Европа
Британецот Џулијан Кинг номиниран за еврокомесар за безбедност
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер најави во вторникот дека ќе го именува Британецот Џулијан Кинг за европски комесар за безбедност, задолжен за борба против тероризмот и организираниот криминал, откако неговиот претходник, исто така, Британец Џонатан Хил отстапи од должноста по излегувањето на Велика Британија од Европската унија.
Британски кандидат за Европската комисија ќе биде одговорен за борбата против тероризмот и подобрување на размената на разузнавачки податоци, изјави во врска со номинирањето на Џулијан Кинг, рече претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, што е тешка задача во екот на терористичките напади во западна Европа.
„Ја поздравуваме таа одлука на претседателот на Европската комисија, Безбедноста е витално прашање за сите држави членки и соработката ширум ЕУ може да помогне во подобрата заштита на сите нас од многукратните закани со кои се соочуваме“, изјави портпаролката на британската премиерка Тереза Меј.
Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон го номинираше Џулијан Кинг, британски амбасадор во Франција кој оваа функција ја презема пред пет месеци, за британски претставник во Европската комисија, ќе го замени Џонатан Хил, кој даде оставка откако Британците на 23-ти јуни изгласаа напуштање на Европската унија.
Комисијата, извршното тело на ЕУ, наведе дека безбедноста област на Кинг ќе вклучува воспоставување на тело кое ќе биде европски одговор на тероризмот, организираниот криминал и кибернетички криминал.
Во писмото за неговото именување, Јункер изјави дека би сакал Кинг да ја подобри размената на разузнавачките податоци, „вклучително и низ иницијативи да го развие антитерористичкиот центар на Европол во посилна структура и низ подобрување на системот на ефикасна и интероперабилна размена на информации“.
Именувањето на Кинг сега мора да го поддржат и пратениците во Европскиот парламент.
Јункер разговарал со Кинг на 11-ти јули, и се очекува британскиот дипломат да се појави пред Европскиот парламент на почетокот од есенва.
Кинг веќе извршуваше европска должност во Брисел, особено како шеф на кабинет на двајцата претходни британски еврокомесари, Питер Меанделсон и Кетрин Ештон, во периодот 2008/2009 година. Беше, исто така, и амбасадор во Ирска, членка на ЕУ која можеби и најмногу ќе загуби по излегувањето на Велика Британија. /крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

