Европа
ЕУ подготвувa системски контроли во Шенген и за државјаните на ЕУ
Во рамките на мерките за борба против тероризмот коишто ги подготвува Европската унија се наоѓа и предлогот за системски контроли на пасошите при влегување во Шенгенскиот простор и за државјаните на ЕУ, што досега не беше случај, како и построга контрола на надворешните граници на ЕУ, според неименувани извори од Брисел.
При влегувањето во Шенгенската зона во моментов систематски се прегледуваат документите на сите патници, државјани на земјите надвор од Европската унија, додека за европските граѓани постојат засебен сообраќајни ленти и специјални шалтери на кои нема системски, туку само случајни контроли на патниците.
По исламистичките терористички напади од 7-ми до 9-ми јануари во француската престолнина Париз, ЕУ започна со подготовка на низа мерки за борба против тероризмот. Така, следната седмица, односно на 29-ти и 30-ти јануари во Рига ќе се соберат министрите за внатрешни работи на 28-те земји членки на ЕУ на неформален состанок, а ќе разговараат за тоа како да се спротистават на тероризмот. Повторно за тоа ќе разговараат и министрите за надворешни работи на 9-ти февруари, а челниците на ЕУ на самитот на 12-ти февруари.
Европската комисија во средата најави дека во мај годинава ќе ги претстави новите безбедносни стратегии за периодот од 2015 до 2020 година, како и дека клучниот елемент во таа стратегија ќе биде прифаќањето на законот за употреба на податоците за патниците во воздушниот сообраќај (PNR), законот за заштита на податоците и засилување на контролата на Шенгенскиот простор.
Координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Белгиецот Жил д’ Кершов подготвил за тие состаноци низа предлози во документ кој дојде до повеќе агенции. Во тој документ самата Шенгенска зона не се доведува во прашање, како едно од најголемите достигнувања и вредности на ЕУ, но за да тоа и остане така се наведува дека мора да се засили контролата на нејзините надворешни граници. „За да се сочува Шенген и истовремено високото ниво на безбедност, контролата на надворешните граници на Шенген мора да бидат засилени“, се наведува во документот кој го цитира Hina.
Се наведува, исто така, дека работата над ова би започнала, под покровителство на Комисијата која се однесува до побрзата контрола на движењето на европските државјани преку шенгенската граница, би требало што побрзо да биде завршена. „За таа цел, земјите членки неопходно е поекстензивно да ги контролираа и проверуваат некои патници врз основа на објективни, конкретни критериуми, коишто ќе го почитуваат лесното минување на границите, основните слободи и безбедносните барања“, се наведува уште во цитираниот документ.
Новите мерки може позначително да се почувствуваат во земјите од регионот, кои иако членки на ЕУ се надвор од Шенгенската зона, како Бугарија, Романија и Хрватска којашто има и воедно најдолга надворешна граница на ЕУ.
Жил д’ Кершов во својот документ предложил уште бројни мерки кои, меѓу другото, вклучуваат и справување со радикализирање, особено преку социјалните мрежи, за да се детектираат и отстранат содржини кои повикуваат на тероризам. Како што објави во средата Reuters повикувајќи се на истиот документ, Европската унија би требало да ја разгледа можноста интернет компаниите да ги принуди да им помогнат на безбедносните служби да ги дешифрираат кодираните пораки во електронската пошта и комуникацијата во рамките на новата стратегија во борбата против терористичките напади.
Една од предложените мерки и е и јакнење на дијалогот со муслиманските верски водачи поради спречувањето на се’ поизразената појава за радикализирање на младите лица./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

