Европа
Ден пред трагедијата урнатиот авион имал проблеми со шасијата, хронологија на последниот лет
На авионот „Airbus A320“, кој во вторникот се урна во француските Алпи со 150 патници и членови на екипажот, претходно биле регистрирани технички проблеми, објави во вторникот навечер интернет изданието на германскиот весник Der Spiegel повикувајќи се на „Lufthansa“, компанијата „мајка“ на германската нискобуџетна воздухопловна компанија „Germanwings“
Можеби тоа е причината, забележува весникот, што неколку други екипажи на авионите „Airbus A320“ на компанијата „Germanwings“ во вторникот ги откажаа закажаните летови.
Според информациите на Der Spiegel, авионот имал проблеми со вратата на преградата во која се повлекува трапот со тркалата кон „клунот“ на леталото. Било утврдено дека авионот не е подготвен за полетување и неколку часа бил паркиран на пистата на аеродромот во Диселдорф.
„Меѓутоа, овој проблем целосно бил отстранет и во 10 часот утрото вчера, авионот се врати на извршување на редовните летови“, соопштиле за Der Spiegel од воздухопловната компанија „Lufthansa“.
Авионот „Airbus A320“ кој се урна во јужна Франција, во Алпите, бил испорачан на нарачателот во 1991 година и извршил околу 46.700 часови лет, а во понеделникот бил подвргнат на последниот рутински преглед, изјави, пак, за агенцијата DPA, извршниот директор на „Germanwings“, Томас Винкелман.
Следува хронологијата на последниот ден на авионот, врз основа на информациите добиени од функционери на служби и од воздухопловната компанија.
Во 6,48 часот „Airbus A320“ полетува од Диселдорф со 122 патници на летот кон Барселона. Во текот на летот не се воочени никакви проблеми.
Во 10,01 часот леталото со тесен труп со два мотора полетува од Барселона на враќање во Диселдорф со 26 минути задоцнување.
Во 10,45 часот авионот ја достигнува височината за крстосување, според информациите од „Germanwings“. Во тој период временските услови во областа на летот биле добри.
Во 10,46 часот авионот повторно почнува да се спушта, што трае осум минути и не е договорено со контролата на летањето. Леталото понира околу 900 до 1.200 метри, што се споредува со движење при слетување, објави Flightradar24, специјализиран интернет портал кој дава информации за летовите во реално време.
Во 10,53 часот летот 4U9525 исчезнува од радарите во моментот кога авионот се наоѓал на височина од 1.800 метри. Паднал околу 100 километри северозападно од францускиот град Ница.
Во 11,30 часот аеродромот Диселдорф добил известување дека авионот исчезнал од радарите, изјави портпаролот на аеродромот.
Во 11,55 часот авионот требало да атерира во Диселдорф. Наместо тоа, роднините и пријателите на патниците се сместуваат во заштитените зони на аеродромите во Диселдорф и во Барселона.
Во 13,00 часот Германската сојузна агенција за цивилна воздушна пловидба најави основање кризна група./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украина почнува да го користи американскиот систем „Темпест“
Украина очигледно го распоредила најновиот американски противвоздушен ракетен систем „Темпест“ со краток дострел. Откритието доаѓа од видео објавено од Командата на воздухопловните сили на Украина на почетокот на оваа година, за кое аналитичарите велат дека го прикажува системот во акција.
Командата на воздухопловните сили на Украина го објави видеото како дел од својата новогодишна порака, на кое се гледа одбивањето на воздушен напад без никаква официјална најава или идентификација на новото оружје. Сепак, украинската аналитичка група „Водохраи“ подоцна објави дека видеото всушност го прикажува системот „Темпест“ како пресретнува руски дрон за време на ноќен напад.
Американската одбранбена компанија V2X ја претстави платформата „Темпест“ на изложбата на Здружението на армијата на Соединетите Американски Држави (AUSA) во октомври 2025 година, но трансферот на системот во Украина не е јавно објавен. Противвоздушниот ракетен систем „Темпест“ е дизајниран да се справи со беспилотни летала, хеликоптери и авиони што летаат ниско во сите временски услови.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.

