Европа
Десет полицајци загинаа во чеченската престолнина Грозни
Десет припадници на безбедносните сили на руската кавкаска република Чеченија загинале а уште 28 лица се ранети во антитерористичката операција којашто беше спроведувана во главниот град Грозни, објави рускиот Национален антитерористички комите (НАК) во четвртокот.
Десет припадници на безбедносните сили на руската кавкаска република Чеченија загинале а уште 28 лица се ранети во антитерористичката операција којашто беше спроведувана во главниот град Грозни, објави рускиот Национален антитерористички комите (НАК) во четвртокот.
„Во рамките на антитерористичката операција, пројавувајќи самопожртвување во исполнувањето на своите граѓански и службени должности, загинаа десет припадници на територијалните органи на полицијата и 28 се ранети“, се наведува во соопштението на НАК, што го цитира РИА Новости. Се додава дека оперативно истражните дејности сé уште траат.
Полициски извор за агенцијата ТАСС изјави дека тројца од ранетите се во критична состојба, но не прецизирал дали и колку од ранетите во специјалната операција се цивили.
Во текот на ноќта кон четвртокот, група вооружени лица во три возила и добро вооружени со автоматско оружје прво отворила оган врз контролен пункт на полицијата во чеченската престолнина Грозни, а пота ја нападнала зградата во којашто се сместени медиуми, позната како Дом на печатот, соопштува НАК. Безбедносните сили ја блокирале зградата, како и центарот на градот.
Според Комитетот, во текот на операцијата биле ликвидирани седум напаѓачи, но според некои локални медиуми, неколкумина успеале да побегнат. Според претседателот на Чеченската Република,. Рамзан Кадиров, напаѓачите планирале да изведат голем терористички напад во центарот на Грозни. За тоа според него сведочи, тоа што специјалците успеале да блокираат уште една група вооружени лица во едно училиште во центарот на градот, за која се претпоставува дека се напаѓачите кои успеале да побегнат од Домот на печатот.
Исламистичките бунтовници во Чеченија, каде што живее претежно муслиманско население, досега водеа против Русија две војни, една кон крајот на 1990-те и втората на почетокот од 2000-те години, а во меѓувреме изведуваа големи терористички напади во училиштето во Беслан, во театар и во подземната железница во Москва.
Повеќе стотици припадници на руските безбедносните сили и речиси илјада исламистички бунтовници се убиени од 2012 година на рускиот Кавказ каде што исламистите прогласија Емират Кавказ, а се наоѓаат нестабилните република, Чеченија, Дагестан, Ингушетија. И покрај многуте акции за нивно неутрализирање, регионалните власти нагласуваат дека „бунтовниците и натаму привлекуваат нови членови”.
Русија се обидува да ги уништи милитантните групи во Северен Кавказ, додека истовремено спроведува програми за заживување на локалната економија. Кремљ ја заврши својата еднодецениска кампања против сепаратистите во Чеченија во 2009 година каде од 1994 година се регистрирани на сите страни вкупно 250 илјади жртви, но сé уште се бори против преостанатите милитантни групи кои не прифаќаат примирје во Чеченија и околните републики, во прв ред Дагестан и Ингушетија.
Од 2010 година на територијата на Северен Кавказ, забележано е значително зголемување на активностите на милитантите. Руските севернокавкаски републики, а особено Дагестан, Чеченија и Ингушетија, се соочени со драматичен пораст на активностите на милитантите, при што напади на полициските и федералните службеници се пријавуваат речиси секојдневно../крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

