претседател Владимир Путин“, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт, пренесе агенцијата DPA
„Врз основа на предлогот на канцеларката и францускиот претседател, сега ќе треба да се работи над можниот заеднички документ за спроведување на договорите од Минск. Таму се внесени предлозите на украинскиот и на рускиот претседател. Работата на овој документ ќе продолжи. Во недела, ќе се одржи телефонска конференција во таканаречениот ‘нормандски формат’ (Германија, Франција, Украина и Русија, според средбата на челниците на четирите земји во јуни 2014-та на одбележувањето од 70-годишнината од сојузничкото истоварување во Нормандија во Втората светска војна) по оваа тема“, додаде Зајберт.
Разговорите во Кремљ беа „конструктивни и суштински“, изјавиле за AFP извори блиски до францускиот претседател Франсоа Оланд. „Во моментов во тек е усогласувањето на текстот на можниот заеднички документ кој ќе овозможи остварување на одредбите од договорот во Минск“, додале соговорниците на агенцијата.
Таканаречениот Мински протокол од 12 точки, кој го потпишаа претставниците на Киев, од една, и на побунетите рускојазични региони Луганск и Донецк, од друга страна, со посредство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Русија, потпишан на 5-ти септември, меѓу другото предвидуваше прекин на огнот, повлекување на тешкото вооружување од линијата на раздвојување на 30 километри, во длабочина, размена на заробениците по принципот „сите за сите“, како и голем број политички договори со обврската Украина да донесе закон за специјалниот статус за областите во Донецк, што беше подоцна и сторено.
Претходно ноќта кон саботата, по завршувањето на петчасовните разговори во Кремљ, Дмитриј Песков портпаролот на рускиот претседател, за новинарите изјави дека резултатите од состаноците ќе бидат оценети во недела во телефонски конференциски разговор меѓу четворицата челници.
„Врз основа на предлозите дадени од страна на францускиот претседател и германската канцеларка, во моментов се заеднички се работи на подготовка на текстот за можниот заеднички документ за спроведување на договорите од Минск, документ кој ќе ги вклучува предлогот на Украина и предлозите изнесени денеска и на рускиот претседател Путин“, изјави Песков, пренесе агенцијата ТАСС.
Портпаролот на Кремљ рече дека тоа е направено „со цел тој текст и овие предлози да бидат претставени за одобрување на сите страни во конфликтот“, како и дека прелиминарните резултати ќе бидат објавени во недела во телефонскиот разговор на четворицата челници.
И Песков разговорите коишто траеја повеќе пет часа зад затворени врати со само неколку минути пауза за кафе и фотографии и снимки за медиумите, ги оцени како „конструктивни, значајни и суштински“.
Разговорите во Кремљ ги следеа стотици руски и странски новинари, кои имаа желба „од прва рака“ да дознаат за деталите од разговорот меѓу тројцата челници. Сепак, како што пренесуваат агенциите, сите тие имаа можност само две минути да ја слушнат изјавата на портпаролот на Путин, кој притоа откажал да одговара на новинарски прашања.
Оланд и Меркел во петокот доцна попладнето допатуваа во Москва откако претходно во четвртокот вечерта во Киев имаа, исто така, петчасовни разговори со украинскиот претседател Петро Порошенко. Иако пред средбата беше најавена заедничка изјава на тројцата лидери, таква не беше издадена.
Пред патувањето во Москва, Оланд рече дека со Меркел во руската престолнина одат со одредени предлози за решавање на украинската криза, но нивната суштина, исто така, не беше обелоденета. Според сознанијата на британските медиуми, во основа на тој план се ревидираните предлози кои претходно на европските челници им ги претстави рускиот претседател Путин.
Во петокот британскиот магазин Times, повикувајќи се на западни дипломати, пишуваше дека во основа на планираните преговори за решавање на конфликтот во Украина ќе бидат врз основа на иницијативата на Владимир Путин. „Двајцата европски лидери ја носат преработената верзијана деветте точки од мировните предлози од рускиот челник“, беше наведено во написот.
Германскиот магазин Bild пишуваше дека самиот факт што средбата се одржува во Москва, зборува за тоа дека Владимир Путин победил. Весникот посвети внимание на изјавата дадена по средбата во Киев, од портпаролот на германската влада Штефан Зајберт кој меѓу другото рече дека „Сите сакаат мир и тргнуваат од тоа дека Русија, исто така, го посакува“.
Bild, исто така, ја цитираше изјавата на германската министерка за одбрана на Урсула фон дер Лејен, која смета дека решавањето на ситуацијата во Украина нема да биде означено „како брз продор“. „Решавањето на оваа тешка криза нема да биде достигнато со лесно решение“, убедена е челничката на германската одбрана.
Аналитичарот на влијателниот француски магазин L’Obs ја нарече „историска“ иницијативата на Оланд и Меркел. Цитирајќи високи извори блиски до францускиот претседател, авторот сугерира дека мировниот план на европските челници е обид да се пресретне иницијативата на САД кои се обидуваат „да му ја наметнат на целиот Запад својата одлука за доставување смртоносно оружје на Украина“. „Париз и Берлин не сакаат да ја прифатат оваа американска одлука, којашто ја сметаат за премногу ризична“, вели аналитичарот на неделникот./крај/мф/сн
Извор: (TАСС)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

