Европа
Францускиот претседател Оланд нема да се кандидира за втор мандат

Францускиот претседател социјалистот Франсоа Оланд,кој има историски голема непопуларност кај своите сонародници, изјави во телевизиското обраќање во четвртокот дека нема да се кандидира за вториот мандат на изборите пролетта 2017 година.
„Свесен сум за ризикот кој би го предизвикала мојата одлука којашто околу себе не би собрала голем број луѓе. Покрај тоа, одлучив дека нема да се кандидирам на претседателските избори“, изјави актуелниот француски претседател Франсоа Оланд во четвртокот вечерта во говорот пренесуван од Елисејската палата, а агенцијата забележува за „големата несигурност“ во неговиот глас во текот на подолгиот говор во кој се задржа на односите во Европа, социјалната и економската состојба во Франција, односите со САД….
Шеесет ди двегодишниот Франсоа Оланд, беше избран во 2012 година во трката со челникот на конзервативците и дотогашен шеф на државата Николас Саркози, со оваа одлука станува првиот француски претседател по 1958 година нема да се кандидира за вториот мандат, со исклучок на Жорж Помпиду кој почина за време на мандатот во 1974 година.
Анкетите се многу поразителни за Оланд, чијашто поддршка падна подолу од 10 отсто доколку би се појавил во првиот круг од изборите следната година. Неизвесноста којашто владееше во врска со неговата одлука за кандидатурата, поттикна повеќе други кандидатури во францускиот левичарски кампус.
Социјалистичкиот претседател последните месеци наидуваше на силно спротиставување во сопствениот табор, и тоа до почетокот на 2016 година во врска со планот за реформата на законот за работни односи кој е критикуван дека го олеснува отпуштањето на вработените и оти ги фаворизира работодавачите, што предизвика долготрајни масовни протести ширум земјата со стотици илјади демонстранти.
Мандатот на Оланд, одбележан со неколку воени операции во странство, како Мали Централноафриканската Република, Ирак, Сирија…, беше истовремено и мандат на најлошите терористички напади во Франција по Втората светска војна, со вкупно 238 мртви, и тоа само од трите напада врз редакцијата на магазинот Charlie Hebdo во Париз во јануари 2015 година, на 13-ти ноември истата година во Париз и Сен Дени, и во Ница на 14-ти јули 2016 година./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.
Европа
(Видео) Украинците уништија руско складиште за муниција, се шири снимка од огромна експлозија

Украина очигледно извршила напад врз руско складиште за муниција во градот Карцизк во окупираниот дел од Донецката област на 2 јули, објавија и руски и украински Телеграм канал.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои наводно се гледаат моќни експлозии во близина на магацинот за кој се тврди дека се наоѓа источно од рускиот окупиран град Донецк.
Украинската војска не го коментираше нападот, а во моментов нема информации за обемот на штетата.
💥Just now: strike reported on the Russian ammunition depot on Khartsyz'k. pic.twitter.com/o33onaTPWF
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) July 2, 2025
Украинската војска редовно напаѓа воени цели на територијата окупирана од Русија, како и длабоко во Русија, во обид да ја ослабне способноста на Москва да води војна против Украина.
Вечерта на 30 јуни, Украина слично започна напад врз командниот пункт на 8-та комбинирана армија на руските вооружени сили во рускиот окупиран дел од Донецката област. Според неофицијални информации, нападот бил извршен од британски крстосувачки ракети со долг дострел од типот Storm Shadow.
Russian ammunition depot in Khartsyzk https://t.co/VkenrZaEV1 pic.twitter.com/ktxSlOzcCd
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) July 2, 2025
Со месеци, Русија ја фокусираше својата офанзива врз градот Покровск во Донецката област, кој е под постојан напад, а во последно време сè повеќе се обидува да ги пробие украинските линии кон соседната Дњепропетровска област – регион кој досега не беше погоден од борбите.
Европа
Убиен украински командант; Зеленски: Ќе одговориме за овој напад

Во руски ракетен напад врз Хуљајпоље во областа Дњепропетровска беше убиен командантот на 110-та посебна механизирана бригада на Украина, Сергеј Захаревич, а ранети се уште 30 други, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руската војска го нападна вчера округот Камјански, каде што се наоѓа селото Хуљајпоље, соопшти гувернерот Сергеј Лисак. Хуљајпоље, со население од околу 1.200 жители пред војната, се наоѓа во западниот дел на областа Дњепропетровска, на околу 70 километри од линијата на фронтот.
„Секако ќе им одговориме на Русите за овој напад“, објави Зеленски, додавајќи дека во моментов е во тек истрага за рускиот напад и дека чека извештај од воената команда.
Захаревич дипломирал на Одесскиот институт на копнените сили. Во февруари оваа година, тој беше назначен за командант на 110-та посебна механизирана бригада. Пред тоа, тој беше заменик-командант на 33-та механизирана бригада.
Тој учествуваше во неколку борбени мисии на фронтот. „Нашата армија изгуби уште еден претставник на новата генерација украински офицери кои пораснаа во битка и станаа модели на храброст и проактивно воено лидерство“, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.