Европа
Два случаи на детска парализа во Украина

Две деца во југозападна Украина се парализирани по инфекција со вирусот полиомиелитис, кој е предизвикувач на детската парализа., што се првите случаи во Европа од 2010 година, извести во средата Светската здравствена организација (СЗО- WHO), којашто со години води светска кампања за искоренување на ова заболување.
Во соопштението на СЗО се истакнува дека Украина е особено загрозена од потенцијално избувнување на оваа болест, поради недоволната вакцинација. Во 2014 година, имено, во оваа земја чиј исток е зафатен од воени судири, само 50 отсто од децата добиле целосна доза од вакцината против детската парализа и другите слични болести.
Случаите на детска парализа забележани во Украина се резултат на мутираниот вирус во вакцината. Имено, многу ретко вирусот мутира во сој кој резултира со нови случаи на болеста.
Опасноста од натамошно ширење на болеста во земјата е многу висока, но ризикот од нејзино проширување во соседните земји, Романија, Полска, Унгарија и Словачка е многу низок, се наведува во соопштението на СЗО.
За полио, коешто го разорува нервниот систем и може да предизвика парализа само неколку часа по заразувањето со вирусот, не постои лек.
Глобалната кампања за вакцинација даде резултати и болеста претежно е искоренета во светот. Годинава случаи на детска парализа се регистрирани само во Пакистан и Авганистан, каде што ултраконзервативните групи го попречуваат вакцинирањето и извршија повеќе смртоносни напади врз медицинските екипи и волонтери од хуманитарните организации, кои спроведуваа вакцинација во зафрлените области на двете земји./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Макрон: Нема разговори за прекин на воената помош за Украина за време на прекинот на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да се согласи да ја суспендира воената помош за Украина, дури ни за време на евентуално 30-дневно примирје.
„Нема предуслови. Испораките на оружје за одбрана и отпор на Украина нема да престанат“, рече Макрон, обраќајќи се до претседателот Володимир Зеленски.
Тој додаде дека доколку Русија не се придржува до предложеното примирје, таа мора да ги сноси последиците. „Во тој случај, ќе следат нови, посилни санкции и дополнителна поддршка за Украина. Треба да подготвиме нов пакет санкции – тоа не смее да биде рутинска мерка, туку нешто многу порешително“, нагласи тој.
Макрон претходно беше прашан што ќе сторат Украина и нејзините сојузници доколку Русија побара прекин на воената помош како услов за прекин на огнот. Кремљ повеќе пати ја отфрли идејата за едномесечно примирје, тврдејќи дека Западот ќе го искористи за дополнително вооружување на Украина.
Европа
Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа американскиот план за 30-дневен прекин на огнот во Украина и ѝ се заканија на Русија со „масовни“ санкции доколку не го почитува договорот.
„Слушаме многу контрадикторни изјави од Европа. Тие генерално се од конфронтациска природа и не се насочени кон обид за обновување на нашите односи. Ништо повеќе од тоа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според Интерфакс.
Европа
Зеленски: Имаме добар договор со Америка, помошта не запира

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев и САД постигнале „многу добар договор“ за продолжување на воената соработка. „Можеме да сметаме на американска поддршка, не само од владата, туку и од приватниот сектор“, рече тој.
Тој особено ја истакна улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Трамп не ја запре испораката на воена помош или размената на разузнавачки информации, што е клучно за одбраната на нашето небо. Тој не ги укина санкциите против Русија. Веруваме дека тој ќе продолжи да ја поддржува Украина.“