Европа
ЕУ бара можност за суспендирање на Шенген на две години, и осигурување на македонско-грчката граница
Министрите за внатрешни работи на Европската унија ја повикаа во понеделникот Европската комисија да подготви правна и политичка основа за можно воспоставување на граничните контроли во рамките на шенгенскиот простор на период до две години, за разлика од вообичаените шест месеци, како и да се испита можноста дали Фронтекс може да помогне во обезбедувањето на границата меѓу Македонија и Грција, истовремено кога европските напори да се контролира мигрантската криза имаат малку ефект.
Министрите за внатрешни работи на 28-те земји членки на Европската унија се собраа во понеделникот на неформална средба во Амстердам, под претседавање на холандскиот министер за миграции Клаас Дијкоф, чијашто земја претседава со Советот на ЕУ во првото полугодие од 2016 година.
Дијкоф по средбата за новинарите изјави дека министрите се согласиле околу барањето до Европската комисија да ја подготви предлошката за користењето на членот 26 од Законикот за шенгенските граници. Тој член ја предвидува можноста за воведување на контролата на внатрешните граници и до две години, доколку постојат сериозни недостатоци на надворешните граници на Шенген просторот.
Под притисокот масовниот прилив на имигрантите во Европската унија досега шест земји воведоа привремени гранични контроли. Граничната контрола на внатрешните шенгенски граници може привремено се воспоставуваат во случај на безбедносни закани и поради вонредни настани, а може да трае до три месеца, со можност да биде продолжена на уште три месеца. Меѓутоа, во сите тие случаи на еднострано дејствување, членките на Шенген мора за тоа да ја известат Европската комисија и другите членки, како и да ги наведат причините кои ги навеле на тој потег.
Германија би сакала да ја продолжи можноста за контролата и до две годни, а за тоа треба да докаже дека постојат трајни недостатоци на надворешните граници на Шенгенскиот простор.
Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, исто така на ЕК „ѝ дадоа јасен сигнал да испита дали може европската агенција за граници Фронтекс да помогне во осигурувањето на границата меѓу Македонија и Грција“, изјави Дијкоф.
Во ЕУ изминатите денови се зголеми притисокот врз Грција да почне ефикасно да ја контролира својата граница со Турција. Најдалеку во тој притисок отиде Австрија, чијашто министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер ја предупреди уште еднаш во понеделникот Атина дека надворешната граница на шенгенскиот простор би можело да се премести кон средна Европа, доколку таа не обезбеди ефикасна контрола на својата граница со Турција.
„Доколку не успееме да ја осигуриме надворешната граница на ЕУ, грчко-турската граница, надворешната граница ќе се придвижи кон средна Европа. Мит е дека грчко-турската граница не може да се контролира. Грчката морнарица има доволно капацитети за обезбедување на таа граница“, изјави австриската министерка Лајтнер по доаѓањето на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ во Амстердам.
Лајтнер и минатата сабота преку медиумите ја предупреди Грција дека е можно нејзино „привремено исклучување“ од шенгенскиот простор, доколку не ги отстрани недостатоците во контролата од надворешните граници, но тогаш беше критикувана од шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер оценувајќи го како „псевдо решение“.
Споменатиот член 26, кој досега не е користен, дозволува воведување надзор на внатрешните граници до две години во една или повеќе членки, на дел или по должината целата надворешна граница на шенгенскиот простор доколку има сериозни недостатоци на надворешните граници на просторот.
Споменувањето на овој член силно одекна, бидејќи може да се толкува и како можноста за привремено исклучување на Грција од шенгенскиот простор или како можност за создавање таканаречен „мини шенген“.
За да се активира членот 26, прво ЕК мора да даде оцена на земјата членка со проблематична надворешна граница и да ѝ препорача мерки кои треба да ги преземе. Тогаш земјата членка има рок од три месеца да ги спроведе препораките, а во спротивно може да биде активиран членот 26.
Привременото суспендирање на шенгенските прописи кое го воведоа Австрија и Германија истекува во мај, и за да може тоа да биде продолжено на две години потребно е целиот процес да биде започнат три месеца порано, што значи веќе во февруари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

