Европа
Дождови и поплави во централна Европа, петмина мртви
Големи дождови зафатија делови од Франција, Германија и Австрија, при што четири лица загинаа, патишта се отсечени, луѓето чекаат помош на покривите, а училиштата од среда се затворени
На југо-источната граница на Германија со Австрија, во покраината Баварија, пожарникарите и другите итни служби имаат премногу работа, а граѓани постојано пријавуваат отсечени патишта и однесени мостови. Некои жители спас од невремето најдоа на покривите од своите куќи.„Поплавите дојдоа толку брзо што луѓето мораа да избегаат на покрив“, вели портпаролот на регионалната полиција на Долна Баварија, додавајќи дека многу улици се нeпроодни.Во градот Трифтерн, околу 50 деца и 25 возрасни останаа заробени во училиштето откако водите што надојдоа го отсекоа објектот.Во Австрија пак, силни дождови има во регионот на Салцбург, каде се поплавени неколку патишта, а неколку училишта во четврток се затворени.Пет тела се најдени во Франција и во Германија, во среда, од кои три заедно во куќа во Германија. Тројцата биле заробени во куќа во Симбах на југот од Германија, а локалните власти и полицијата објавија дека можно е да има уште луѓе заробени во приземјето. Уште едно тело на жена е најдено неколку километри подолу.Телото на 86-годишна жена е најдено како плива во куќа во централна Франција, делови од земјата кои со слична поплава биле погодени пред 100 години.Во еден случај во јужна Баварија, итните служби спасиле 20 членови на школска група кога брод кој пловел по реката Реген, бил зафатен од бурата.Во невремето кое трае неколку денови, уште четворица загинаа а десетици беа повредени во јужен Баден – Вуртемберг, меѓу неделата и понеделникот.Прогнозата за времето за Франција во четврток е лоша, со тоа што има предупредувања од уште дождови.Во Париз, многу шеталишта во близина на реката Сена се затворени поради надојдените води, а според градските власти се очекува нивото ан водата да порасне уште за еден метар.Противпожарните служби добиле 10.000 повици низ целата земја откако почнаа дождовите во неделата.Училиштата се затворени а илјадници луѓе се евакуирани во централните региони поради поплави, кои според Meteo France се „неочекувани, и полоши од поплавата во 1910 година“.Премиерот Мануел Валс во четврток ќе го посети Немурс, 80 км од Париз, каде граѓаните беа евакуирани откако реката Лоинг ги проби насипите.„Во последните 60 години не сме виделе вакво нешто“, вели еден продавач во Немурс. „Центарот на градот е потполно под вода, а дуќаните уништени“.Во соседниот регион Лоар, каде се наоѓа и познатиот замок Шамборд, дождовите што наврнаа во три дена, се колку просекот за шест недели./крај/тл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

