Европа
Еден загинат и 10 ранети во експлозија во ресторан во Германија

Еден човек загинал, а десет се ранети во експлозија во ресторан во центарот на германскиот град Ансбах во покраината Баварија, пренесуваат медиумите повикувајќи се на локалната полиција.
Агенцијата BNO News јавува за единаесет настрадани, а таква информација добила и агенцијата РИА во телефонска изјава од портпаролот на локалната полиција.
Градоначалникот на Ансбах, Карда Зајдел, изјавил дека властите веруваат оти во ресторанот била активирана експлозивна направа, пренесува агенцијата Reuters.
Портпаролот на министерството за внатрешни работи на Баварија, исто така, за новинарите рекол дека се чини оти експлозијата е „намерен чин“ а не случајност. „Во моментов ние претпоставуваме дека не станува збор за случајност“, рекол.
Претходно медиумите објавија дека најверојатно станува збор за експлозија на гас, но официјална потврда за таа информација нема.
Центарот на градот е блокиран од специјалните полициски сили. Инцидентот се случил во близна на областа во која изминатиов викенд се одржува музички фестивал, пишува Suddeutsche Zeitung. Последната фестивалска вечер била прекината и околу 2.500 посетители биле евакуирани.
Според портпаролот на полицијата, експлозијата одекнала околу 22.15 часот на улицата „Пфарштрасе“, и на местото на инцидентот работи криминалистичката полиција.
Полициски и спасувачки екипи работат во текот на ноќта, а според впечатокот на медиумите станува збор за операција од широки размери. Баварскиот министер за надворешни работи Јоахим Херман е на пат кон градот, според неговиот портпарол.
Ансбах се наоѓа во германската федерална земја Баварија, околу 40 километри од Нирнберг, и околу 150 километри северозападно од Минхен.
Засега други поединости не се соопштени./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.